1008 hPa
81 %
9 °C
Скопје - Пон, 09.02.2026 11:59

Првата македонска нема сликовница
Сликовниците без текст се еден од најмладите жанрови на илустрирани книги. Популарни се, интересни, свежи, полезни, поттикнувачки, податливи за развојот на децата во многу сфери и... повеќекратно обединувачки: истовремено продирајќи во различни јазични средини ги обединуваат сите читатели (зашто не користат јазик и не им треба превод) – што може да се нарече и гео-лингвистичко обединување; ги обединуваат децата и родителите/децата и возрасните, поттикнувајќи заедничко „читање“, разгледување, промислување, препознавање, дополнување – што може да се нарече и генерациско обединување; базирајќи се само на визуелното (што ни е позаедничко на сите од вербалното), тие овозможуваат и културно обединување, коешто е во тесна спрега со двете претходни обединувања итн.
Сликовниците без текст децата слушатели суптилно ги претвораат во деца раскажувачи со што се развива говорот, се збогатува речникот, се поттикнува чувството за структура/организација на приказната (што е влез/вовед, како се почнува приказна, што е заплет/проблем, како се решава и на крајот што е заклучокот). Сето ова ја развива визуелната писменост и го подобрува разбирањето на невербалната комуникација. Деталите се многу важни во целиот визуелен наратив, зашто со нивно препознавање, пронаоѓање и поврзување, децата можат да градат паралелни самостојни приказни. Овие сликовници не носат конечни, туку отворени приказни; во нив поставените прашања немаат по еден одговор, туку отвораат широк простор за многу можни одговори.
Именувањe
Кај нас, во македонскиот јазик, сликовниците без текст најчесто ги нарекуваме неми сликовници. Можеби терминот неми не е најсоодветен, но природно и спонтано се вдоми во нашиот јазик. Можеби можевме да се обидеме и со тивки, молчаливи, беззборовни или беззборни... но, на крајот од краиштата неми и не е погрешно, ниту вештачко и наметливо, туку сосем логично, зашто сликовниците без текст, само со илустрации, не „зборуваат“ (не користат зборови), а за тие што не зборуваат и не користат зборови, велиме дека се неми. Немите сликовници престануваат да ги користат зборовите, но не престануваат да раскажуваат. Напротив. Нивната нарација станува надзборовна или уште попрецизно – постзборовна, безјазична, молковна, а сепак пренесува гласни „пораки“. Во англиското говорно подрачје ваквите сликовници најшироко се нарекуваат silent books (при што дистинкцијата помеѓу книги и сликовници не е опфатена во двочлената фраза) или дескриптивно – wordless picture books, како и во многу други јазици (германски: wortlose Bilderbücher или Bilderbücher ohne Worte; француски: albums sans paroles или livres sans texte; италијански: albi senza parole итн.). Во нашиот регион, во Словенија и во Хрватска каде што овој специфичен вид сликовници е доста развиен, според истиот лингвистички образец на исклучување (со предлогот без, самостојно позициониран пред именките или интегриран во придавска форма), се нарекуваат brez besedila, bez riječi, односно brezbesedni, bezriječni, во Србија се среќаваат слични варијанти, во Бугарија најчесто се именуваат како тихи...
Во одредени контексти се појавуваат и покреативни решенија, се формираат неологизми и фрази специјално за овој млад жанр или поврзани со него. На пример, во Бугарија, освен книги без думи, картинни книги без думи, тихи книги... често се среќава и изразот подир думите (Chasing Words), како што беше наречена изложбата на 19 современи бугарски илустратори на детски книги, прикажана на Mеѓународниот саем на детската книга во Болоња 2025. Подир думите е благо архаизиран израз што значи „по зборовите“ (македонски), „после речи“ (српски), „након ријечи“ (хрватски)... или послободно адаптирано: постзборно, послезборно, задзборно, сетнезборно... Можеби, некаква хипотетична македонска изложба со илустратори што (ќе) работат неми сликовници би можела да се именува „Одземање на зборовите“ со алузија на „одземање на силата“ од фолклорната традиција (средбата на Господ со Марко Крале), но и со алузија на истоимената позната песна од Блаже Конески. Но, ова се повеќе белетристички, отколку лингвистички размисли.

