За соништата (прв дел)

20.01.2026 12:53
За соништата (прв дел)

 

Ништо што припаѓа на нашиот внатрешен живот не може вистински да се изгуби.
— Фројд, Толкувањето на соништата


Местата често се третираат како личности.
— Фројд, Толкувањето на соништата (1900)

 

Во оваа лекција детално ќе ја разгледаме теоријата на Фројд за толкувањето на соништата, темелниот камен на психоанализата. За Фројд, сонот е „кралскиот пат“ кој води кон несвесното, бидејќи овозможува маскирано исполнување на потиснатите желби. Толкувањето на соништата е затоа вредна алатка за пристап до латентните мисли и за откривање на несвесните психички конфликти.

Првичнaта книга, инаугуралната, „Толкувањето на соништата“, нè запознава со концептите на несвесното, скриените желби и потиснатата сексуалност. Објавена е на почетокот на 20-тиот век и годинава одбележува 125 години. Денес нејзиното влијание е присутно насекаде и може да се забележи во психологијата, уметноста, литературата и кинематографијата. Инспирирала редици уметници, особено надреалистите како Салвадор Дали, Рене Магрит, Бретон (кој го измислил автоматското пишување после читањето на Фројдовите дела), како и филмаџии: Хичкок бил страстен фројдовец, на пример. Гледајте го Spellbound со Ингрид Бергман и Грегори Пек. Во филмот се анализира сон на пациент со амнезија. Уметничката визуелизација на оваа онирична сцена е создадена од Салвадор Дали — тоа е еден од првите примери за влијанието на Фројд врз филмот.

Во едно прекрасно писмо до Флис, Фројд ја нарекува својата книга „Толкувањето на соништата“ — „моето онирично дете“. Ова дело е изразито лично, дури и автобиографско. Има аспект кој е научен, бидејќи работи со многу раната невронаука од неговото време, а истовремено е и лично експозе, оти Фројд морал да ги користи сопствените соништа за да ги докаже своите идеи и метод.

Книгата делумно наликува и на роман (можеби и сапунска опера) од Виена на крајот на 19-ти и почетокот на 20-ти век. Фројд во тоа време се чувствувал многу изложен, оти сите се знаеле меѓу себе; тешко се зачувувала доверливоста меѓу колегите, пријателите, пациентите кои пренесувале, оговарале, скандализирале… и сето тоа е присутно во книгата. На почетокот од книгата Фројд ја разгледува сета дотогашна мисловна традиција за соништата. Почетокот е како вид речник: што ни вели религијата за соништата, што велат другите науки, што вели народната психологија...

Она што Фројд сакал да покаже е дека соништата се „кралскиот пат“ до несвесното, и дека постои цела логика и организација на умот која не ја познаваме, но која можеме да ја насетиме од нашиот соновен живот.

***

Денес ги имаме писмата, објавени посмртно, што Фројд ги пишувал до својот ментор Флис, кој ја имал улогата на негов квази-аналитичар. Низ писмата ја читаме Фројдовата самоанализа во процесот на пишување на „Толкувањето на соништата“. Во нив се гледа сета работа што морал да ја изврши на самиот себе: пишува за својот срам, за депресијата, хистерија, за својот гнев кон пациентите, гневот кон себе… Фантастично е што во вакви околности успеал да ја напише оваа монументална и првична книга.

Читајќи, добиваме впечаток дека Фројд се соочува со својот длабок срам за тоа што пишува нешто толку „бесмислено и апсурдно“. Во едно од писмата до Флис вели: „Ќе станам предмет на потсмев, пишувајќи ја оваа книга за соништата… Се подразбира дека треба да бидам лекар, а јас ќе испаднам целосна будала, глупак, покажувајќи им ја оваа будалеста содржина на мојот ум и обидувајќи се да ја проповедам важноста на несвесниот живот и соништата пред научната јавност.“ Неговата способност да издржи срам и осуда е извонредна, па можеби и тоа е дел од силата на оваа книга.

„Толкувањето на соништата“ е книга што дефинитивно ја променила парадигмата низ која го перцепираме и обмислуваме светот, а и себеси, и која пронашла свој пат во колективното несвесно.

***

Кои се елементите на сонувањето? Во нашиот соновен живот ги обработуваме дневните фрустрации, кои потоа се врзуваат со искуства, сеќавања и мрежи на асоцијации што се протегаат длабоко до нашето најрано ментално искуство.

Фројд разликува два вида содржина на сонот: манифестната содржина — нарацијата на сонот запомнета и раскажана од сонувачот, и латентните мисли —несвесните желби изразени на затскриен начин во сонот. Меѓу овие две содржински нивоа дејствува „работата на сонот“, која ги трансформира латентните мисли во манифестна содржина преку различни механизми: кондензација, поместување, претстава и секундарна ревизија.

Кондензацијата е процес при кој неколку латентни мисли се кондензираат во еден манифестен елемент. Еден детаљ од сонот може да се однесува на мноштво значења, компресирани и стопени. Фројд го дава примерот со „сонот за инјекцијата на Ирма“, каде што ликот на Ирма кондензира неколку женски фигури (пациентка, ќерка на Фројд, пријателка). Повеќе за овој сон ќе прочитате во следната лекција.

