85 секунди до полноќ

04.02.2026 11:40
85 секунди до полноќ

 

„Часовникот на катастрофата“ (Doomsday) секоја година го издава Bulletin of the Atomic Scientists, непрофитна платформа фокусирана на следење на загрозувачките активности во областите на нуклеарното вооружување, климатските промени и технологиите опасни за човештвото. Платформата функционира во различни облици од 1945 година, откако последиците од експлозиите на атомските бомби фрлени врз Хирошима и Нагасаки ги згрозија и самите нивни творци. Основањето го поттикнаа Алберт Ајнштајн и Роберт Опенхајмер, а низ годините во неа учествуваа 40 нобеловци и стотици други научници. Земајќи ги предвид развојот и настаните, научниците собрани околу платформата проценуваат каде светот се наоѓа во однос на моментот на надоаѓачката катастрофа. Сликовито го покажуваат тоа користејќи часовник во кој полноќ е моментот на апокалипсата, а положбата на стрелката на часовникот ја одразува состојбата за таа година. Годинава е објавено дека стрелката се нашла никогаш поблиску до полноќ, односно на само 85 секунди до неа. Во продолжение го пренесуваме преводот на нивната објава.

 

Пред една година предупредивме дека светот е опасно блиску до глобална катастрофа и дека секое одложување на промената на насоката ја зголемува веројатноста за катастрофа. Наместо да го послушаат ова предупредување, Русија, Кина, САД и други големи земји стануваат сè поагресивни, ривалски настроени и националистички. Тешко постигнатите глобални договори се уриваат, забрзувајќи го натпреварот меѓу големите сили во кој победникот зема сè и ја поткопува меѓународната соработка клучна за намалување на ризикот од нуклеарна војна; тие борби за превласт ги забрзувааат климатските промени, ја злоупотребуваат биотехнологијата и ги занемаруваат потенцијалните закани од вештачката интелигенција и од другите апокалиптични опасности. Премногу лидери станаа самозадоволни и рамнодушни, во многу случаи усвојувајќи реторика и политики кои ги забрзуваат, а не ги ублажуваат овие егзистенцијални ризици. Поради овие процеси Билтенот на Одборот за наука и безбедност на атомските научници денес го поставува Часовникот на судниот ден на 85 секунди до полноќ, најблиску до катастрофа досега.

Минатата година започна со трошка надеж во поглед на нуклеарните ризици, бидејќи новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп вложи напори да ја запре војната помеѓу Русија и Украина, па дури предложи големите сили да продолжат со „денуклеаризација“. Меѓутоа, во текот на 2025 година негативните трендови – старите и новите – се интензивираа, а три регионални судири во кои се вклучени нуклеарни сили се закануваат со ескалација. Руско-украинската војна е одбележана со нови и потенцијално дестабилизирачки воени тактики и руски закани за употреба на нуклеарно оружје. Судирот меѓу Индија и Пакистан изби во мај, што доведе до прекугранични напади со дронови и ракети на работ на нуклеарна пресметка. Во јуни Израел и САД започнаа воздушни напади врз иранските нуклеарни постројки за кои се сомневаа дека служат за развој на нуклеарно оружје. Останува нејасно дали нападите ги ограничија тие напори – или наместо тоа ја поттикнаа земјата да ги продолжи тајно.



Во меѓувреме, конкуренцијата меѓу големите сили се претвори во вистинска трка во вооружување, што го докажува сè поголемиот број нуклеарни боеви глави и платформи во Кина, како и модернизацијата на системите за употреба на нуклеарно оружје во САД, Русија и Кина. САД планираат да распоредат нов, повеќеслоен систем за ракетна одбрана, Златна купола, кој ќе вклучува вселенски пресретнувачи, ќе ја зголеми веројатноста за судир во вселената и веројатно ќе поттикне нова вселенска трка во вооружување.

Иако овие загрижувачки трендови продолжија, земјите со нуклеарно оружје не разговараа за стратешката стабилност или контролата на вооружувањето, а камоли за нуклеарното разоружување.

Прашањата за засилените американски обврски за одвраќање кон традиционалните сојузници во Европа и Азија наведоа некои земји без нуклеарно оружје да размислат за набавка на истото.

Додека ја објавуваме оваа изјава, последниот голем договор со кој се ограничува бројот на стратешко нуклеарно оружје што го распоредија САД и Русија, новиот СТАРТ, наскоро ќе истече, со што ќе завршат речиси 60 години напори за ограничување на нуклеарната конкуренција меѓу двете најголеми нуклеарни сили во светот. Освен тоа, американската администрација можеби размислува за продолжување на експлозивното нуклеарно тестирање, што дополнително ќе ја забрза обновената трка во нуклеарно вооружување.



Низа неповолни трендови во областа на климатските промени доминираа и изминатата година. Нивото на атмосферски јаглероден диоксид – стакленички гас најодговорен за климатските промени предизвикани од човечкото дејствување – достигна нов максимум, искачувајќи се на 150 проценти од прединдустриското ниво. Глобалната просечна температура во 2024 година беше највисока во 175 години мерења, а 2025 година не се разликуваше значително. Поради дотокот на слатка вода од топењето на глечерите и топлинското ширење, глобалното просечно ниво на морето достигна рекордно високо ниво. Поттикнат од високите температури, хидролошкиот циклус стана понеправилен, со поплави и суши кои наизменично се менуваа ширум светот. Големи подрачја на Перу, Амазонија, јужна и северозападна Африка доживеаја суши. Европа по третпат во последниве четири години забележа повеќе од 60.000 смртни случаи поврзани со горештините. Поплавите во сливот на реката Конго раселија 350.000 луѓе, а рекордните врнежи во југоисточен Бразил раселија повеќе од половина милион луѓе.