Долгиот пат
Немите сликовници не се жанр што се роди, што се создаде одеднаш. Патот до нив е долг и ретроградно нивниот зародок може да се бара во многу појави и состојби во илустрираните книги уште во 19 и 20 век, па дури и порано. Експанзијата на немите сликовници, се смета дека се случила со проектот „Тивки книги“ во 2012 на IBBY, Меѓународниот одбор за книги за млади. Имено, огромниот број бегалци од Блискиот Исток и од Африка на островот Лампедуза во Италија, го поттикнале IBBY да им обезбеди книги на бегалците што ќе можат да се „читаат“ без оглед на јазикот. Оваа благородна идеја, можеби го забрзала процесот на развој на немите сликовници, но апсолутно не ги „создала“, затоа што развојот на визуелниот наратив во книгите, а особено во сликовниците е еден мошне долг процес што постепено се развивал и етапно се „ослободувал“ од зборовите, охрабрувајќи се да „раскажува“ послезборно, визуелно наместо вербално.
Во првата деценија од 20 век, 1909 година, американскиот уметник Питер Њуел (Peter Newell) ја објавил „Книга со дупки“ („The Hole Book“) во која на првата страница со зборови (во стихови) се кажува дека дете не сакајќи пукнало со пиштол и, за среќа, не му се случило ништо. Но, на секоја наредна страница во книгата, во сите последователни илустрации – има дупка. Зборот куршум ги погодил илустрациите и направил дупка во нив. Вербалното физички го ранило визуелното, зборот се материјализирал и ја дупнал сликата. Овој метафоричен приказ на култната книга од почетокот на 20 век, го коригира и го придвижува (со)односот помеѓу вербалното (текстот) и ликовното (илустрациите), недосмислено исцртувајќи го патот кон т.н. неми книги, неми сликовници – „дела“ кои набрзо, за некоја деценија, (ќе) соумеат да раскажуваат без зборови.
Секако дека и пред Њуел постоеле илустрирани книги со помалку или повеќе илустрации, како што продолжиле да се издаваат и по него, со сè појасна желба да се проба да се побегне од зборовите, но со себе да се понесе приказната. Покрај едночудо експерименти (со формата – „Коса сликовница“ / „The Slant Book“ на Њуел, со пристапот – визуелните силуетни наративи на Лоте Рајнигер / Lotte Reiniger, различните стилови, тридимензионалните поп-ап сликовници...), кон средината на 20 век веќе толку се минимизирал текстот, што веќе станува забележливо неговото „одземање“ во интерес на осилениот визуелен наратив.
Иако многумина сликовницата „Најголемата мечка“ („The Biggest Bear“) на Линд Вард (Lynd Ward) од 1952 ја сметаат за директен предвесник на немите сликовници, таа сепак е со текст со кој илустрациите имаат поедноставна врска, отколку, на пример во „Книгата со дупки“ на Њуел. Затоа за предвесници треба да се сметаат сите впечатливо илустрирани сликовници со силен визуелен наратив до 1978 година кога се појавува „Снешко“ („The Snowman“) на Рејмонд Бригс (Raymond Briggs) – најверојатно прва, несомнено култна нема сликовница во светот, во смисла во каква што тоа сега го подразбираме. Оттогаш повремено, но сè почесто, се јавуваат и други неми сликовници, од кои највлијателни и највпечатливи се немите сликовници на Дејвид Визнер (David Wiesner) – „Вторник“ („Tuesday“) од 1991, фантастичниот визуелен лупинг „ЗУМ“ („ZOOM“) на Иштван Бањаи (Istvan Banyai) од 1995 година, исто така Визнеровата нема сликовница „Заталкани нешта“ („Flotsam“) од 2006; „Патување“ („Journey“) од 2013 на Арон Бекер (Aaron Becker) итн.

