1008 hPa
81 %
9 °C
Скопје - Пон, 09.02.2026 11:59

И дури кога ќе го согледаме човекот преку неговото несвесно, онака како што тоа се открива низ неговите соништа, ќе можеме целосно да го разбереме. ‘Ние сме тоа што сме оти сме биле тоа што сме биле.’
— Фројд, Толкувањето на соништата (1900)
Фројд ја конструирал новата дисциплина, психоанализата, низ трите први големи дела: „Толкувањето на соништата“, „Психопатологијата на секојдневниот живот“, односно фројдовските лапсуси, и „Шегите и нивната врска со несвесното“. Многу луѓе забораваат дека психоанализата започнува со соништата, шегите и лапсусите, најважните таканаречени „формации на несвесното“, покрај симптомите. Фројд сакал да создаде сосема нова наука; сакал да создаде нов медицински третман и нова идеја за тоа што значи да се има психа. И започнал со соништата, шегите и лапсусите.
„Толкувањето на соништата“ е напишана прва, во 1900-та година. Секоја од трите книги почнала со она што тој го нарекува „иницијален/инаугурален пример“. Тој разгледувал различни шеги и грешки, како и многу свои соништа, но секогаш пронаоѓал еден пример преку кој целосно демонстрирал како функционира неговиот метод. Овие примери се исклучително значајни и раскажуваат интригантна приказна за човек кој стои на работ на откритијата што ги направил, пред да измисли цела дисциплина, притоа користејќи го сопствениот ум и живот, и сопственото несвесно, за да го постигне сето тоа.
Фројд во овој процес на самоанализа и пишување сокривал многу работи, и историчарите подоцна внимателно го анализирале секој детаљ — што точно не кажува, што е скриено меѓу редови, и што се случувало во неговиот живот во тој период, нешта што денес ни се познати.
.jpg)
Својот „инаугурален сон“ Фројд го нарекува „примерок-сон“, и го анализира целосно. Во тој „сон од 23–24 јули 1895 година“. Фројд вели:
„Голема сала, многу гости што ги примавме; меѓу нив беше и Ирма. (Ирма била негова пациентка.) Веднаш ја одведов настрана, да ѝ одговорам на писмото, и ја прекорив оти уште не го прифатила моето решение. Реков: ако уште имаш такви болки, тоа е твоја вина. Таа ми одговори: кога би знаел какви болки имам сега во грлото, во желудникот и во стомакот, задушувачки. Се вознемирив и ја погледнав. Изгледаше бледо и подуено, и си помислив дека веројатно ми промакнува некаква органска болест. Ја одведов до прозорецот и ѝ го погледнав грлото, а таа се опираше, како жените со вештачки заби. Помислив дека нема потреба од тоа. Потоа таа правилно ја отвори устата и од десната страна најдов голема бела дамка. На друго место забележав обемни белузлаво-сиви красти на некои необични, свиткани структури, кои очигледно беа моделирани според завршните коски на носот. Го повикав д-р М. и тој го повтори прегледот и го потврди наодот. Д-р М. изгледаше поинаку од вообичаено: блед, одеше со куцање и брадата му беше избричена. Мојот пријател Ото сега стоеше крај неа, а пријателот Леополд ја перкутираше преку фустанот и рече дека има затапена област долу лево. Тој исто така посочи дека дел од кожата на левото рамо е инфилтриран. И јас го забележав тоа, и покрај облеката. М. рече: „Нема сомнеж дека станува збор за инфекција, но ништо страшно; ќе фати дизентерија и отровот ќе се елиминира“. Веднаш станавме свесни за потеклото на инфекцијата: не многу одамна, кога таа се чувствувала лошо, пријателот Ото ѝ дал инјекција од препарат со пропили — пропионска киселина, триметиламин. „Пред себе ја видов формулата, испечатена со крупни букви. Такви инјекции не треба да се даваат непромислено, а веројатно и шприцот не бил чист.“
.jpg)
Што се случува во овој сон? Една од првите работи што Фројд ја покажува е дека, за да се анализира сон, мора да се земе секој поединечен детаљ и со него да се направат асоцијации. И го прави токму тоа. Се добиваат, на пример, напишани шест страници асоцијации за секој аспект од сонот. Она што е фасцинантно е дека, откако ќе се добие целата слика на анализата — сите мисли, сите сеќавања, сите ситни фрагменти што стојат зад сонот — се добива многу мал сон и огромен текст. Токму тоа го заинтересирало: кондензацијата и експанзијата коишто се дел од работата на сонот. Но како сонот, низ својата работа, го зема целиот материјал и го кондензира во нешто што во суштина е слика? Целиот тој симболички материјал се собира во една слика низ еден фасцинантен чин на умот.
