1011 hPa
66 %
9 °C
Скопје - Нед, 15.03.2026 08:59

Збогум Тихо, ќе пееме во други животи, ќе ме нервираш и ќе ми викаш "Ѓурѓо мори" и "ќерко, дај ми ја ќерка ти, на ти го Мала мечка".
Вечна ти слава!
Ана Голејшка
***
Не може тоа така, тихо… и те гледам, насмеан и како се забавуваш со мојата сериозност, па ми викаш, со собрано чело и насмевка, Зошто, Долорес?!
долорес ме викале професорите низ моето образование, мајка ми кога ми се налути, и тихо, и тоа останува, заедно со сите негови прекрасни стихови.
Не може ова вака, тихо! каде си тргнал?
Одам пак во својата куќа каде не може да влезе никој само јас и таму сум гол и бос…
Тихомир Јанчовски, од „Влакно на јазикот”
Д.А. Лори
***
Кога почина татко ми (вујко го викаше), ми напиша:
„Беше многу добар и кроток човек, како од друго време или од друг свет. Бог да го прости и да го насели меѓу праведниците. Па да нè дочека и нас на оној свет, кога ќе ни дојде време.“
Многу рано одлета Тихо 😢. И тоа на денот на твојот небесен застапник и заштитник, Свети Антониј. Но сѐ е по Божја волја и промисла. По молитвите на Свети Антониј, Господ да те прими во Царството Небесно, во лоното на Авраама, меѓу праведниците, кај што има живот вечен. А твојата Мала Мечка, што го носи неговото велико име, и твоето семејство и пријателите, Господ да ги чува и да им даде сила и утеха во овие тешки денови.
Поздрави ми го татко, напијте се кафе и ракивче, направете си муабет на охридски, читајте ги твоите бесмртни стихови и пејте.
Си каснав шеќерче Кавабон и си препрочитав неколку омилени строфи во твоја чест.
Почивај во мир, драг Тихо
Оливера Мишева
***
.jpg)
Од бројните убави и главно ѓурултиски дружби со Тихо (од кои некои прославени и во неговите книги, како велестовската епопеја), вечерва од сеќавањето ми исплива една случајна и питома.
Струга, август 2018, за време на СВП. Некаде околу пет часот наутро се шетам како призрак околу Дрим. Не можам да заспијам, а знам дека Тихо е ранобуден и мора да е некаде во близина. Како по договор, го сретнувам близу до истекот на реката. Ме прашува:
-Што правиш бе, Шопов?
-Еве, те барам тебе.
Ме гледа како да не ми верува.
-Стварно те барам, знам дека стануваш рано и мора да си тука некаде. А не ми се ака сам.
Сега веќе ми верува.
-Ајде на кафе, знам место кај што ќе ни направат во ова време.
И отидовме на утринско раат-кафе, привилегирани што можеме да гледаме како Струга полека мрзливо се буди.
Со мене влечкав и лаптоп, па од крш-камерата на компјутерот направивме серија фотки. Имаше такви на кои сме сериозни, па намуртени, насмеани и на крај перформативно исклештени.
Ја објавувам оваа на која се смееме, како последен поздрав до немтурот со насмеано срце.
Мирно небо, Тихо!
Иван Шопов
***
Панихида
за мојот пријател Тихомир
Човекот пред да падне во големата дупка на одвоеност немал тело. Потоа добил тело со дупки. Дупката му направила тело и нормално е сето да биде продупчено.
За да му биде полесно во дупката, преку дупчињата се сеќавал. И малите дупки – деца на Големата Дупка ги нарекол сетила. Низ нив во неговото тело влегувала светлина, а понекогаш и звуци.
Човекот најпрво не можел да се движи низ дупката сам. Го држеле раце. Рацете го раснеле и го хранеле.
Потоа кога почнал сам да оди, почнал многу да паѓа оти не можел да си ја види сенката. Таа го влечела кон долу, но бидејќи му работела од зад грб, му правела вртоглавици, а тие го куткале на земја.
Но човекот би упорен и не престанувал да се движи. Паѓал, станувал, паѓал па станувал. И ја обиколил дупката надолж и попреку. Трагал по храна и вода, а во дупката овде – онде имало рекички и дрвца со убави плодови.
