1008 hPa
81 %
9 °C
Скопје - Пон, 09.02.2026 11:59

Во „Портрети на другарите“ сараевскиот лирик Изет Сарајлиќ, опишувајќи ги последните часови на писателот Исак Самоковлија, вели при крај: „Ние сме добар, меланхоличен, нежен, сентиментален, суров и крајно себичен народ.“
Во времето додека беше жив Василие Поповиќ – Цицо, ние бевме такви кон него. Но и тој, Цицо, помакедончен Црногорец и свој меѓу свои – театарски и филмски сценограф, карикатурист, илустратор, акварелист, анегдотичар – беше некаков: благ, добронамерен, со прав ’рбет, жесток неконформист, без молба во зборовите и гласот, потсмевлив кон лагите, полтронството, снобизмот, глупоста. Немаше ни стил ни среќа да застане во редот на оние сликари на кои веселите дни им ѕидаа ателјеа и домови.
До својата смрт Цицо остана да биде хроничар на Скопје со карикатурата. Подалеку од центарот на градот, во малиот и разнебитен стан во населбата Пролет.
Се сеќавам на нашите ноќни прошетки крај Вардар. „Што си ти“, го прашував, „хроничар–засмејувач или хроничар–исмејувач?“ Чекореше, секогаш со запалена цигара меѓу два прста. „Ни едното ни другото“, говореше, „јас само го барам сокриеното во човекот.“ Но јас знаев што е. Тој, очајнички осамен, претставуваше богатство на нашиот живот, претставуваше смеа – пчелина боцка, коприви, лековита илузија.
.jpg)
(...)
– Јас сум едно денес – велеше Цицо. – Не се замислувам на трпезата на иднината, дури ни како салвета.
Ни како салвета?! Дали ја паметите неговата повоена карикатура на АСНОМ? Револуционерно собрание што заседава во тврдина, а во револверските футроли на неговите членови: кројачки игли или искривени, разнебитени, нефункционални пиштоли. А се сеќавате на некои карикатури–портрети? Шопов љубено гледа канарка на дланка, во времето кога ја донесе интимната лирика. Петре Прличко, брзајќи од театар на филм и од филм на театар, разбркува патем со весла петли и кокошки на некаков крстопат Париз – Штип. Блаже Конески во одежда на црковнословенски просветител. Димитар Ќостаров како скаменет кип во светата ложа директорска на театарот. Димитар Митрев ги јаде книгите како сендвичи, со таков израз што е очигледно дека се жртвува да ја спаси, според својата увереност, земјичката од лажен авангардизам. Гане Тодоровски и Бранко Варошлија, првите здружени супер-критичари на мојот роман „Две Марии“, кога на плоштадот, пред офицерскиот дом, чекаат со прачки и во куси панталони, две девојки. Димитар Кондовски во поза на горд барон, во фрак со петлов опаш. Мето Јовановски како мал трубач во редот на „реалистичкото“ крило.
.jpg)
(...)
Ги паметам грчовите на неговото лице кога наеднаш ќе се свиткаше во кафеана. Желудник, срце, бубрези. „Моето тело е удобен хотел за сите болештини“, со темна насмевка говореше. Очите му беа натопени со треска, на челото му бабреше жила. Кафе и цигари, после сода бикарбона и цигари, густо, рафалски, едноподруго. И анегдоти.
Еднаш в бар, кога стариот боем Прешо Дишленковиќ соопшти весело и без причина дека му е син на Али Баба (според еден филмски наслов), Цицо го пресече – Зошто не признаеш, ти си му дедо на Али Баба. Сурова балканска игра. Морничав хумор – колепка и на мрак и на смеа.
.jpg)
Фрагменти од текст во списанието „Современост“, 1965, бр. 9