Мечка се жени

02.02.2026 16:05
Мечка се жени

 

Тумрук

Јас сум намуртен човек, тумрук

како главен јунак

од црно-бел историски филм

со свиткани веѓи

и две длабоки брчки на челото

Ова е мојата маска

кога во мислите терам правда

или просто, сакам да ме прашаат

што ми е или зошто сум таков?

 

Осама

Толку се зближив со својата осама

што престанав да ја одбегнувам

и ми стана мила, како жив човек

или немо животинче

Ми доаѓа дури и да зборувам со неа

но тоа не го правам

зашто таа нема да одговори

не може да одговори

не смее да одговори

инаку не би била осама

 

 

Црна дупка

Се урнав однатре,

утробата ми се преврте

и се претвори

во малечка црна, тешка,

густа точка

и тогаш ми се виде

дека истото се случува

и со црните дупки во вселената

и тоа се траги

од разочарувања

темни тунели низ кои наеднаш

се стига од еден свет во друг

како да се патува од вистина до вистина

низ една голема лага

 

Мала тревка во полето...

Вреди ли мојот живот повеќе

од оној на кучето во дворот

што си ја лиже ногата?

Или од животот на сливата

која зиме чмае, а напролет разлистува?

 

И како им е на растенијата

кога по лисјата им врне дожд,

нели се радуваат?

 

Смислата наша и нивна е испреплетена

и секој од нас, конечно

е како мала тревка во полето

која не може

заради своето место и големина

да ја согледа целата ледина

 

 

Есен

Есента не е во бојата на лисјата

што жолтеат и црвенеат

ниту во плодовите узреани за берба

ниту во ситниот дожд, не е таму

 

Есента е сила во воздухот и времето

која демне и истоштува

некаде дава здив

некаде го одзема

 

Години

Кога почнав да наоѓам

бели влакна во косата

почнав и да се прашувам

уште колку ќе живеам

сфатив дека

во последно време

животот ми станал

многу поспокоен

и дека годините ми врват

многу побрзо од порано

а деновите и месеците

се лепат еден на друг

и преминуваат еден во друг

како облаци ноќно време

кои никој не ги гледа

 

Сега, да ме разбуди некој

во никое доба

и да ме праша

колку години имам

искрено

не би знаел да кажам

Ќе треба да се свестам

и да погледнам во календар

која година сме

па да правам математика

со годината на раѓањето

 

Знаете, ова се работи

кои освен мене

не тангираат никого

и така треба и да остане

 

 

Мечка се жени

Дожд врне, сонце грее

зраците играат оро со облаците

шмизли копаат на нива

(нивата се радува)

 

Стечајци се греат во сауна

(сауната се чуди)

Деца бистрат политика

Пензионери сурфаат на интернет

По кафеаните не се пуши

 

Народот пие нафта

И вози евтини коли

Неписмените пишуваат докторати

Полуписмените – елаборати

 

Камо да бев водоводџија

Или барем ѕидар

 

Зелено изгрејсонце

Зелено изгрејсонце

сува ливада без цветови

во ѕидовите на високите згради

има многу стакло и челик

полека се крева маглата над гробиштата

мртвите си мируваат под земја

а живите живеат под небото

кој кому завидува?

 

 

Слики: The Royal Art Lodge

Извор за песните: Тихомир Јанчовски - О, ТИ (Темплум, 2011)

 

Белешка за авторот

Тихомир Јанчовски (1967-2026) е роден во Скопје на 24 август 1967. Дипломирал општа и компаративна книжевност во 1991 година. Специјализирал во Будимпешта, на катедрата за Средновековни студии на Централно-европскиот универзитет. Магистрирал современа историја на УКИМ, 2010. Се занимаваше со поезија, превод, медиевистика... Објави над триесет книги, главно поезија, преводи, романи и една историска книга.

Во 2024 со Бранислав Николов го создадоа поетскиот перформанс „Волкот на љубовта“.

Од 2013 до 2016 објавувал колумни во Утрински весник, во рубриката „Рурбано“. Книга со колумни: „ Како ми скроија капа и други записи“ (декември 2018). Од 2021 објавувал колумни во месечникот „Економија и Бизнис“.

Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија. Присутен е во низ антологии. Четири целосно преведени книги објавени му се на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик.

Почина во Скопје на 30 јануари 2026.

ОкоБоли главаВицФото