Кобното влијание на богаташите

04.02.2026 00:40
Кобното влијание на богаташите

Минатата година во светот е забележан рекорден број милијардери, а нивното заедничко богатство достигна 18,3 билиони долари. Истовремено, запрено е намалувањето на сиромаштијата кое во претходните децении постепено се случуваше, а во некои региони сиромаштијата е во пораст. Ова се заклучоците од годишниот извештај за глобалната нееднаквост што го спроведува организацијата Oxfam International, а кој покажува дека лани во светот живееле повеќе од три илјади милијардери.

Вкупното богатство на оние кои спаѓаат во таа категорија во последните пет години се зголемило за дури 81 отсто, односно за 8,2 билиони долари, а само тој износ е доволен за глобалната сиромаштија да се искорени 26 пати. Податоците на Оксфам покажуваат и дека во последните десет години вкупното богатство на милијардерите се зголемило повеќе од двојно, а најостриот пораст е забележан во време на пандемијата со Ковид-19, помеѓу 2020 и 2021 година, кога се зголемило од 10,11 билиони на 16,04 билиони.

Од почетокот на вториот мандат на американскиот претседател Доналд Трамп на почетокот на 2025 година, богатството на милијардерите растело трипати побрзо од просекот на петте години што му претходеа, а американскиот технолошки олигарх Илон Маск стана првата личност чие богатство надминува половина билион долари. Истовремено, секој четврти жител на светот живее во состојба на несигурна достапност до храна, додека 12-те најбогати луѓе поседуваат повеќе отколку посиромашната половина на човештвото.

Лани во Африка, Азија и Латинска Америка е забележан и рекорден број масовни протести мотивирани од економски причини, а владите на тие земји главно на протестите реагираа со игнорирање на барањата на луѓето или со репресија. Еден од авторите на извештајот, Макс Лосон, рече дека владите ширум светот по правило застануваат на страната на богатите и „настојуваат да го задушат гневот на сопствените народи поради неподносливоста на животните услови, наместо да го редистрибуираат имотот на најбогатите“.

Првпат по низа години, лани на африканскиот континент е забележан пораст на сиромаштијата, а глобално гледано, во таква состојба живее половина од светското население, речиси четири милијарди луѓе. Еден од поиллустративните примери кој се опишува во студијата е оној со протестите кои лани и во 2024 година се случуваа во Кенија, чија влада воведе мерки за штедење во јавните услуги, а истовремено и даночни олеснувања во корист на богатите.

Се протестираше во гетата на Најроби, во кои нема питка вода ниту канализација, додека во соседниот голф ресорт непрекинато се залева тревата. Во масовните протести на младите кои лани се случуваа во Непал, една од главните цели беше единствениот тамошен милијардер Бинод Чодри, воедно и пратеник во парламентот, чии продавници и недвижнини ги запалија демонстрантите.

Извештајот се занимава и со сè поголемото политичко влијание на богатите, при што се наведува дека во државите со голема економска нееднаквост постои повеќекратно поголема веројатност за ерозија на демократијата отколку во земјите каде што нееднаквоста е помала. Милијардерите имаат четири илјади пати поголема шанса од обичните граѓани да дојдат на некоја политичка позиција, а 11 отсто од нив учествувале во власта.

Исто така, повеќе од половина од традиционалните медиуми и девет од десетте најголеми социјални мрежи се во сопственост на милијардери, исто како и сите десет водечки компании кои се занимаваат со вештачка интелигенција. Во извештајот се издвојува примерот на социјалната мрежа Икс на Маск, чија вредност повеќекратно порасна по инаугурацијата на Трамп.

На таа социјална мрежа истовремено е забележан петкратен пораст на говорот на омраза, кој кон економски најранливите групи го шири екстремната десница, додека владите ги прогонуваат оние кои на Икс изразуваат незадоволство од нивните политики.

Оксфам го цитира и истражувањето на Центарот Pew Research спроведено во 36 земји во светот, кое покажа дека 86 отсто од испитаниците сметаат дека главната причина за економската нееднаквост е токму преголемото политичко влијание на богатите.

Карикатури: José Alberto Rodríguez Avila

Извор: https://www.portalnovosti.com/