За одбранбените механизми

30.01.2026 13:33
За одбранбените механизми

Лекции по психоанализа (11)

Отсекогаш живеев во страв дека ќе бидам изненаден од најлошото; затоа во секоја ситуација се обидував да имам почетна предност – пуштајќи се себеси во неа многу пред таа да се случи.

Е. М. Сиоран
За непријатноста да се биде роден

„Целиот правец на вашето досегашно образование и сите ваши навики на мислењето неизбежно ќе ве направат противници на психоанализата“, напиша Фројд во Уводни предавања по психоанализа (1916).

Современата култура често нè прикажува како еднодимензионални суштества. Како да сме водени само од практични цели: потрагата по среќа, богатство, успех — како човечката желба да може да се сведе на едноставни, јасни објекти. Според психоанализата, напротив, желбата се појавува енигматично: во грешките што ги правиме, во празнините на говорот, во пукнатините, во лапсусите, во неуспесите што одново и одново ги повторуваме низ животот.

Како што вели Фројд во истиот Увод: „Зарем не постојат многу важни нешта што можат да се откријат само преку сосема слаби, едвај забележливи знаци?“

Психоанализата е необична! Необична е оти се занимава со оние делови од нас до кои вообичаено немаме пристап. Таа е необична зашто се однесува на она што се случува надвор од светлината на денот. Таа е „ноќна“ активност. Се занимава со соништата, сексуалноста, грешките што ги правимe, со светот на сексуалните фантазии, со можеби темните мисли – мрачен, вознемирувачки свет. А често има и многу хумор и досетки во овој свет полн со енигми. Тоа е свет на скриени нешта, особено на оние што самите од себе ги криеме!



Како во оваа „ноќна“ активност „само зборувањето без јасна насока“, како фаќање риби во магла, може да помогне? - се прашуваат многумина. („Кажи било што! Кажи сè! Асоцирај слободно!“ е единствено очекување што го имаме од анализантот, знаејќи многу добро дека не постои ништо такво како севкупно, тотално кажување — кажување сè — ниту пак асоцијациите се било кога „слободни“.) Одговорот е комплексен. Еден начин да се одговори е следниов исказ на Фројд во делото Фрагмент од анализа на еден случај на хистерија (1905): „Во еден синџир од слободни асоцијации, двосмислените зборови делуваат како точки на раскрсница. По вториот колосек се движат мислите што ги бараме.“ Поинаку кажано, јазикот може да функционира како лифт: некои зборови можат да „подигнат“ други зборови и значења од нивото на несвесното до свесното.

Еве мал пример како слуша една аналитичарка: Во една сесија пациентката ми раскажува дека претходниот ден сечела ружи во дворот, за во вазна. Рече „црвени ружи“ – и баш го нагласи зборот црвени. Нагласувањето веднаш ми го привлече вниманието, па јас повторив „Црвени! ружи?“ Ми одговори: „Ах… (долга тишина), ме потсеќаат на погребот на татко ми. Неговата втора сопруга тогаш фрли црвена роза во гробот, како знак на љубов.“ И додаде дека во тој момент почувствувала остра болка во стомакот – според неа, болка од љубомора.

Така, зборот „ружа“, еден наизглед невин и неутрален збор, од несвесното го извлекува зборот „погреб“ преку синџир од асоцијации. А со зборот „погреб“ се отвара нова сцена со сосема друга приказна (за љубовта и завидливоста), различна од првичната, за сечењето ружи.

Така отприлика функционира психоанализата.



***
После кусиот осврт за необичноста на психоанализата продолжуваме со темата на денот: одбранбените механизми. Одбрамбен механизам е поим кој се однесува на несвесните стратегии што ги спроведува егото за да се заштити од психичките конфликти и анксиозноста. Одбранбените механизми се автоматски процеси чија цел е да се одржи психолошка рамнотежа со тоа што од свеста се потиснуваат болни или неприфатливи претстави и афекти. Тие се секогаш присутни во нормалниот психички живот (не постои психички живот без одбранбени механизми и механизми на справување), но нивната ригидност, или предолгото, претераното користење, можат да бидат извор на страдање и симптоми.

Фројд разликува различни видови одбранбени механизми, кои дејствуваат на повеќе или помалку архаични нивоа на психичкото функционирање. Потиснувањето е главниот одбранбен механизам, кој се состои во отфрлање/потиснување во несвесното на претставите поврзани со нагон што се смета за неприфатлив. Потиснувањето е во основата на создавањето на несвесното и на невротските симптоми кои, пак, претставуваат враќање на потиснатото во маскирана форма. Во случајот на „човекот-стаорец“ Фројд ни покажува како опсесиите на пациентот (страв дека стаорци ќе му навлезат во анусот на неговиот татко и на неговата љубена дама) се израз на потиснување на садистичко-анални нагони.

