1008 hPa
81 %
9 °C
Скопје - Пон, 09.02.2026 11:59
Добро да ме воспитаат
Куп луѓе околу мене итаат,
Книги и весници читаат
За сè да ме испитаат.
Најважно во животот е, претпочитаат,
На пристојно дете да му честитаат.
Не било умно, ниту во ред,
Да не ја слушам мама
Или некој човек сед,
Да не почитувам ред,
Да бидам блед,
Да бидам мршав,
Да бидам бушав...
Каде сум ‒ не се знаело,
и тоа премногу траело
и на нивните нерви влијаело.
Постојано сум пречел,
По улици сум се влечел,
Сум се бунтувал и испитувал,
Авторитет не сум почитувал.
Цел живот вака ме пецкаат,
Со зборови околу мене ѕвечкаат
Вода у очи и поим сум немал,
Работите не сум си ги спремал,
Раце не сум миел,
Слабо сум спиел,
Не сум смеел да одам бос,
ниту да копам нос,
Сум бил тапчо,
Сум бил глупчо...
Добар не сум бил никогаш
И никакви шанси немало
Да се поправам некогаш.
Грдо зборуваат, до зла бога,
Работава била врвка, тревога,
Време било за мерка построга.
Ете, бамборат за мене секакви ѕврчки
И после се чудат, такви смуртени,
Зошто имаат страшни брчки!
Превод: П. В.
Младен Кушец (1938 – 2020) - хрватски поет, раскажувач, публицист и новинар. Во Загреб завршил основно училиште, гимназија и Филозофски факултет. Дипломирал југославистика во 1963 година. Работел на телевизија и радио, и во книжевноста, особено детската. Во 1963 година се вработил како новинар во тогашното Радио Загреб. Осмислил и реализирал бројни емисии кои стекнале голема популарност и меѓу младите и меѓу возрасните. Бил уредник на Образовната и детската програма на Хрватското радио од 1989 до 1994 година. Од 1963 година бил член на Хрватското новинарско друштво, а од 1968 година и на Друштвото на хрватските писатели. Починал на 2 ноември 2020 година, на 83 години.