Следното што го гледаме во неговите асоцијации е дека сонот започнува со оваа огромна сала, нешто многу просторно. Тој ги пречекува сите, сите доаѓаат, тој е лекарот. Потоа фокусот се стеснува на една фигура — Ирма. Ја носи до прозорецот, остануваат само тој и таа. Тој ѝ вели: „Кој е проблемот? Сè што не е во ред со тебе е твоја вина. Престани да ме обвинуваш. Престани да се жалиш.“ А таа вели: „Јас сум во сериозна неволја.“ Прво ги гледаме Фројд и Ирма во салата, па Ирма и внатре нејзината уста. Интересно е тоа просторно сведување — од огромната сала за пречек до внатрешноста на телото на оваа жена, неговата пациентка.
.jpg)
Подоцна, додека размислува за Ирма, тој си поставува прашање: „Зошто ја избрав Ирма во сонов?“ И вели дека вистинскиот поттик за овој сон е фактот што неговиот пријател Ото (денес знаеме дека тоа е Otto Rank) претходниот ден му рекол: „Таа уште не е доволно подобрена“. Фројд ја лекувал во тоа време.
Тоа го налутило. Налутен е и оти се наоѓа во позиција каде што неговиот авторитет како лекар е поткопан, бидејќи Ирма е пријателка на пријател, исто така лекар. Плус е семејна познаничка на семејството Фројд. Тоа не е добра позиција ако некој треба да биде психоаналитичар. Има премногу социјални врски во поширокиот контекст во кој работи, премногу притисок. Не може да работи на начинот на кој му е потребно. Неговиот авторитет е компромитиран. Има друг лекар во сонот кој му вели: „Што правиш? Твоево не функционира“.
Во сонот сфаќа дека повеќе ја претпочита пријателката на Ирма, која исто така ја лекувал — таа била подостапна, посоработлива, повеќе се препуштала на процесот. А во асоцијациите е и неговата сопруга, која во моментот на сонувањето е бремена и неодамна имала болки во стомакот. Така Ирма всушност е кондензација од три жени: Ирма, нејзината пријателка и сопругата на Фројд. Имате три жени и три мажи во сонот.
.jpg)
Тука се д-р М. (за кој денес знаеме дека е Бројер, многу почитуваниот тогашен ментор на Фројд), Леополд и Ото. На машките фигури во сонот Фројд им се свети — самиот го заклучува ова во анализата на сонот — така што ги сонува како прават некаква медицинска грешка (На пр. Ото во сонот дава погрешен лек на пациентката, што низ асоцијациите го носи Фројд до негова дамнешна пациентка која вистински починала поради погрешно препишан лек од Фројд, пациентка за која Фројд сеуште носел огромно чувство на вина, и која го имала истото име како неговата ќерка која подоцна починала од шпанскиот грип; коинциденција која Фројд ја чувствувал како судбинска освета, и која се пробива низ содржините на сонот). Ова е сон на освета и оправдувања за лекарски одлуки и грешки.
Сонот е совршено структуриран околу две тријади, поставени едни спроти други. Во него среќаваме болни жени и лекари кои се обидуваат да ги излечат, наводно, „болните жени“, а Фројд стои меѓу нив. Прашањето што си го поставил Фројд во сонот е: дали нешто медицински не е во ред? Дали можеби лекот е органски? Дали станува збор за инфекција или за нешто друго?
