1008 hPa
81 %
9 °C
Скопје - Пон, 09.02.2026 11:59

„Ајкулите да беа луѓе“, го прашала господинот Којнер малата ќерка на неговата газдарица, „дали би биле попристојни кон малите риби?“ — „Секако“, рекол тој. „Ајкулите да беа луѓе, ќе изградеа во морето големи сандаци за малите риби, полни со секаква храна, растителна и животинска. Би се погрижиле сандаците секогаш да имаат свежа вода, и воопшто би преземале разни санитарни мерки. На пример, ако некоја рипка ја повреди перката, веднаш би ѝ ставиле завој, за да не им умре предвреме на ајкулите. За да не бидат рипките тажни понекогаш ќе се организираат големи водени фешти, оти веселите рипки имаат подобар вкус од тажните.
Се разбира, во тие големи сандаци ќе има и училишта. Таму рипките ќе учат како да пливаат кон устата на ајкулите. На пример, ќе треба да знаат географија, за да ги најдат големите ајкули кои негде си лежат и безделничат. Најважна би била, јасно, моралната едукација на рипките. Тие ќе учат дека најголема и најубава работа е рипката радосно да се жртвува, и дека сите риби треба да им веруваат на ајкулите, особено кога тие велат дека ќе се грижат за добрата иднина. На рипките ќе им се објасни дека таа иднина ќе биде обезбедена само ако научат да бидат послушни. Пред сè, тие ќе мора да се чуваат од ниските, материјалистички, егоистички и марксистички тенденции, и веднаш да им пријават на ајкулите ако некоја рипка покаже такви тенденции.
.jpg)
Ајкулите да беа луѓе, ќе водеа и меѓусебни војни, за да освојуваат туѓи рибни сандаци и туѓи рипки. Војните би ги воделе нивните сопствени рипки. Би ги учеле рипките дека меѓу нив и рипките на другите ајкули има огромна разлика. Рипките, како што е познато, се неми, но тие молчат на различни јазици и затоа не можат да се разберат меѓусебно. На секоја рипка која во војна ќе убие неколку други непријателски рипки кои молчат на друг јазик, ќе им закачат мал орден од морска трева и ќе им доделат титула херој.
Ајкулите да беа луѓе, се разбира, би постоела кај нив и уметноста. На убави слики забите на ајкулите ќе бидат претставени во чудесни бои, а челустите како прекрасни забавни паркови за игра и брканици. Театрите на морското дно ќе прикажуваат како храбри рипки со возбуда пливаат во челустите на ајкулите, а музиката ќе биде толку убава што рипките ќе им се препуштаат на тие сонливи и пријатни ритми, водени од оркестарот, во цели јата влегувајќи во челустите на ајкулите.
Би имало и религија ајкулите да беа луѓе. Таа би учела дека рипките почнуваат вистински да живеат дури во стомакот на ајкулите. Понатаму, ајкулите да беа луѓе, сите рипки немаше да бидат исти. Некои би добиле позиции и би ги надгледувале другите. Понекогаш поголемите би можеле дури да ги изедат помалите. Тоа би им било пријатно на ајкулите, оти самите би добиле поголем залак. Поголемите рипки на позиции би се грижеле за редот, би станувале учители, офицери, инженери за изградба на сандаците и така натаму. Накусо, дури тогаш би имало култура во морето, кога ајкулите би биле луѓе.“
(Календарски приказни, стр. 176—179)
.jpg)
Слики: Chris Buzelli
Превод: П. В.