Жолт картон за Усје

22.01.26 16:11

Вчера, поголема група револтирани граѓани и еколошки активисти одржaа мирен протест на раскрсницата на булеварите „Србија“ и „Борис Трајковски“, во правец кон Усје, односно во непосредна близина до кружниот тек пред влезот на Цементарата. Главната порака на собирот беше итно запирање на загадувањето на воздухот и поголема транспарентност во работата на индустриските капацитети во градот.

Учесниците на протестот ги истакнаа следниве неколку барања до менаџментот на фабриката и до државните институции: итна модернизација на филтрите и воведување на 24-часовен независен мониторинг на емисиите; ревизија на А-интегрираната еколошка дозвола за да се утврди дали се почитуваат стандардите за согорување на отпадот; зголемени инспекциски контроли од страна на Државниот инспекторат за животна средина, без претходна најава.

Со транспаренти како „Сакаме да дишеме“, „Усје убива“ и „Здравјето пред профитот“, граѓаните го блокираа влезот на камионите во кругот на фабриката.

„Ова повеќе не е прашање на политика, туку на опстанок. Скопје со децении е во врвот на најзагадени градови, а Кисела Вода го чувствува најголемиот товар од овој оџак,“ изјави еден од присутните активисти.

Протестот го фотографираше Небојша Гелевски.