Закана за цивилизацијата

26.01.2026 02:02
Закана за цивилизацијата

Внатрешната и надворешната политика на Трамп – од обидот за пуч пред пет години, преку упадот во Венецуела минатиот викенд, до новите закани кон Куба, Колумбија и Гренланд – ги поткопуваат внатрешното и меѓународното право. Но тоа не е сè. Тие го загрозуваат она што го подразбираме под цивилизација.

Моралната цел на цивилизираното општество е да ги спречи посилните да ги напаѓаат и експлоатираат послабите. Во спротивно, би биле трајно вовлечени во сурова војна во која би можеле да преживеат само најспособните и најмоќните.

Овој принцип е во срцевината на основачките документи на Америка – Декларацијата за независност, Уставот и Повелбата за правата. Тој е и суштината на повоениот меѓународен поредок што го промовираа САД, вклучително и Повелбата на ОН, со акцент на мултилатерализмот, демократијата, човековите права и владеењето на правото.

Но тоа е кревок принцип, кој лесно го крши секој што сака да ја злоупотреби својата моќ. Зачувувањето на тој принцип подразбира моќните да имаат доволно интегритет да се воздржат од краткорочни победи, а ние останатите да ги повикаме на одговорност доколку не се воздржат.

Секојпат кога побогатите и помоќните – луѓе, корпорации или држави – ги напаѓаат и експлоатираат послабите, ткаенината на цивилизацијата почнува да се кине. Ако таквата агресија не се заузда, ткаенината се распаѓа. Ако не се запре, светот се струполува во хаос и војна. Веќе се случувало.

Живееме во општество и во свет обележани со нееднаквости. Концентрацијата на политичката и економската моќ е поголема од кога било. Тоа ги поттикнува моќните да ги експлоатираат послабите зашто се чувствуваат семоќни.

Богатството на Илон Маск, Џеф Безос, Марк Закерберг, Лари Елисон, Чарлс Кох и уште неколкумина е речиси неразбирливо. Влијанието на големите технолошки и нафтени компании, како и на најголемите воздухопловни и одбранбени корпорации се протега низ поголемиот дел од светот. Вештачката интелигенција веројатно уште повеќе ќе ги централизира богатството и моќта. Деструктивната моќ на САД, Кина и Русија нема преседан во човечката историја.

Благодарение на кукавичките републиканци во Конгресот и на послушното мнозинство во Врховниот суд, Трамп ја претвори претседателската функција во најмоќната и најнеодговорната инстанца на врховната власт во американската историја.

Сето тоа заедно претставува загрижувачки тренд. Постои директна врска помеѓу обидот за пуч на Трамп пред пет години и заробувањето на Николас Мадуро минатиот викенд. И двата случаи се примери на беззаконие. И двата се засновани на гордоста на семоќноста. Истата линија ги поврзува и актуелните закани на Трамп кон Куба, Колумбија и Гренланд.

Слично важи и за војната на Путин против Украина. За заканите на Си кон Тајван. За глобалниот пљачкашки поход на големите технолошки и нафтени компании. За руските, кинеските и американските олигарси кои ја споија јавната моќ со личното богатство. Но владеењето на правото не може да се темели врз неограничена моќ. Таквата моќ води кон нестабилност, превирања и војна.

Историјата покажува дека законите и нормите осмислени за да ги ограничат моќните, воедно служат и за нивна заштита. Без такви ограничувања, нивната незаситна желба за уште поголема моќ и богатство на крајот ќе ги урне – заедно со нивните корпорации, нации или империи. Со ризик од светска војна.

Дрското беззаконие на Трамп со години ќе ги прогонува Америка, светот – и цивилизацијата.

Авторот е поранешен американски министер за труд, пензиониран професор по јавна управа на Универзитетот во Беркли.

Карикатури: Marian Kamensky

Извор: https://www.theguardian.com/