Доживелиците од улицата „Данил Хармс“ (3)

26.01.2026 11:45
Доживелиците од улицата „Данил Хармс“ (3)

 

Еднаш „реалистот“ Славко Јаневски се камуфлирал во Димитар Митрев и легнал под клупа на булеварот ЈНА, негде карши Сојузот на борците, во бусија да го чека и да го исплаши незгодниот водач на „модернистите“ Владо Малески Тале.

Кога Тале се појавил Славко ненадејно изрипал од под клупата и гласно викнал:

‒ Славко Јаневски е најголемиот македонски модернист!

 

***

 

По урнек на Славко, еднаш Димитар Солев се камуфлирал во Владо Малески и легнал под клупа на булеварот ЈНА, негде карши Сојузот на борците, во бусија да го чека и да го исплаши незгодниот водач на „реалистите“ Димитар Митрев.

Кога Митрев се појавил Солев ненадејно изрипал од под клупата и гласно викнал:

‒ Димитар Солев е најголемиот македонски реалист!

Сцената случајно ја забележал книжевниот критичар и теоретичар Милан Ѓурчинов кој себе си промрморил во брадата: ‒ Ко себе да се гледам...


***

Еднаш Радован Павловски, на булеварот ЈНА, седел на клупа, слушал радио и си потпевнувал: По сокаци одат, жални песни пејат...

Крај клупата поминувал главниот комунистички естетичар Димитар Митрев, за таа пригода преоблечен во Димитар Солев.

‒ Здраво, Радован – рекол камуфлираниот Митрев. ‒ Само песни слушаш, само песни пееш. Зошто, колега, пишуваш само песни? Ајде двајцата заедно да напишеме ангажирана проза!

‒ Со прозата можеш газот да си го избришеш – рекол фламбоaјантниот и виолентен Радован Павловски.

 

***

 

Радован Павловски сакал да биде отракан, како Славко Јаневски, и тргнал да си купи сабја. Влада Урошевиќ поминувал крај продавницата со антиквитети и низ излог го видел „Принцот на метафората“ кој разгледувал сабји. Урошевиќ, кој бил колекционер на кубури, почнал да вика: „Гледај, Славко (а немало никаков Славко со него), гледај! Радован купува сабја! Ајде и ние да купиме оружје!

Радован се исплашил и уште истата ноќ отпатувал за Белград.

 

***

 

Еднаш Димитар Митрев, во „Јоле“, со чаша го скршил рачниот часовник и го ставил на сред маса. Георги Старделов пришол до масата, го погледнал часовникот, и се вратил на својата маса.

‒ Што ќе кажеш, другар Георги? – прашал Митрев.

‒ Стоп машина – одговорил Старделов.

А јас ќе кажам вака: Некои луѓе се како свеќи. Согоруваат за на другите да им дадат светлина.

 


Слики: Дејв Коверли

ОкоБоли главаВицФото