Негирањето (denial) е механизам преку кој субјектот негативно формулира неприфатлива желба или мисла, и истовремено низ самото изговарање, делумно ја признава. Низ механизмот на негација, претставeната содржина се прима во свеста, но без афектот поврзан со неа. Фројд го дава примерот со пациент кој му вели: „Ќе помислите дека сакам да кажам нешто навредливо, но навистина не ми е тоа намерата“, со што открива несвесна желба да навреди. Или, да дадеме популарен пример, „немојте да помислите дека Х во сонот е мајка ми“. Ако анализантот даде ваква негативна формулација, не значи автоматски: „аха“ навистина се работи за мајка му. Таков заклучок е премногу едноставен и честопати неточен. Но, преку воведување некаква фигура негирајќи ја (во случајов мајката, или претходниот пример со желба да навреди), сепак се отвара простор за нејзино психичко претставување. Таа идеја испливува од несвесното; изречена е! Со други зборови, негирањето е форма на делумно укинување/олабавување на потиснувањето, што го отвора патот за аналитичка работа.



Проекцијата се состои во припишување на другите на сопствените желби или афекти кои ни се неприфатливи. Субјектот го исфрла надвор она што не може да го признае во себе, лоцирајќи го во надворешен објект. Фројд ја третира проекцијата како главeн механизам нa паранојата, при што субјектот на другиот му ги припишува сопствените непријателски намери. Во случајот со претседателот Шребер, идеите за прогон (дека Бог го прогонува и сака да го претвори во жена), според Фројд, се проектиран израз на потиснати хомосексуални желби (толкување кое подоцна ќе биде суштински преработено од следбениците на Фројд, особено oд Лакан)

Сублимацијата е одбранбен механизам кој се состои во пренасочување на сексуалните и/или агресивните нагони кон не-сексуални, неагресивни, општествено вреднувани цели. Енергијата на нагонот се пренасочува кон уметнички, интелектуални или хуманитарни активности, кои овозможуваат супститутивно задоволување на несвесните желби. Фројд ни посочува дека сублимацијата е најповолна судбина на нагонот, овозможувајќи помирување на барањата на идот и суперегото. Тој го разработува случајот на Леонардо да Винчи, како детална ислустрација низ која гледаме како стремежот кон знаење и уметничкото творештво би имале корен во сублимацијата на сексуалниот нагон.

Компромисните формации се психички продукции кои произлегуваат од конфликт меѓу трите инстанци на психичкиот апарат (Ид, Его, Суперего). Тие претставуваат обид за помирување на барањата на нагонот и забраните на суперегото, преку давање затскриен/маскиран израз на несвесните желби. Невротските симптоми се најтипични компромисни формации, кои ги спојуваат нагонското задоволство и самоказнувањето. На пример, во случајот на Дора, пациентката има нервозна кашлица и афонија како хистерични симптоми, кои инсценираат потисната Едипова желба и самоказнување (губење на гласот).



Отпорите се сили што се спротивставуваат на аналитичката работа и на укинувањето на потиснувањето. Тие се манифестираат преку избегнување, заборавање, молчење – ставови што имаат за цел да го задржат психичкиот статус кво и да го зачуваат потиснувањето. Фројд ги разликува видовите отпор: отпори на егото (избегнување на анксиозност), отпори на идот (принуда/компулзија за повторување), отпори на суперегото (несвесно чувство на вина).

За да го продлабочиме знаењето за компромисните формации (симптомите) и отпорите ќе го цитираме Брусе Финк, кој на самиот почеток на својата книга „Клинички увод во лаканијанската психоанализа“ (1997) вели:

„’Колку психолози се потребни за да се смени една сијалица? — Само еден. Но мора да постои стварна потреба сијалицата да се смени.’ Така гласеше шегата од 1970-тите и 1980-тите. И таа не беше толку наивна како што може да изгледа на прв поглед, бидејќи многу психолози навистина веруваа(т) дека целата терапија на светот не вреди ништо ако пациентот искрено не сака да се промени. Ако Вуди Ален одел на терапија дваесет години, се мислеше дека тоа е така зашто ’длабоко во себе’ не сакал навистина да се промени. А ако психотерапијата често давала слаби резултати, тоа било зашто волјата на луѓето за промена не била доволно силна. Одговорноста, значи, се ставаше врз пациентот.