Една ноќ, решил да ископа тунел и да види што има од другата страна на дупката. Најпрвин копал странично и тоа траело многу долго, без да дојде до никаков излез. Потоа се сетил да копа нагоре. За кратко време, излегол на површината на друга дупка, но многу поголема од неговата матична.
Во неа имало мориња и океани, а имало и сонце. Помеѓу копното и водата имало плажи за да можеш да легнеш и да гледаш во сонцето. Човекот почнал да се храни со светлина и да ужива во неа. Толку му било убаво што од убавина почнал да се умножува. Децата што ги имал со Убавината биле убави како мајка им. Децата си имале свои животи, а човекот им раскажувал колку се мачел додека го копал тунелот и додека не ја сретнал Убавината.
Еден ден посакал да се качи на сонцето. Од неколку светлосни честички направил скалило и почнал да се качува. Додека земјата еднаш да се сврти околу сонцето, тој се качил до врвот на скалилото, во самата светлина. Кога стапнал во светлината, наеднаш му го снемало телото, останале само тој и светлината. Потоа исчезнал и тој, останала само светлината и неговите деца на земјата.
Будимка Поповска
***
Со Тихо се запознавме пред триесетина години, па потоа секој фати на своја страна низ светот. Во меѓувреме патиштата ни се вкрстија кога на мојата ќерка Габриела ѝ предаваше историја во средно училиште. Оттогаш повремените средби секогаш ни беа срдечни, а разговорите секогаш за смислата на животот, бил Тихо во „светла“ или „темна“ фаза на говорот.
Но духот секогаш му остана ист – светол! Во двата наврата на соработка, како промотор на неговата книга Патина и уредник на книгата Записи за молитвата одблиску ја запознав таа негова својствена бескомпромисна независност и истовремено привлечност.
Избрав неколку реченици од Патина кои го доловуваат токму тој парадокс на личноста на Тихо. Таму каде што многумина би виделе затемнување кое треба да се „изгланца“ Тихо гледа патина. Резултатот е патиниран приказ на човечката состојба.
„Предметите што издржале да постојат подолго време имаат патина. Или подобро речено, носат патина... приказна за животниот пат кој го прошле.“
„И човек може да има патина ... Брчките, на пример, се суштина на патината.“
„Култот кон младоста е сеприсутен во ова време, како тоа да е единствената доба во која вреди да се живее.“
„Ако имаш талент, гледај да служиш, не да те служат“.
„ Животот не е трка, ни натпревар. Една од најголемите заблуди е потребата да се биде нај... во нешто. Животот е љубов. Смислата му е во давањето и служењето.“
Последната реченица го открива Тихо кому „тихувањето“ на исихастичкото предание не му беше туѓо. За тоа, меѓу другото, сведочи неговиот превод на Записи за молитвата од Евагриј Понтски во издание на Метаноја.
Во мојот предговор на ова дело преведено од Тихо пишувам: Според една од главите за молитвата, токму љубовта му дозволува на монахот да биде одвоен сите и од сè, за да може правилно да биде соединет со сите и со сè, или пак да биде поистоветен со секого поединечно: „Мoнaхoт e чoвeк кoj сe смeтa за eднo сo ситe луѓe, зaштo тoj нaстojувa пoстojaнo дa сe нaoѓa сeбeси вo сeкoj чoвeк”. Таков човек б(е)ше Тихо.
Царство небесно пријателе!
Коста Милков
***
.jpg)
Секогаш истиот поздрав. како си, џо? Смирено ќе си ги подадевме дланките и трипати ќе си ги допревме слепоочниците. Левата, па десната, па пак левата.
Многу рано си тргнало, бре, стихомире. Си нè оставило збунети и тажни.
Збогум. А по патот да си поминеш оригинал.
Ѓоко Здравески
***
Многу ме растажи лошата вест за Тихо. Силвија постарата сестра учеше со мене во Песталоци. И Тихо учеше во Песталоци. Тоа беше наше маало на Ленинова во сокаче и на Дебарца, кај што го поминавме детството.
Многу ме растажи лошата вест за Тихо. Може Скопје треба да прогласи ден на жалост. До толку се возмемирени луѓето.
