За лошите политики во културата низ личен пример

03.02.2026 00:41
За лошите политики во културата низ личен пример

Господар на катастрофите

 

Прв и веројатно последен пат аплицирам на конкурсот за годишна програма на Министерство за култура / Ministria e Kulturës. Мојот проект, книга, е одбиен. Поддржани се проекти од типот Бадникови поворки, Денови на Света Сава, фестивали за локуми и пастрмајлии итн. ‒ во категоријата мултидисциплинарна уметност. Тоа добро го илустрира комплетното урнисување на односот на нашата држава спрема културата. Еве неколку мои согледби зошто книгата не ми е поддржана.

Апликантите, организации или автори, не се оценувани со нивните апликации, туку според тоа тоа колку молчеле или одработиле за својата партија. ВМРО ДПННЕ како партија која неколку години активно води политика вкоренета во демографска зима и зголемување на наталитетот ги смета за пречка мене и сите оние кои долги години ги преиспитуваат ваквите популистички проекти ‒ најмногу преку Парадата на гордоста и Осмомартовските маршови; башка им пречи и нашата поддршка за Газа, протестирањето против цементарницата УСЈЕ и воопшто сите критики кон оваа власт. Дополнително, служев двегодишен мандат во одборот за државната „Награда за човекови права Мето Јовановски“ што ја координира Министерството за култура; откако наградата ѝ беше доделена на трансродова личност првпат во историјата на нашата држава, Министерството направи преседан и ги објави членовите на Комисијата, под влијание на фашизоидните антиродови структури, за да се огради од ваквата одлука.

 Смири се, Феклер. Те разглобивме за да те составиме по наш урнек.

 

Темата на мојата книга, болното тело, е нешто за што секоја можна партија, сосе ДПМНЕ, се запенави на сите избори ‒ дека ќе работи прашањево да се подигне на повисоко ниво. Книгата во ракопис се занимава со хронично болното тело, со прашањата на телесноста, не само низ моето лично искуство, туку и низ испреплетените искуства на уште десет други гласови (главно жени со таканаречени женски болести), и со вклученоста на семејствата, згрижувач(к)ите и круговите на поддршка. Книгата се меша таму каде што најчесто не се оди, каде што терените се лизгави и можеби неспецифични за нашето јазично подрачје. Болното тело е ставено во контексти поврзани со сексот, со задоволството, со испревртувањето на начините како функционираат нашите работни места; на крајот книгата се занимава и со полето на општествена промена, болното тело кое се движи и протестира како револуционерно тело. Сметам дека ова е дополнителна причина да бидам одбиен. Се очекува темите на попречените тела секогаш да бидат ставени во патетични бинарни крајности, меѓу инспиративноста и медикализираноста, никогаш помеѓу, никогаш зајакнати, никогаш до крај соочени со суштинатата.

Немам никакви очекувања од оваа држава во поглед на посуштинска поддршка. Токму оваа држава ме остави тогаш кога ми требаше најмногу здравствена поддршка. Моето здравје, ресурси и енергетски нивоа се прекршени од политиките на државата. Ниту еден работен ден од мојот работен стаж не е платен со пари од оваа држава; напротив, тоа биле секогаш странски пари. Моето образование е поддржано од странски држави. Целата моја доедукација ја платиле странски држави. Данокот го плаќам доследно и без задоцнување. Кога сакав да прозборам за проживеаното искуство на тоа како е да се живее во болно тело, не само да се живее, туку преживува, и да се понуди некаква поширока форма на живот што носи задоволство преку танц, одење, тегнење, сексуални искуства и побуни на телото, државата не најде за сходно од моите даночни пари да ми додели 90.000 денари, една мошне скромна парична сума.

За волја на вистината, вашиот предлог моментално се ‘процесира’.

 

За темата попреченост, болно тело и болест сфатив, низ месециве, дека е крајно маргинализирана. Пишувањето беше делот во кој уживав, се спознавав себеси, се кршев и составував, се преиспитував со луѓето околу мене и заедно преживувавме искуства што ни се случиле и пред 20 години. Зборував со храбри и искусни луѓе кои, на некој начин, живеат и во мене. За жал, мојот труд беше непожелен не само за Министерство за култура / Ministria e Kulturës. Издавачки куќи, фондации со кои имам соработувано со години и други центри го нарекуваа мојот ракопис недоволно книжевен, го вредуваа во темите поврзани со здравје, го дефинираа без дијалог, само за да го исфрлат од видикот. Ова е всушност и суштината на хроничното искуство. Тотална контрола врз зборот, телото, истуркување од канонот, од видното поле, покажување дека местото ни е само во медикализираните записи, а не во книжевноста, дека не сме ние тие што ќе донесеме поразлични светови.

За среќа меѓу мене се многу луѓе што неуморно веруваат во оваа идеја, колку и да е таа маратонска и тешка.

Истрошен сум од акање по протести и улици, од борбата за идејата на еднаквост која, меѓу другото, е и безбедносно прашање.

Сепак, морам да продолжам да се борам бидејќи нашите животи зависат од таа борба. Сакам да верувам дека солидарноста постои и дека колегите кои се бават со култура имаат доволно сила да се соберат и да ја именуваат и предизвикаат оваа булумента што ги крои лошите и коруптивни политики. Се надевам дека има луѓе што имаат принципи и кои се спремни за отпор, па дури и ако се поддржани од оваа институција на власта.

Ова е нашата нова деловна стратегија. Треба да се приклучиш, Воткинс!

 

Слики: Бил Вајтхед

ОкоБоли главаВицФото