1008 hPa
81 %
9 °C
Скопје - Пон, 09.02.2026 11:59

Во 1978 година Ѓурчинов на 35 страници пишува критика на книгата на Георги Старделов објавена во 1977, „Доба на противречностите“. Овде пренесуваме неколку интересни страници од тој текст.
(...)
Она што во размислувањата на Старделов предизвикува полемика е обидот телевизијата (заедно со филмот и архитектурата) да ја промовира во „доминантна уметност на нашето време“ (!?). Во прилог на едно вакво свое тврдење Старделов не наведува никакви аргументи, а тешко би можело и да ги наведе, зашто не е потребно да се биде специјално упатен за да се остане со уверувањето дека телевизијата не е уметност, најмалку не — доминантна, туку е, барем засега, само средство на масовна комуникација преку кое може и уметноста да биде присутна и афирмирана.
Станува збор, значи, за тоа дека телевизијата како ново технолошко средство и нов комуникационен медиум не е во состојба сама од себе да ја демонтира и укинува граѓанската свест, идеологија и уметност, како што тоа го посакува Старделов, бидејќи е повеќе од евидентно дека истата таа, како технолошко средство, може да биде користена и манипулирана од страна на буржоаското граѓанско општество во капиталистичките држави и земји, како што може да и послужи и на една статистичка и догматска ориентација во социјалистичките држави и земји. Накусо работата не е во самата телевизија како ново технолошко средство, туку во нејзината општествена положба, а потоа, во содржината и квалитетот на нејзината програма. Зашто, сведоци сме дека и телевизијата, како и филмот и радиото и пишаниот збор во видот на издадената книга, се многукратно употребени не за демократизација на културата среде пошироките слоеви, ниту за нивна подготовка во создавањето културни вредности и за непосредно учество во културните процеси, туку за нивна индоктринација со граѓански или догматски идеи и претстави, за стандардизација на нивниот вкус и малограѓанска профанација на нивниот менталитет. Оттаде, крајно е едностран заклучокот дека новата позиција на уметничкото дело во епохата на научно-технолошката револуција сама по себе го прави беспредметен ждановистичкиот став според кој во социјализмот има место само за еден уметнички метод. Како крајот на тој единствен метод (соц-реализмот) — да доаѓа едноставно со новите технички медиуми, а не и со промените во општествената, творечката и идејно-естетската сфера.
.jpg)
Ни треба корективно мастило, брзо!
Постојат во овој дел на книгата од Старделов и други размислувања искажани „en passant“, всушност — крајно недоречени, и во голем степен — произволни. На едно место, зборувајќи футуристички за судбината на големите уметнички дела создадени во минатото и за нивната судбина во новото самоуправно социјалистичко општество, Старделов ќе рече: „Се разбира, класичното уникатно уметничко дело ќе трае ‘sub specie aeternitatis’, но сè повеќе ќе ја доживува судбината на орнаментот. Меѓутоа, кој смета денес на орнаментот како уметност?“
Да го погледнеме малку подлабински овој исказ на Старделов. Пред сè, едно вакво искажување е — нелогично. Од една страна, се тврди дека „класичното уникатно уметничко дело“ ќе има трајна вредност, од друга — дека истото тоа дело ќе има и ќе ја доживее „судбината на орнаментот“ со којшто „денес никој веќе не смета“. Потоа, ако навистина се мисли дека ставот за трајната вредност на уметничките дела е веќе анахронизам, значи ли тоа дека вистинските, уникатни и класични дела од минатото, меѓу кои спаѓаат секако и Хомер, и Данте, и Шекспир, и Балзак, и Достоевски, и Толстој, во епохата на Големата Синтеза ќе ја доживеат судбината еднаква на сите безвредни сурогатни дела на уметноста од минатото како „орнаменти на кои никој нема да смета како на уметност?“
Се разбира, на ваквите тврдења не им е потребен посебен коментар.
