1009 hPa
81 %
8 °C
Скопје - Пон, 09.02.2026 11:10

Граѓанската организација ПРКОС објавува повик за учество на вклучувачки курс за фотографија. Бесплатен е, динамичен, забавен и наменет е за возрасни лица со и без попреченост кои сакаат да научат како да се изразуваат субјективно преку фото-објективот. Се состои од десет 90-минутни сесии што ќе се случуваат еднаш неделно. Курсот го осмислува и води Драги Неделчевски по сопствено дизајнирана програма – комбо од теорија и емпирија со нагласена човечна димензија.
Драги Неделчевски е активен фотограф повеќе од 45 години. Негов примарен интерес во фотографијата е документарната фотографија. Автор е на неколку самостојни изложби меѓу кои: „Живот во кутија“ [(2009), Скопје, Прилеп, Белград, Сараево, Берн и Нови Сад], „Фотографи(и)“ [(2014), Скопје], „Кратки приказни“ [(2017), Тетово, Струга], „Дијагноза“ [(2022), Скопје]. Со Фото групата „Чкрап!“ од Тетово учествувал во проектот „Колективне праксе и фотографија у региону – Фотодокументи 2017“ [(2017), Белград].
Повеќепати е наградуван на бројни домашни и меѓународни изложби на фотографија. Носител е на звање Фотограф I (прва) класа, кое го доделува Фото сојузот на Македонија.
Драги Неделчевски е предавач на програмата „Курс по фотографија“ и ментор на Академијата за фотографија во SKALA School – Џолев и уметностите од Скопје и колумнист во SKALA Magazine. Бил предавач и на неколку курсеви за фотографија за лица со нетипичен развој. Татко е на син со посебни потреби. Член е на Управниот одбор на ПРКОС.
Курсот ќе почне на 17.2.2026 и ќе се одржува наредните десет вторници од 12:30 часот, во просториите на ПРКОС, на улица „Ванчо Мицков“ 7А, стан 2, Тафталиџе 2, Скопје. Максималниот број на учесници на сесиите е десет, а крајниот рок за пријавување е 2 февруари. Ова е мејлот каде што е можете да се пријавите и да ни дадете повеќе информации за себе: prkosime@gmail.com