На децава мои им беше професор. Попарени и тие и други млади кои поминале ,,потстрижување“ кај него. За нив легенда со гитара.
Го гледавме на саеми на книги, на промоции, низ град. Разменувавме по некоја книга. Голем Тихо, можеби најголем.
Поет. Даскал. Човек. Интензитетот на неговото присуство беше како струен удар.
Јас така го знам.
Еве денес прочитав дека бил Филип, ама со две очи. И тоа несвесно сум го знаела. Дека ист на лик ко него, а може и троа пострашен.
А всушност добричина.
Сочувство до семејството. Нека почива во мир.
Ана Момировска
***
Започнува со смрт, а завршува со љубов… “Случајно” што викаат луѓето, ѓоа така помалце боли ако кажеш.
Дарко Лешоски
***
.jpg)
Лоша фотографија, убави времиња. Со Тихо и Ѓоко на „Друга Приказна“, 8 септември 2018.
Тихо беше полн со љубов. Се знаевме помалку од една декада, но со него се чувствував како да сум пријател цел живот. Се нервиравме, пцуевме, пиевме, се смеевме, пеевме и свиревме заедно. Се најдовме на некоја чудна фреквенција, што во лутината, што во љубовта.
Еднаш се јави, му се расипала тастатурата на компјутерот, не можел да пишува. Му се изнасмеав, јас имам му велам цела фиока тастатури и му подарив една. После некоја година се зачудив дека уште пишува на неа. Стружанец, ми голта букви и ме мачи, поправам цело време, ама убави работи напишав на неа.
Едно лето на Струшки вечери на поезијата ми се јавува во ниедно време. Стружанец кај да пијам кафе во 5 сабајле во градов. Го пуштив на Галеб кај чуварон. Оди таму, тој ќе ти направи. И вистина му направи и тој навистина одеше таму секој ден. Му се чудев, ми се чудеше.
Ах бре Тихо другарче, што ти требаше да си заминуваш.
Патувај мирно пријателе!
Ненад Јолдевски
***
Тихомир Јанчовски беше поет, професор, историчар, филолог, уметник, писател и мој пријател. Но, пред се умен човек. Беше полн со живот и енергија секогаш спремен да сподели совет и знаење. Јас немам заедничка фотографија со него па ја приложувам ова фотографија од промоција на мојата книга Капиџик од 2019 како доказ за неговата ненаметливост, мудрост, сталоженост кои се гледаат во него и затоа не треба посебно тој да се одбележи. Македонија е помалку паметна и помалку мудра без него. Жедна ќе остане без неговите зборови. Сочуство до сите кои го сакаа и почитуваа!
Рамадан Рамадани
***
„Те замислувам / на некој облак / плачеш од среќа / и го криеш лицето / со дланките / за да не тагуваме / сами...“
Парафраза на строфа од Тихомир Јанчовски, посебен човек, со свој глас и табиет, другар од младост, а најдругар последниве книжвени години. И ете, ни почина... тивко...
Еден од оние ликови кои недостасуваат како планини на хоризонтот. Последно што ми пиша после Радовиш беше дека ќе патуваме заедно и до крајот на светот. Но ете, Тихо, ти стигна прв.
(Строфата е од „Двајца“ во последната збирка на Тихо, „Камен во водата.“)
Ана Пејчинова
***
Сакаше да помине, да седне, да помуабетиме, неверојатно харизматичен и со најразлични расположенија, од понор до еуфорија, но едно беше константа, кога зборуваше за Антониј го облеваше среќа и светлина.
Почивај во мир, драг Тихо.
Ненад Стевовиќ
***
...Од тогаш, поминаа јато години и рој ноќи. Кате ми рече: Ај дојди Сичо, собрани сме ке Тошета!
Отидов, секако.
- Да те запознам, оваа е Лидија, сестра од брат и' Тихомир, Јанчовски. Во себе, наглас си реков, Боже колку си личат. Очите, мислев железо можат да заварат со нив.
Цеела ноќ пишувавме стихови, строфи и песни - на салфетки.
Тој напиши, јас прочитај, сите ракоплескај; јас напиши, тој прочитај, сите ракоплескај...