Поместувањето е механизам преку кој психичкото нагласување се префрла од важен елемент на латентните мисли на привидно неважен детаљ од манифестната содржина. На тој начин емоционалниот интензитет се пренесува на заменски (супститут)-претстави, кои изгледаат безначајни, но всушност носат голем полнеж од несвесен афект. Во „сонот за детето кое гори“ вознемиреноста поврзана со смртта на внукот е поместена врз навидум наивната реченица: „Тато, зар не гледаш дека гори(ам)?“ Во секојдневните соништа честопати суштината на сонот може да биде поместена во некој безначаен детаљ, и затоа психоаналитичарите обрнуваат внимание на навидум небитното, страничното.

Претставата е процес при кој латентните мисли се преведуваат во визуелни слики во манифестната содржина на сонот. Зборовните претстави се трансформираат во претстави на предмети, според логика управувана од примарните процеси (кондензација, поместување). Фројд зборува за „ребус“ за да ја нагласи пиктографската природа на сонот, кој открива несвесни мисли во фигуративна и загадочна форма.

Секундарната ревизија е механизам што се случува при будењето и има за цел да ѝ даде кохерентност и разбирливост на соновната нарација. Латентните мисли, управувани од примарни процеси, подоцна се преобликуваат за да се интегрираат во наративна структура поусогласена со логиката и реалноста. Секундарната ревизија е форма на рационализација што ја маскира неконзистентната и нелогична природа на сонот.

За да се создаде сон потребен е таканаречен „остаток од денот“ — нешто што го фрустрирало сонувачот или имало влијание врз него во текот на денот, а што подоцна го провоцирало сонот. Сепак, дневните свесни фрустрации (на пример, кавга со шефот) треба да се поврзат со нешто несвесно, за да имаат сила и енергија да создадат сон кој ќе може да се запомни и потоа евентуално анализира.

Според Фројд, во несвесното не постои време – барем не онака како што го доживуваме во секојдневието. Тоа значи дека сè може да постои истовремено. Минатото, сегашноста и иднината се наоѓаат во ист простор. Баналниот „остатокот од денот“ и древната потисната слика се огледуваат и поврзуваат во сега и овде.

Зошто соништата се толку живи? Зошто се толку емоционално набиени, силни и интензивни, на начин на кој будната реалност често не е? Секако, и реалноста може да биде таква, но не постојано. Важен аспект што Фројд го поврзува со несвесното е она што тој го нарекува „перцептивна реалност“. Со тоа сака да каже дека не стигнува до свеста сè што доживуваме. Пред едно искуство да стане свесно, мора да помине низ многу „патеки“ и филтри. Затоа, она што е поблиску до самата перцепција — до првичното, непосредното доживување — е токму несвесното. Тоа е поинтензивна, засилена, речиси психоделична реалност. Тоа е и реалноста што ја среќаваме во соништата — згуснат, длабок слој на доживување.

За Фројд, толкувањето на сонот значи да се „одврзе работата на сонот“ и да се трасира патот од манифестните елементи до латентните мисли. Се работи за „размотување на сноповите“ на сонот, преку слободни асоцијации од секој детаљ, за да се откријат неговите несвесни значења. Толкувањето напредува преку асоцијации, следејќи ги синџирите на означувачи што водат од манифестните кон потиснатите претстави. Фројд нагласува дека толкувањето секогаш е само делумно и никогаш не завршува, оти сонот е многузначно-определен (overdetermined), односно содржи мноштво значења кои никогаш не се исцрпуваат. Од друга страна, според Фројд, секој сон има точка на апсолутна енигма, неодгатливост и опскурност, која Фројд ја нарекува „папок“. Според Лакан, во „папокот на сонот“ удираме во Реалното, и тука застануваме со секое толкување.

За Фројд секој сон (дури и кога навидум и убедливо делува како кошмар, казнувачки сон, и слично) е реализација на несвесната желба. Во нашата работа пациентите често чекаат да кажеме: „Раскажи ми за твоите соништа! или, Сонуваше нешто деновиве?“ Соништата се толку изненадувачки и чудесни, начинот на кој пробиваат низ сите наши не толку важни размислувања за себе; се движиме рутинизирано низ денот и потоа имаме сон — кој превртува сè наопаку, и создава уметник од обичниот сонувач. Во аналитичката средба сонот е добредојден дар за двајцата, и за психоаналитичарот и за пациентот.

Токму таа својственост на дар или настан е многу важна во анализата. Доаѓаме на сесија и имаме можност да зборуваме, а она што го кажуваме се случува токму тогаш. И толку. Си заминуваме и сето тоа е завршено. Секоја ноќ сонуваме — и треба да го зграпчиме сонот кој при будењето ни се извлекува низ умствените прсти како жива кал. Треба да го зграпчиме и да чуеме што ни кажува во тој момент, оти ќе исчезне. Не значи дека подоцна нема да имаме друга шанса, но тој миг, на еден конкретен сон, е единствен миг. Несвесното се отвара, и за миг се затвара. Пулсира… отвореност… затвореност… и ние, психоаналитичарите, работиме со оваа жива, пулсирачка машина.


Фотографиите се од филмот Spellbound (Alfred Hitchcock,1945)

Слични содржини

Психологија / Теорија
Психологија / Живот
Психологија / Живот / Теорија
Психологија / Живот / Теорија
Психологија / Култура / Теорија

ОкоБоли главаВицФото