Излог
Од година в година се појавуваат сè повеќе исклучителни неми сликовници насекаде во светот. Последните години една од највлијателните авторки е Сузи Ли (Suzy Lee) од Јужна Кореја. (Ли е добитничка и на Андерсеновата награда за илустрација во 2022 година.) Нејзините сликовници: „Бран“ („Wave“), „Сенка“ („Shadow“) и „Огледало“ („Mirror“) се сметаат за перјаници на најмладиот илустративен жанр – немите сликовници. Да спомнеме уште неколку според личниот вкус: германската „Пајак свири пијано“ („Spinne spielt Klavier“ на Бенјамин Готвалд (Benjamin Gottwald), една исклучително духовита сликовница првенствено за звуци; малку морничавата, но одлична нема сликовница „Мигранти“ („Migrants“) на Перуанката Иса Ватанабе (Issa Watanabe) и метафоричната и умна „Се бара нога!“ („Cercasi gamba!“) од Ирене Фриго (Irene Frigo)... Од соседите треба да се спомнaт бугарските неми (тихи) сликовници „Балконот“ („Балконът“) на Калина Мухова и „На пат“ („На път“) на Мила Јанева-Табакова (Мила Янева-Табакова). За жал, во Србија сè уште нема нивна, домашна нема сликовница. Затоа, пак, Словенците се одлични на тоа поле. Марта Бaртољ (Marta Bartolj) стекна широка светска слава со наградуваната „брезведна“ сликовница „Кај си?“ („Kje si?“), нејзина прва, само една од повеќето, објавена во десетина земји. Мошне забележлива е и „Момче и куќа“ („Deček in Hiša“) на Маја Кастелиц (Maja Kastelic)...
Посебно вреднување
Има еден факт поврзан со Андерсеновата награда (што понекогаш се нарекува и Нобелова награда за литература за деца) што самиот по себе зборува за немерливата моќ на спрегата текст/илустрација во книгите за деца. Едното може да го покрие, да го извлече, да го надомести или потенцира другото, така што крајниот резултат на книгата/сликовницата да остава подобар или полош впечаток отколку што текстот или илустрациите заслужуваат самите по себе (подобар текст : послаби илустрации; подобри илустрации : послаб текст). Имено, Андерсеновата награда за книга за деца е востановена 1956 година (значи за заедништво текст + илустрација, писател + илустратор), но, само по десет години или 5 доделувања (Андерсеновата награда се доделува биенално) е разделена, односно почнуваат да се доделуваат две одделни Андерсенови награди: за писател и за илустратор. Веројатно ова е добро решение за наградите за книги за деца, доколку не станува збор за неми сликовници. Тие заслужуваат посебно вреднување, посебни награди коишто и постојат. Најпознатата награда за необјавени неми сликовници е Silent Books – International Award што се доделува од 2013 година.

Од квантитет до квалитет
Експанзијата на сликовниците не ја одмина ниту Македонија. Последните години сведочиме хиперпродукција во која може да се најде сè и сешто. Автентични, наши, домашни производи од секаква провениенција, не само прозно-поетски, туку и дидактички, прирачнички, прагматични, утилитарни, комерцијални, почетнички,.. но и високо уметнички!, издавачки придружени со огромен број преводни изданија од регионот и пошироко. Во тоа непрегледно море како да се брануваат сите пропуштени процеси, како да се надоместува извесниот дисконтинуитет во развојот на сликовниците. Квантитетот (иако напати тоа требење и пребарување е доста напорно) несомнено донесе и квалитет, придвижување, приближување кон трендовите во регионот, во Европа, па и во светот. Во контекстот на носечката тема на овој текст (немите сликовници), ќе издвојам само двајца автори и неколку сликовници што сметам дека се вистински претходници на немите сликовници. Ване Костуранов даде значаен придонес во авторските сликовници кај нас (кога и текстот и илустрациите се од ист автор). Неговите сликовници „Ѕвездено дете“ (2018), „Девојче и мече“ (2019) и „Девојчето и градот“ (2020), заедно со авторската сликовница на Катерина Николовска – „Момчето од зборови, Девојчето од ноти“ (2023) се совршени претходници на нивни или чии било други неми сликовници. Секако дека постојат и други сликовници кои придонеле македонското издаваштво да биде подготвено за неми сликовници, но сметам дека токму Костуранов најцврсто го поставува темелот, го отвора патот, а Николовска одлично го зграпчува „мигот“.

Фаќање чекор
„(С)обувки“ е прва македонска нема сликовница. Ја создадовме заедно со Наталија Лукомска, којашто волшебно ја илустрираше и визуелно совршено ја „раскажа“ мојата идеја. На „(С)обувки“ гледавме и сè уште гледаме како на експеримент што ни донесе радост, како на тест дали ваков тип сликовница ќе заживее во нашата средина. Како и секоја нема сликовница, и нашата мечтае да биде „прочитана“, иако нема ниту еден единствен збор во неа. Им помагаме на децата и на родителите (зашто идејата на немите сликовници генерално е обединувачка и во генерациска смисла), со тоа што им нудиме неколку можни „читања“ од македонски писатели: Владимир Мартиновски, Елизабета Баковска, Калина Малеска, Ермис Лафазановски, Никола Маџиров и мое. Но, поентата е да ја „раскажуваат“ децата, да им помагаат возрасните дома, а не писатели. Како и да помине меѓу читателите, „(С)обувки“ ќе остане како прва наша „обувка“ за фаќање чекор со најмладиот илустративен жанр во светот. Ако останевме боси и не се обидевме, немаше ниту да знаеме дали можеме.
Се надевам и им посакувам на македонските илустратори да се охрабрат сосем сами да ја раскажат својата приказна, без зборови, без писатели. Сигурна сум дека тоа е прашање на миг, на кусо-кусо време и дека наскоро за немите сликовници во Македонија ќе зборуваме во множина. Оти можеме, оти можат.