1011 hPa
66 %
9 °C
Скопје - Нед, 15.03.2026 08:59
.jpg)
Исечок од весник (1971)
Новата мода – копчиња на кои е отпечатено насмеано лице, во САД стана многу популарна. Овие „насмевки“ се ставаат на кошули, панталони, рачни торби, ракави…
Пронаоѓач и производител на „насмевките“ е њујорчанецот Јоркер Роберт Слетер. Тој на овој свој производ веќе заработил милиони.
(Објавено во весникот Вечер, септември 1971 година)
.jpg)
Харви Бол
Смајлито какво што денес го препознаваме е дело на американскиот графички дизајнер Харви Бол, кој во 1963 година го создава по нарачка на осигурителна компанија. Целта не била комерцијална, туку едноставна и човечка – да се подигне моралот кај вработените по период на корпоративни спојувања и несигурност.
Со неколку елементарни потези – круг, две точки и насмевка – Бол создава симбол што комуницира веднаш, без јазик и без објаснување. Токму таа едноставност овозможува смајлито брзо да излезе од канцеларијата и да стане масовен визуелен знак, подоцна преземен од поп-културата, модата и медиумите, многу подалеку од првичната намера на својот автор.
.jpg)
Иако насмеаното лице станало глобален симбол во текот на 60-тите години, неговиот автор, графичкиот дизајнер Харви Бол, никогаш не го заштитил дизајнот. Токму поради тоа, смајлито брзо влегува во масовна употреба и станува основа за различни комерцијални производи.
Во почетокот на 70-тите, како што сведочат и весниците од тоа време, неговата популарност ја искористуваат бројни производители и трговци. Името на Јоркер Роберт Слетер се јавува во тој контекст – како претприемач поврзан со продажбата на „насмевки“, а не како нивен дизајнер, што јасно го отсликува патот на симболот од авторско дело до масовна културна икона.
Извор за исечокот од весник: Златко Ангелески