Тоа „нешто друго“ всушност е психичкиот живот: станува збор за јазикот, за говорот, за сексуалниот живот. За телото кое не е нешто што само биолошки живее или умира, туку нешто што живее и посакува и кое, во процесот на умирање, за Фројд е исполнето со прашања за сексуалноста и сексуалната желба. Можеме да го замислиме Фројд кој, на работ на конструирањето на новата научна дисциплина — психоанализата — стои во средината меѓу тие тријадни фигури, обидувајќи се да ја задржи својата психоаналитичка позиција, силно оспорувана од колегите околу него.
Фројд се обидува да ја задржи својата позиција токму во моментот кога се обидува да ја „роди“ новата наука, пишувајќи ја оваа наизглед будалеста и чудна книга за соништата — со која ја отвора целата психоаналитичка сага. И вели: пред вас ја ставам целата своја вознемиреност, целата своја желба да бидам оној што може да ја излекува Ирма, спротивставен на оние кои велат дека тоа што го правам е апсурдно. Јас стојам пред вас!
.jpg)
Низ сонот тој постојано ја брани својата позиција, сака да покаже дека е невин, и во текот на анализата на сонот ја нарекува својата одбрамбена стратегија прилично духовито, „котелска логика“ (ketologic). Вели дека целата одбрана на сонот го потсетила на одбраната на човек обвинет од соседот дека му го вратил позајмениот котел оштетен. Обвинетиот тврдел: прво, дека го вратил неоштетен; второ, дека котелот веќе имал дупка кога го позајмил; и трето, дека воопшто никогаш не позајмил котел од тој сосед. Било кое од овие тврдења би го ослободило.
На сличен начин, Фројд во сонот се обидува да се ослободи од чувство на вина и обвинување, со низа себеисклучувачки оправдувања, и се обидува да се позиционира самостојно, наспроти недовербата на најблиските колеги. Во „Толкувањето на соништата“ има и еден друг интересен сон во кој тој прави дисекција на сопственото тело. Тој вели: „Ова е книгата-душа-тело; јас овде ја дисецирам својата душа пред сите вас за да докажам во што верувам кога станува збор за тоа што значи некој да се излекува“.
Подоцна, психоаналитичарот Жак Лакан за сонот за Ирма ќе каже — воздигнувајќи го до највисоко ниво — дека „ова е пренос преку Фројд кон вековите на идните аналитичари. Ова е најважниот сон. Ова ќе биде сонот на сите соништа за сите психоаналитичари што допрва ќе дојдат.“
.jpg)
Лакан ни го кажува и следнаво: „Фројд е тврд орев. Тој многу работел врз самиот себе. Повеќето луѓе, во моментот кога би ѕирнале во устата на оваа жена и би го виделе тоа ужасно нешто што личи на нос, што тече, бело и одвратно, би се разбудиле во паника, би рекле: доста е, морам да станам и да си продолжам со денот. Не можам да размислувам за вакви ужасни работи“ („Егото во теоријата на Фројд и во психоаналитичката техника“, Лакан, 1954-55). Во соништата секогаш кога ќе дојдеме до точката на апсолутна анксиозност, кога ќе го видиме Реалното, како на пример опачината на нашето лице, ние се будиме. Но, Лакан нè потсеќа дека „Фројд во тој момент не се буди, продолжува да сонува и успева да оди малку подалеку, затоа што веќе работел на себе.“
Лакан вели за Фројд: „Тој гледа во месото од кое извира сè, во самото срце на мистеријата. Месото, токму затоа што страда, е безоблично; а неговата форма, сама по себе, е нешто што предизвикува вознемиреност. Ти си тоа — нешто што е толку далеку од тебе, нешто што е крајната безобличност. Фројд наидува на ова откровение токму со кулминацијата на својата потреба да открива и да знае, потреба која дотогаш се изразувала преку дијалогот на егото со објектот.“
Значи, Фројд во моментот кога го сонува својот „инаугурален сон“ сака да биде лекар, сака да биде „добар човек“, сака да биде невин, сака да знае, сака луѓето да веруваат дека тој знае, сака да се докаже. И, според Лакан, наидува на нешто што му вели: „Ти си ништо!“ Во тој миг се раѓа психоанализата.
.jpg)
Фотографиите се од филмот Spellbound (Alfred Hitchcock,1945)