Се видовме уште неколку пати во Вевчани. Сите слични, само песните различни.
Од тогаш, Тихо напиша десетици книги...јас, чат-пат салфетки...
Неколку пати Дарко ќе ми речеше:
- Те поздравјат Тихо, и ми велит да сме те кандисале некако да објавиш книга.
Ако тоа некјопат се случи, ова ќе го кажам наизуст пред сите!
Светол да Ти е патот до рајот ПЕСНИЧЕ!
Симон Лешоски
Тихо бе, зошто бе пријателе, кај побрза без поздрав, уух ова е многу, ептен тажен ден за мене. Вечна ти слава ПОЕТУ, БЕСЕДНИКУ, ПИСАТЕЛУ, РАСКАЖУВАЧУ, ЧОВЕКУ!
Ласко Џуровски
***
.jpg)
ТИХО. Името некако не му пасуваше на неговата јадра личност и звучна појава. Како низ неговите напишани дела, така и низ неговите громко кажани, рецитирани или испеани зборови. Човек со многу едноставна и разбирлива, но сепак длабока животна филозофија, човек кој го разбираше животот во дадениот момент, диреткно, сега и веднаш, без сложени, комплицирани ставови и идеи, мислител на и за народот. Едноставен, скромен, понекогаш тивок, често намуртен ама со ведра, развигорита душа. Слободен верник со силна духовна просветленост и умерена побожност. За него не постоеше глума, умилкување, преправање. Секогаш подготвен за дружба, забава, музика, со вистински, луѓе во вистински моменти. Секогаш, богат со совети и предлози, секогаш полн со мотивација и инспирација, секогаш спремен за музика.
Се договаравме за повторно издавање, превод и редакција на едно интересно и оригинално поетско издание на англиски јазик the noise of loneliness. Не бидна за жал, ама можеби молитивите ке ни бидат услишани во блиска или далечна иднина.
Промоција на мојата книшка, убави луѓе, магична атмосфера. Читање, разговори, смеа, музика, течности за разонода, уште музика и многу спонтани моменти со луѓе што мошне ми значат, со кои не сме се биле виделе со години.
И ете ти ти го Тихо со широка радосна насмевка и ме прашува: ќе се видиме ли, пак?
За жал не се видовме, ама неговите подвизи и личност, неговите книжевни дела и безбројни постови, мисли досетки, анегдоти ќе останат за новото време.
Последен поздрав драг и стар пријателе. Почивај во мир во царството небесно...
Зоран Радичевски
***
Вчера го испративме Тихомир Јанчовски .
Тихо не сакаше патетики. Затоа нема да раскажувам за Скиатос, за тандемот авангардни професори од " Орце Николов " Душко Стојановски и Тихо, за " Кралот Иби" , Бекет и Јонеско...за тоа како Тихо знаеше што треба да бидам во животот кога и сама не знаев. Зашто повторно ќе ми рече " ќути мори"..
Вечен спомен Лопе, Тихо , професоре...
Камка Тоциновски
***
.jpg)
Тихо, сега е точно 6:43... Не, то беше ко ѕирнав в телефон, а ко се разбудив беше сигурно околу 6. А сега е веќе 7:13. Денеска е 31 јануари. Народски кажано, Св. Атанасиј. Или Атанасојн, уште понародски. Вчера беше Свети Антониј. Куќната ти слава. Те немаше вчера да нè потсетиш дека Свети Антониј бил таткото на христијанското монаштво. Ама, тоа дека баш вчера си се преселил во Царството небесно. Баш вчера! Како е можно бе баш вчера? Ете, така, можно е. И не само што е можно, туку е и порака. Па сега, кој има очи нека види, кој има уши нека чуе.
Тихо го запознав гимназија, во „Нова“, во Скопје. Не се сеќаваʍ кој беше предметот: Историја, Светски култури, или друго. Битно, на тој предмет седев прва клупа, баш пред катедра. А на часовите на кои седев така, прва клупа пред катедра, имав навика да ја ротираʍ клупата, за 90 стапени clockwise. Седевме секој сам в клупа, а ја не сакав да гледаʍ само во наставникот и в табла, со грб кон другите. И тоа беше во ред. Си седев и си црткав, си чкрткав, си скицирав. Ми остана таа навика. И си ја негуваʍ. „О, да“, можe˕ би рекол Тихо. Може би рекол дека треба да се трудиме да ја негуваме автентичноста. И да ја изразуваме.