Националните и меѓународните одговори на климатската криза преминаа од целосно недоволни до изразено деструктивни. Ниту еден од трите најнови климатски самити на ОН не ја истакна потребата од постепено укинување на фосилните горива или следење на емисиите на јаглероден диоксид. Во САД администрацијата на Трамп во суштина им објави војна на обновливите извори на енергија и на разумните климатски политики, неумоливо уништувајќи ги националните напори во борбата против климатските промени.

Во текот на изминатата година, податоците од истражувањата во четири подрачја на науките за животот покажаа зголемени потенцијални ризици од катастрофа.



Во декември 2024 година научници од девет земји објавија дека постои можност за егзистенцијална закана за сиот живот на Земјата: лабораториско создавање таканаречен „огледален живот“. (Заб. прев. Органскиот свет е изграден од „L аминокиселини“ и целиот метаболизам и имунолошки систем се изградени според тоа.) Тие научници повикаа огледалните бактерии и другите огледални клетки – составени од хемиски синтетизирани молекули кои се огледални слики на оние што се наоѓаат на Земјата – слично како што левата рака ја отсликува десната рака – да не се создаваат, бидејќи самореплицирачките огледални клетки веројатно би можела да ги избегнат нормалните контроли на растот, да се прошират низ сите екосистеми и на крајот да предизвикаат широко распространета смрт на луѓе, други животни и растенија и потенцијално да го нарушат целиот живот на Земјата. Меѓутоа, досега меѓународната заедница нема направено план за решавање на овој ризик.

Истовремено, забрзаната еволуција на вештачката интелигенција претставува поинаков вид биолошка закана: потенцијал за создавање нови патогени со помош на вештачка интелигенција за кои луѓето немаат ефикасна одбрана. Исто така, загриженоста околу програмите за биолошко оружје кои ги спонзорираат поединечни држави се продлабочи во текот на изминатата година, главно поради слабеењето на меѓународните норми и механизми за продуктивно договарање.

Можеби најнепосредна грижа е брзата деградација на инфраструктурата и стручноста на јавното здравство во САД. Тоа опасно ја намалува способноста на Соединетите Држави и на другите нации да одговорат на пандемии и на други биолошки закани.



Сè поголемата софистицираност на големите јазични модели и нивната примена во критичните процеси – заедно со долготрајната загриженост за нивната точност и склоноста кон „халуцинирање“ – предизвикаа значајна јавна дебата во текот на изминатата година за потенцијалните ризици од вештачката интелигенција.

САД, Русија и Кина ја вклучуваат вештачката интелигенција во своите одбранбени сектори и покрај потенцијалните опасности од таквите потези. Во САД администрацијата на Трамп ја повлече претходната извршна наредба за безбедност на вештачката интелигенција, што одразува опасно давање приоритет на иновациите пред безбедноста. А револуцијата на вештачката интелигенција има потенцијал да ги забрза постоечкиот хаос и дисфункцијата во светскиот информациски екосистем, засилувајќи ги кампањите со погрешни информации и дезинформации и поткопувајќи ги јавните расправи засновани на факти, потребни за решавање на итните големи закани како нуклеарната војна, пандемиите и климатските промени.

Овие опасни трендови се придружени со уште еден присутен феномен кој ги поткопува напорите во соочувањето со големите глобални закани: подемот на националистичката автократија во земјите ширум светот, вклучително и низата земји кои поседуваат нуклеарно оружје. Лидерите на САД, Русија и Кина во голема мера се разликуваат по своите автократски склоности, но сите им пристапуваат на меѓународните односи фаворизирајќи ги грандиозноста и натпреварот пред дипломатијата и соработката. Подемот на автократиите сам по себе не е егзистенцијална закана, но пристапот „ние против нив“ со нулта сума го зголемува ризикот од глобална катастрофа. Тековните автократски трендови ја попречуваат меѓународната соработка, ја намалуваат одговорноста и дејствуваат како забрзувачи на заканите, што го отежнува запирањето и пресвртот на опасните нуклеарни, климатски и технолошки процеси.



Дури и додека стрелките на Часовникот на судниот ден се ближат до полноќ, постојат многу нешта кои би можеле да го вратат човештвото од работ:

- САД и Русија можат да го продолжат дијалогот за ограничување на своите нуклеарни арсенали. Сите држави со нуклеарно оружје можат да избегнат дестабилизирачки вложувања во ракетната одбрана и да го почитуваат постоечкиот мораториум на експлозивно нуклеарно тестирање.

- Преку мултилатерални договори и национални прописи, меѓународната заедница може да ги преземе сите изводливи чекори за да го спречи создавањето огледален живот и да соработува на смислени мерки за да ја намали можноста за користење на вештачката интелигенција за создавање биолошки закани.

- Конгресот на САД може да ја отфрли војната на претседателот Трамп против обновливите енергии, обезбедувајќи поттик и инвестиции кои ќе овозможат брзо намалување на користењето на фосилните горива.

- САД, Русија и Кина можат да се вклучат во билатерален и мултилатерален дијалог за смислени насоки во врска со вградувањето вештачката интелигенција во своите војски, посебно во системите за нуклеарно командување и контрола.

Нашата моментална патека е неодржлива. Националните лидери – особено оние во САД, Русија и Кина – мора да го преземат водството во пронаоѓањето пат од работ на пропаста.

Граѓаните мора да инсистираат тие да го сторат тоа.

До полноќ има уште 85 секунди.



Карикатури: Tjeerd Royaards

Извор за текстот: https://www.portalnovosti.com/

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото