1008 hPa
81 %
9 °C
Скопје - Пон, 09.02.2026 11:59

Плакатот со кој се повикуваше на бојкот на првенството.
Годината е 1978, во Аргентина трае guerra sucia (валкана војна), воената хунта е разуздана, ги прогонува левичарите, синдикалците, студентите. Земјата е домаќин на Светското фудбалско првенство. Диктатурата има намера првенството да го искористи за пропаганда и за глобално пеглање на имиџот. Во месеците што му претходеа на првенството режимот го замолкна секое несогласување со власта во земјата, но меѓународните организации ја критикуваат земјата домаќин, иако ФИФА поради тоа не ги менува плановите.
Сомнежи за местење натпревари постоеја уште пред почетокот на турнирот, а на другите репрезентации им беше јасно дека режимот ќе направи сè за да ја протурка аргентинската репрезентација и поради вртоглавите трошоци да се биде домаќин на турнирот и поради легитимирањето на диктатурата. Изградени се три нови стадиони, три стари се обновени, воспоставени се пет прес-центри, подобрен е системот на јавен превоз. Исчистен е дел од сиромашните населби во Буенос Аирес, десетици илјади луѓе се деложирани со возови надвор од градот. Покрај еден од главните автопати е изграден огромен бетонски ѕид за да се сокрие погледот кон сиромаштијата. Имајќи ја предвид ФИФА и нејзиниот business as usual, Амнести интернешнел сфати дека поттикнувањето бојкот на првенството можеби нема да успее, па наместо тоа покрена кампања во која на спортските новинари им сервираше докази за суровоста на режимот, со слоганот „Фудбал да, тортура не“.
Во Париз, пак, беше основан Одборот за бојкот на Светското првенство во Аргентина (COBA), кој во пресрет на првенството организираше протести и јавни трибини. COBA воспостави мрежа од повеќе од 200 локални одбори низ цела Франција. Слични кампањи покренаа организации во Холандија, Данска, Италија, Западна Германија, Шпанија, Шведска и САД. Официјалното лого на првенството беше прилагодено – топката заврши во далечината на бодликавата жица на концентрационен логор. На плакатите за бојкот пишуваше „Против диктатурата во Аргентина, бојкотирајте го Светското првенство 1978“, како и „Нема фудбал во концентрациони логори“. Хунтата одговори со ангажирање на американската ПР-компанија Burson-Marsteller, која го осмисли слоганот „Ние, Аргентинците, сме чесни и хумани“.
Ниту една репрезентација на крајот не го бојкотираше првенството. Се прошири глас дека големата холандска ѕвезда Јохан Кројф нема да игра за репрезентацијата поради бојкот, но се покажа дека Кројф не заминал на првенството затоа што тој и неговото семејство биле под полициски надзор по обидот за киднапирање во Барселона. Единствениот играч што го бојкотираше првенството беше германскиот репрезентативец Пол Брајтнер. Додека протестите продолжуваа низ светот, продолжуваше и турнирот.
Аргентина мина низ „групата на смртта“ победувајќи ги Унгарија, Франција и Италија, со помош на поволни судиски одлуки. Откако во финалето ја победи Холандија, воените генерали го прогласија триумфот за целосен. Диктаторот Хорхе Рафаел Видела се фалеше со „совршената организација на исклучително важен настан“, кој „му покажа на светот на што е способна силата и верата на аргентинската јавност, обединета во постигнувањето заедничка цел“.
Протестите низ светот сепак посеаја зрно меѓународна солидарност, а ја засилија и дискусијата за проблематичноста на ФИФА како организација. И двете – со мака посеаните зрна на меѓународната солидарност и ФИФА како фино пружена рака на репресивниот и трул глобален систем – се меѓу нас и половина век подоцна.
Извор: https://sdf.hr/