Опсегот на кусата песна (во спомен на Блаже Конески)

27.01.2026 00:23
Опсегот на кусата песна (во спомен на Блаже Конески)

Мала библиотека

 

Овде ќе станува збор за два мои мига со Блаже Конески, поврзани со две куси песни. Ги вадам од својава душа во спомен на неговата уметност во зборот и во непосредното општење.

Во пролетта на 1992 год. ми искрсна во глава еден катрен со наслов: „Песна за Блаже Конески“. Тоа се овие стихови:

Колку малку зборови,
а колку голема песна!
Ете тоа ти се вели
поет со богат јазик.

Уверен бев дека парадоксот што се јавува во елиптичниов израз (малку зборови = голема песна = богат јазик!) има и теоретска и практичка основаност и оти на еден можен начин го артикулира мојот впечаток за неговото поетско творештво во поглед на изразната моќ на поетовиот јазик. Макар што знаев дека Конески е против дивинизацијата на кој и да е занает, мене, сепак, неговите песни ми дејствувале како да не се допрени од рака, како да доаѓаат од небо, како да се природна појава. Јас лично наоѓав блискост на тој мој впечаток со она што Блаже го нарекуваше откривање. Имено, песната постои во животот, во природата, а поетот е тој што неа ја открива. Обидот да ја повторам наизуст секогаш ме разубедувал во едно: дека е доволна замената само на еден збор со друг за да се наруши првобитниот впечаток. Така е затоа што песната како „природна рожба“ всушност е појава на строго избрани зборови поврзани во точен исказ. Самиот тој во книгата на Цане Андреевски „Разговори со Конески“ на едно место го истакнува и тој момент. Вели: „Нам ни е дадена можност за подбор на јазичните елементи. Подборот на јазичните елементи – тоа ја чини основата на стилот. Ако човек не знае во својот јазик да направи еден соодветен избор на елементите, соодветен, адекватен на она што го кажува, тогаш јазикот, така да кажам, потфрлува“. Таквиот подбор можат да го прават поетите што исцело ја знаат и суверено ја владеат материјата на јазикот. Нивните точни зборови се зборови избрани од богат јазик на знаци.

Блаже Конески им беше многу наклонет на кусите песни. За тоа сведочи нивниот импресивен број во неговиот опус. А има и еден циклус во неговата претпоследна збирка „Сеизмограф“ кој носи наслов „Скржави песни“. Баш таа клучна синтагма за нивната имплицитна поетика. Ознаката куси песни има релативно значење. Песните, ако се добри, воопшто не се мали, ами толкави колкави што и треба да бидат. Таа ознака практично се употребува за да го означи малиот квантитет стихови. Таа не ги засега аспектите на содржинскиот опфат, на духовната енергија, на естетскиот досег. Максимум содржина со минимум изразни средства – тоа е девизата на мајсторите на поетскиот занает. Тие се стремат, во крајна консеквенција, како што вели Борхес во расказот „Параболата од дворецот“, кон идеалот „да го најдат ЗБОРОТ што ќе го резимира универзумот“. А тоа е нешто што на поетот (од „Параболата…“) истовремено ќе му обезбеди „и бесмртност и смрт“.

Немој да ги користиш тие ’летачки цитати’ цело време.

 

Во наведената песна јас сакав да го искажам својот восхит од поезијата на Блаже Конески, сметајќи ја за парадигматична во поглед на изложениов концепт. Но, имав шубе да не е непримерена за еден толку голем поет и мене толку омилен човек како од творештвото така и од повремените средби. Конески имаше природа на дискретен човек. Но тоа не значеше дека е затворена личност.

Напротив, неговата способност за анимација на жива, срдачна, благодушна атмосфера во друштво беше за приказ. Во таа атмосфера високо се раскрилуваше неговата звонка смеа како илуминација на духовно здравје. Неговиот магнетизам беше во од бога дадената дарба за секојчен избор на најпогоден пристап спрема луѓето, пристап кој смета на содржајноста, на јасноста на мислата и заснованоста на ставовите, но со еден вроден обзир никако да не се повреди душата на соговорникот. Знаејќи го тоа, јас и се решив при еден коктел, потпомогнат и од чашката, да му ги кажам оние мои четири стихови. Во од, низ ведра смеа, ми рече: „Така е. Многу зборишта, вреќа к…“. Тогаш првпат разбрав дека во нашиов народ имало изградено една толку ударна поговорка за ова прашање.

