1008 hPa
81 %
9 °C
Скопје - Пон, 09.02.2026 11:59

Палестинската мандатна фудбалска репрезентација
На Светското првенство на Мусолини во 1934 година, одржано во Италија, 16 репрезентации се бореле за титулата. Палестинската репрезентација не се квалификувала на првенството, откако во квалификациите загубила од Египет. Египет се пласирал на СП, но учеството на Палестина во квалификациите и денес често се наведува како пример за историската инклузивност на ФИФА.
Иако е точно дека на официјалните меѓународни фудбалски натпревари и пред 1948 година биле нарекувани палестински, приказната за палестинската репрезентација вклучува подмолни политички маневри и различни облици на задкулисно исклучување. Да се вратиме во 1934 година – покрај тоа што станувало збор за квалификации за експлицитно фашистички фудбалски спектакл, поблискиот поглед кон учеството на Палестина во квалификациите открива уште неколку непријатни факти.
Имено, палестинската репрезентација во триесеттите била составена претежно од ционистички и британски играчи и официјално се нарекувала Палестинска мандатна фудбалска репрезентација. Причината за тоа не била недостиг од арапски палестински таленти, туку систематска маргинализација на Палестинците.
Во дваесеттите години ционистичките клубови на територијата на Палестина ја монополизирале меѓународната спортска репрезентација на земјата и во 1929 година добиле членство во ФИФА, претставувајќи се како Палестински фудбалски сојуз. Тој сојуз не само што ја забранил арапската палестинска репрезентација, туку и застапувал политика со која на другите арапски земји им се оневозможувало да играат против таа репрезентација, наведувајќи како главна причина недостиг на официјално признавање и поврзаност со ФИФА.
Како одговор на тие потези, во 1931 година била основана арапско-палестинска репрезентација, која го одиграла својот прв натпревар во Бејрут. Истата година бил основан и Арапскиот спортски сојуз, со идеја да служи како кровна спортска институција во Палестина.
Секретарот на Арапскиот спортски сојуз, Кадер Камал, во 1933 година во телеграма до ФИФА навел дека палестинската репрезентација одобрена од ФИФА се состои речиси исклучиво од ционисти, иако тие во Палестина сочинувале помалку од една третина од населението. Тој изразил надеж дека ФИФА ќе го признае Арапскиот спортски сојуз како спортски ентитет што го претставува мнозинството од населението во земјата. ФИФА одговорила дека ќе го разгледа признавањето на Арапскиот спортски сојуз, но одобрување никогаш не пристигнало.
Откако со Договорот од Осло во 1994 година беше воспоставена Палестинската самоуправа, долгата палестинска потрага по членство во ФИФА кулминираше со приемот во 1998 година. Договорот од Осло во многу нешта стана олицетворение на откажувањето од прогресивните палестински политички цели, па во таа светлина созреа и новата фудбалска репрезентација.
Палестинскиот фудбалски сојуз во последните дваесет години ја влече ФИФА за ракав во врска со санкциите против Израел, како по прашањето на окупацијата, така и по прашањето на масовното уништување на спортската инфраструктура и убивањето спортисти и спортистки.
Повеќе од 30 правни експерти ги повикаа ФИФА и УЕФА да му забранат на Израел учество во натпреварувањата поради геноцидот во Газа. Стотици илјади фудбалски навивачи ширум светот повикаа на слични мерки против Израел од октомври 2023 година. Навивачите користеа транспаренти, упади на терените, напуштање на стадионите и други методи за да извршат притисок врз светската фудбалска организација. Засега, нивниот труд не вроди со значаен успех, а ФИФА со таквата практика останува верна на политиката на прифаќање исклучиво на Палестина без Палестинци.
Извор: https://www.portalnovosti.com/