.jpg)
Дали ќе дозволиме овој карикатурист да продолжи да ја загадува нашата средина не внимавајќи на своето мастило?
Во завршниот дел од својата расправа за противречностите Старделов се осврнува на архитектурата, гледајќи во неа „фундаментална уметност на епохата на големата историска трансформација“. Грубото, нихилистичко негирање на уметничките остварувања создадени во минатото, но и во нашата непосредна сегашност, идео-прагматизмот во нивното вреднување доаѓаат до полн израз во овој дел од расправата на Старделов. Црно-белата линија на размислувањата овде е извлечена до најново време: сè што е кај нас создадено на планот на архитектурата за последниве 20 години Старделов едноставно го негира и го отфрла. Сето тоа за Старделов значи „одгледување на некогашната естетистичка архитектура, а веќе подолго време и на облиците на граѓанската архитектура и на нејзиниот идеен, филозофски, социолошки, естетски и цивилизациски концепт воопшто“. За оствареното во нашата современа архитектура, што според него, се одвива „не внатре во социјалната револуција, туку покрај неа и независно од неа“ Старделов предлага не полемика, ниту дијалог, туку — динамит и булдожери! Се разбира, не ми паѓа на ум да ги бранам авторите на оние бетонски чудовишта што овде-онде поникнаа во нашиов главен град по земјотресот, бидејќи во еден од таквите бункери и самиот (како и Старделов) ги вршам своите службени професорски обврски без да имам какви-годе шанси да го избегнам тоа свое второ живеалиште до крајот на својот службен век.
Но, чувствувајќи органска одбивност кон таквите сиво-бетонски грдотии, не мислам дека (дури и кога под нивните квази-супер и редовно прокиснати модерни куполи одам со отворен чадор низ лавиринтските коридори кон предавалните) имам право да сметам и верувам дека сè што последниве децении е направено во мојот град го заслужува моето презриво „нихил“, гарнирано уште со дубиозна идеолошка инкриминираност. Напротив. Мислам дека доброто и лошото во животот на еден град, како и доброто и лошото во животот на еден човек се обично измешани во сразмери кои не можат аптекарски да бидат одмерени и дека е нужна далеку поголема компетентност во сферата на архитектурата и урбанистиката од онаа со која и јас и Старделов располагаме за да се даде една толку безмилосна и беспризивна оценка каква што ја дава авторот на „Доба на противречностите“. Се разбира, можно е и така да се мисли, негаторски и херостратски, само, сепак е неопходно, во студиите што претендираат на теоретска сериозност, да бидат почитувани некои елементарни норми на логиката и историскиот развој кои важат насекаде, па и во сферата на урбаната архитектура.
А таа логика и тој развој кажуваат дека сè што постои, постои и како задоволување на определени потреби, на определени луѓе и општествени класи од определена епоха и дека ништо не е еднаш засекогаш создадено и дека човекот и на човековиот дух му е својствено непрестајно да менува, да бара нови решенија за новите проблеми и потреби и дека на патот на тоа барање човекот оди напред, потпирајќи се и на минатото, не спалувајќи ги сите мостови со она што претходно го создале човековиот ум и човековите раце, бидејќи човекот се развива и го менува светот, го доослободува и го разоттуѓува животот менувајќи се и самиот, но останувајќи човек со многу свои „признаени психофизички константи“.
.jpg)
Градов почнува да се топи!
И сето тоа не поради тоа што така за него мисли граѓанскиот архитект Корбизие, кој, според Старделов, сака со својата „ортогонална архитектонтика“ да нè „деперсонализира“ и „да нè претвори во аморфна маса, во бројка“, туку поради тоа што човековото суштество се бори да го оствари комунизмот не за да се претвори во безживотна програмирана кукла, туку за да стане докрај слободна, збогатена личност која и во новите општествени односи со еден дел од својата непредвидлива, нерационална и непрограмирана природа останува и „космичка ѕверка“ (М. Ристиќ), поради што — и времето на Големата Синтеза не треба и не смее да биде никаков крај и конечна цел, туку идеал „кој вреди само доколку акцијата се управува кон него“, бидејќи самото ослободување е жив процес, кој дејствува како фасцинантна и окрепувачка реалност, кој во уметноста, што ќе рече и во творештвото дејствува двонасочно — афирмирајќи го партикуларитетот, што ќе рече, индивидуалитетот, посебноста, самостојноста, а од друга страна, — интегрирајќи ја самата личност во контекстот на општеството и на средината“ (Крлежа).