Го примив тоа како одобрување. А песната за јавност првпат ја прочитав на првата средба на балканските писатели, учесници на Рациновите средби, што се одржа во ДПМ. Беше присутен и Блаже Конески. А не многу подоцна, на еден состанок на Управниот одбор на Македонската книжевна фондација, се почувствував многу почестен кога Конески, до кого седнав, ми се обрати со зборовите: „Вие ги сакате кусите песни. Еве да видите и една најнова моја“.

Мене толку ме израдува тој негов штедар гест на доверба што, додека го вадеше ковертот од пазуварката, примислив за возврат да му приредам една весела изненадa. Сакав да му се пофалам дека имам најкуса песна во светот. Мислев и да му ја покажам. Вицот е во тоа што насловот сугерира двојно читање на двата знака под него. Песната изгледа вака:

ЕРОТИКА

О!

Кога неговата песна ми беше в рака, тој ми објасни дека ја носи за сп. „Современост“ за да се објави заедно со другите песни што веќе ги дал. Песната се чита со еден поглед. И каков пресврт во моето расположение! Каква ти еротика, си реков.

Еве го тој ЗБОР, си реков, по кого трагаат поетите во „Парадигмата од дворецот“. Во него се и смртта и бесмртноста истовремено, во една фигура. Каква метафизичка слика! Та тој ЗБОР како да се јавува по знакот на големите циклички промени. Ми се стори дека го гледам демиургот со пепелта на универзумот стегната во грстот, свесен за неминовното, но со болен грч поради смртното. Тоа би требало да биде мигот пред пак да ја пушти пепелта во почетокот на нов универзум чиј циклус ќе се движи исто така до својот сеопфатен ЗБОР.

Полека со деталите, брате! Ова можеби ќе биде смалено за е-книга некогаш.

 

Исплашен, го погледнав Конески. Тој си беше мирен како Буда. Состанокот почна со работа и можев само да изустам: „Страшна песна“. Тоа е фамилијарен израз за песна со висока возбуда. Но за мене песната беше навистина буквално страшна, зашто во тој миг не ја гледав како универзална поетска визија туку ја примив како интимен момент во самиот живот на еден близок човек. Го гледав помирен со „тажниот поглед на вистината“. Во времето потоа рационална основа за една таква состојба најдов во неговиот есеј „Мигот“. „За значењето на мигот во човечкиот живот се замислив посредоточено дури кога во ‘Златорог’ напишав дека ние луѓето сме ‘дораснати за мигот, а бедни за дните’“. Тоа го доживеав како просветлување за една дотогаш сматна мисла. Тоа значеше дека човекот само во мигот може да достигне некакво величие, врв на среќа, занес на подвиг. Натамошниот тек на настаните пак нè принудува да нашата слаба природа нè приземјува, нè потопува во сивилото на живуркањето. Не случајно се вели дека е најдобро човек навреме да си умре. Тоа важи особено за луѓе околу чие име се изградил некаков мит. Тој се создал поради подемот на личноста и просто е жалосно да се гледа како забот на времето ја руши легендата“.

И да го знаев ова, јас пак со истиот потрес ќе ја примев песната како црно предвестие за крајот на една врвна творечка личност. Остро ми се поставуваше прашањето: дали поетот треба да зборува или да молчи пред лицето на самата смрт? И на ова прашање подоцна најдов одговор, пак во една негова песна („Спроти свети Атанас 1993“), одговор во вид на драматично сопоставување на две алтернативи:

„Проклета слабост да се зборне.
Поживинченост, ако молчиш“.

Мислам дека Блаже Конески и денес испраќа песни за уметноста од оностраноста. Како да ги откриеме?

Овде ќе запрам со записов кому не му го гледам крајот. Зашто во Блажевата песна влегува и сето друго.

(1994)

Шшш...

 

Слики: Дејв Коверли