Важно е да не гинат нашите

29.01.2026 00:43
Важно е да не гинат нашите

Прекин на огнот е кога не гинат Израелците. Прекин на огнот го нарекуваме и кога Израелците не гинат, а во Газа има преку 400 мртви, од кои многумина се деца. И кога Израел среде примирје ќе сруши 2.500 куќи во Газа, а министерот за одбрана Израел Кац им честита на војниците за нивните акции, ние тоа и понатаму го сметаме за прекин на огнот. Прекин на огнот е и кога стотици илјади жители на Газа, заглавени во кал, се смрзнуваат од студ.

Прекин на огнот е и кога илјадници тешки болни умираат бидејќи Израел им ускратува медицинска помош и можност да побараат помош надвор од кафезот во кој ги затворивме. Кога некоја фина госпоѓа на вечера за Шабат ќе ве праша дали во Газа сè уште има наши војници, додека половина од Појасот е окупиран од нашите воени сили – тоа е јасен знак дека настапил прекин на огнот, барем во свеста на Израелците. И додека животот се враќа во нормала со натпревари во готвење и пеење и скандалот за протекување информации до германскиот „Билд“, нема сомнеж дека настапил прекин на огнот. Но, кога припадниците на Хамас ќе излезат од своите скривници и ќе постават импровизирана експлозивна направа меѓу урнатините на Газа, тогаш тоа е тешко кршење на примирјето.

Кога Израелците не гинат, сè друго е неважно. И зошто некој воопшто би мислел на Газа, ако таму не гине никој од нашите? Кога сирените не завиваат во Израел, тоа е примирје. Фактот дека продолжува бомбардирањето на Газа (без завивање на сирените) е небитен. Дури и светот покажува знаци на замор. Основан е „мировен совет“ кој нема да му помогне на ниту еден бегалец од Газа. Кога нашите не гинат, се враќаме во рутинската улога на жртви на октомврискиот напад и бесконечното прераскажување на приказните за киднапираните Израелци. Не сакаме да слушнеме ни збор за тоа дека Газа сè уште постои. Кога Израелците не гинат, Газа ја нема, а со неа исчезнува и палестинското прашање.

Кога нашите не гинат, сè е во ред. Можеме да се вратиме на негирањето на Газа и општиот заборав на таа тема. Кога Израелците не гинат на Западниот Брег, животот е мед и млеко. Фактот дека десетици Палестинци се убиени на Западниот Брег е уште помалку интересен од стотиците убиени во Газа во истиот период. Воената команда на Западниот Брег нема слушнато за прекин на огнот во Газа. Сите драконски мерки воведени на почетокот на војната во Газа и понатаму се на сила, ниту една не е укината или ублажена. Зошто воените декрети не се укинуваат со завршувањето на војната? На нашите патишта се подигнати 900 контролни пунктови и тие се таму и по прекинот на огнот. Од почетокот на војната, сите палестински населби се опкружени со челични порти, кои нашите власти ги отвораат и затвораат. Не се намалува и бројот на погроми. Но, важно е нашите да не гинат.

Наметнатиот договор за прекин на огнот подразбира дека на Израел му е дозволено сè, додека на другата страна ѝ е забрането и да дише. Сите заложници се вратени, освен телото на еден војник и веднаш е заборавено нашето ветување: кога сите киднапирани ќе се вратат, Израел излегува од Газа. Се сеќава ли некој на тоа ветување? Киднапираните се вратија, а Израел е сè уште во Газа, и тоа засекогаш.

Прекинот на огнот ги стивна критиките кон Израел. Многу влади само чекаа прилика повторно да нè прегрнат. Вниманието на светската јавност се пресели на Венецуела и Иран. Трамп така го шири понатаму својот фиктивен мир на Блискиот Исток, а Израелците велат дека војната во Газа била праведна и дека ја постигнала својата цел. Сега тоа е готово. Нашите не гинат. Сè друго е неважно.

Карикатури: Alaa Allagta

Извор: https://www.haaretz.co.il/

ОкоБоли главаВицФото