Но, поконкретно погледнато и со фамозниот Корбизие работите не се ни оддалеку такви какви што ги прикажува авторот на книгата „Доба на противречностите“. Кај Корбизие има натур-бетон, но има и цветни градини врз покривите, сонце, простор и зеленило во агломерациите што ги проектирал и остварил, има сложена, истражувачка, понекогаш и контрадикторна мисла на еден од најголемите архитекти на нашето време, за чии одделни остварувања може да се мисли различно, но чиј монументален опус никако не може да се наниже врз тенката нишка на застрашувачкото идеолошко толкување што за него го дава Старделов:
„Тој концепт на архитектурата со својата ортогоналност макар и елементарно, макар и ‘имплицитно’ се стреми бетонски да нè армира, да нè вгради во своите правоаголни ќошиња, бидејќи за неа архитектонскиот објект е само место каде што се станува, т.е. каде што се размножува човековиот вид, и место каде што се работи, т.е. каде што се одржува човековиот вид. Тој концепт на архитектурата и не сакајќи настојува да нè деперсонализира и според системот на конвергенцијата да ги изедначи сите социјални поредоци и сè да претвори во аморфна маса, бројка, бидејќи човечкото суштество е, како што вели Корбизие, со ‘признаени психофизички константи’, т.е. бидејќи сите имаат еднакви организми и еднаков биолошки статус и еднакво функционираат како секоја една машина. На тој начин е отстранет од фундаменталниот архитектонски концепт не само хуманистичкиот, туку и идејниот и цивилизациски персоналитет.“ (стр. 65)
.jpg)
Картонска џунгла!
Дека едно вакво „мислење“ е не само произволно и неправедно, т.е. неадекватно, туку со својата шематски упростен социологизам наполно во духот на една од двете естетики со кои самиот Старделов во едно од поглавјата на својата книга беспоштедно се пресметува (анархистичката и ждановистичката) можат да го потврдат сите оние кои имале можност да застанат пред објектите што ги проектирал големиот маг на современата архитектура.
Во книгите што ни беа при рака, за „ортогоналниот“ Корбизие може да се прочита нешто што е директно спротивно на она што го тврди нашиот естетичар:
„...Карактеристики на скелетните конструкции на Л’Корбизие се слободно поставените столбови на приземјето, кои на неговите згради им даваат впечаток на леснина и лебдење, хоризонталните прозорски отвори, рамните покриви — тераси на кои често се поставуваат градини... Л’Корбизие смета дека современата архитектура треба да му обезбеди на човекот сонце, простори, зеленило, бидејќи се тоа примарни потреби на човекот, што модерниот живот му ги одзема.“ (Enciklopedija likovnih umjetnosti, Zagreb, MCMLXIV, str. 293—294)
„...Настојувањата на Л’ Корбизие се надоврзуваат врз архитектонските теории на Витрувиј засновани врз принципот дека човекот (подвл. мое — М.Ѓ.) е мерка на сите нешта...“
„...Архитектурата е условена од духот на времето, а духот на времето се длабините на минатото, познавањето на сегашноста и [иднината]...“ (Carlo Cresti, Le CORBUSIER, Zagreb, 1970)
(...)
1978
.jpg)
Еј, крадач на сцена!
Извор: Милан Ѓурчинов - Марксизам творештво вредности, 1988
Подготвил: Н. Г.
Карикатури: Бил Вајтхед