Пристапот на Лакан е радикално поинаков. Тој тргнува од премисата дека — се разбира дека пациентот никогаш не сака навистина да се промени. Ако се развиле симптоми, ако лицето се однесува симптоматски, тоа е оти голема количина психичка енергија е врзана токму за тие симптоми. Пациентот има многу вложено во тоа работите да останат какви што се, бидејќи од симптомите го добива она што Фројд го нарекуваше ’заменско/супститут задоволство’, и не се откажува лесно од него.

Иако пациентот на почеток може да тврди дека сака да се ослободи од симптомите, на подлабоко ниво тој е посветен на тоа да не ја наруши рамнотежата, да ’не го разбуричка морето’.

Тоа е, всушност, суштинска особина на симптомите: тие обезбедуваат некакво задоволство, дури и кога тоа не е очигледно за другите, па ни за самиот субјект кој страда. За многумина, тоа е единствениот начин на кој знаат да доживеат уживање. А зошто некој би се стремел искрено да се откаже од единственото задоволство што го има во животот?

Од фројдово-лакановска перспектива, јасно е дека терапевтот не може да се потпира на некаква ’волја за оздравување’ или ’вистинска желба за промена’ кај пациентот – такво нешто не постои. Напротив, субјектите често доаѓаат на терапија зашто веќе немаат волја да живеат, ниту енергија да направат нешто, или зашто чувствуваат дека нивната желба е задушена и умира. Накусо: нивната желба згаснува.“ (*крај на долгиот цитат на Финк*)



Би додала дека симптомите не обезбедуваат само заменско задоволство, туку претставуваат и решение за сопственото страдање. Тие се компромисно решение кое со години функционирало, сè додека одеднаш – најчесто поради некаква неочекувана, кризна или трауматска животна или егзистенцијална промена, или ситни кумулативни психички поместувања – прекинува да дејствува. Во тој момент симптомите почнуваат да креираат нова болка и ново страдање, а првичниот конфликт, дотогаш замаскиран зад симптомот, излегува на виделина.

Токму во вакви моменти луѓето бараат психолошка помош. Дел од психоаналитичарската етика е длабока почит кон симптомот, кој ни е единствениот компас во третманот – особено на почетокот на работата.

Да повториме, одбранбените механизми имаат адаптивна функција, штитејќи го егото од конфликти и анксиозност. Но нивната ригидност или претерување може да бидат извор на страдање. Неврозите и психозите сведочат за неуспехот на одбранбените механизми во регулирањето на анксиозноста и нагонот. Аналитичкиот третман има за цел омекнување на одбраните со поттикнување подобра циркулација меѓу психичките инстанци и овозможување повторно присвојување на несвесната содржина.



Теоријата на одбранбените механизми била усовршена и развиена од следбениците на Фројд. Ана Фројд предложила систематска класификација на одбранбените механизми, разликувајќи примитивни одбрани (расцеп/splitting, проекција) и пософистицирани одбрани (интелектуализација, рационализација). Мелани Клајн ги нагласувала раните одбрани, како што се расцепот на објектот и проективната идентификација. Денес во современата интерсубјективна и релациона психоанализа многу се зборува и за механизмот на дисоцијација (на селф-от) како реакција на преживеана траума. На пример, момче или девојче кое било многупати сексуално злоупотребувано од член на семејството —ситуација на апсолутна беспомошност и ужас — единствено можело да го преживее ова повторувачко насилство низ процесот на дисоцијација. Дисоцирајќи се, девојчето „излегува“ од самата себе и додека трае силувањето влегува во друга сцена, на пример, во која се ниша на лулашки. Проблемот настанува кога овој животоспасувачки механизам продолжува да постои години и декади после трауматскиот настан, без вистинска функција.

Земањето предвид на одбранбените механизми е суштинско за водењето аналитички третман. Аналитичарот ги препознава одбраните кои се појавуваат во дискурсот и ставовите на анализантот, за да ја разбере нивната функција (одбраните секогаш имаат многу значајна функција!) и да овозможи нивно постепено омекнување. Вообичаено, одбраните ја насочуваат терапијата и не му се објаснуваат експлицитно на анализантот, бидејќи тоа само би ги зацврстило и би го зголемило срамот.

Целта, која се постигнува одоколу, а не со директно „кршење“ на одбраните —замислете го третманот како нож кој многу нежно ја одвојува ракавицата од кожата, наместо да засекува низ неа — е да се поттикне подобра циркулација на нагонот и желбата и нивно субјективно повторно присвојување, надвор од ригидностите и симптомите на одбраната. Етичната психоаналитичарка длабоко ја почитува одбраната!



Фотографиите се од филмот „Птици“ ( Alfred Hitchcock, 1963)

Слични содржини

Психологија / Живот / Теорија
Психологија / Живот / Теорија
Психологија / Теорија
Психологија / Култура / Теорија

ОкоБоли главаВицФото