И, ќе ви кажував, си седаʍ на еден час, слушаʍ и си црткаʍ, и ете го Тихо пред мене. „Живко. Што правиш?“, со тој длабокиот, наместено строг глас. Се исправив, ќутаʍ. Ми го зеде листот, го гледаше некое време, па го сврте кон одделението. Децата го видоа цртежот и прснаа да се смеат. Не дека имаше нешто смешно нацртано (раце во хексагон се цртаат една со друга), туку поради држењето на Тихо: смирен, кул, мува не го лази˕. „Живко...“ и неговата драмска пауза. „Што чоек си бе ти?“, рече, веројатно реторички, и учениците уште погласно гргнаа да се смеат. И ја со нив. Го сетив тоа како комплимент. „Што чоек си бе ти?“
Во средно, не знаʍ дали Тихо прв ми ја подари својата „Обични зборови“, или Бела ми ја подари „Цинк“ од Албахари (или беше „Конзервирани импресии“ од Горан?). Небитно: битно Тихо ме поттикна уште повеќе да пишуваʍ песни. Им се чудев, им се восхитував на неговите. На едноставноста, непосредноста, отвореноста. Вистинитоста, автентичноста, храброста. „Чекам болката да истине. Зар сакам да ме снема / конечно и сосема?“ („Празнина“), или, една од омилените, „Вљубеност“: „Тргнав на работа / и по патот / мислев на Тебе / меѓу мене и асфалтот / одеше ѓонот од кондурите“. Потоа дојдоа и другите книги, со нови лекции. Прво „Два“ (2002, втора средно) и уште обични песни: за кокошката, за мравките, за мајмуните... И, строфата (од „Ти“) што ја помислуваʍ најчесто и ми ја заокружува˕ секоја смисла: „Ако нема вечност / сè е бесмислено“. После (2005, последна година средно) ја објави и „Последно време“.
Се гледавме главно по промоции. За промоцијата на книгите на Дурацовски во „Темплум“, во 2018, бевме во Струга, на Дримон. Ko по некоја промисла, цимери со Тихо и со Коља. Тихо грчеше бучно и без пардон, ечеше собата, Коља среде ноќ излегуваше и седеше на тераса, ја се смеев нечујно в кревет. Другиот ден Тихо нешто се караше, развикуваше. „Јуродив“, рече Коља. И навистина беше така. (Ко да е тој нешто поарен. "It takes one to know one", велат. "Similis simili gaudet". Итн.)
Некако крајно природно се случи во Друштвото на писателите настанот со Тихо и со Ана, за Руми, да биде прв настан. Така, спонтано, како триумф на вистината и на автентичноста. Беше полно луѓе.
Тихо помина после уште два-трипати до Друштво. Еден ден, ѕвонче. На врата Тихо.
„Здраво Живко, да не имаш пумпа?“
„Пумпа?“
„Пумпа бе, пумпа! За точак.“
„...“
„...“
„Имам.“
„Имаш?“
„В кола ми е, почекај да појда да е зема.“
Тихо, инаку, како што ни е познато, многу сакаше друштва, ама ич не сакаше Друштва. Не сакаше банки, институции, позиции, звања, титули, доктори, (интелектуалци, кои важно вртат палци), не сакаше фотелји, формалности, формулари... формалин. Во последно време, мислаʍ дека дури ме имаше и полублокирано: не можев да му коментираʍ на објавите. (Не дека нешто трчав да коментирам...) Чекав да ми заврши мандатот еден ден, и да бидеме пак нормални луѓе. Лани за Струшки му се приближив, така претпазливо, да видаʍ дали сме во ред. Ми побара број од жиро-сметка. Од неговата. Му го дадов одма: беше во жири-комисија, му го имав бројчето.
Последно се слушнавме пред еден месец. Требаше да донесе книги. Ќе ги оставел во „Или-или“. Добро. „Како е кириа?“ „Калà, калà...“ „Малиста. Ај поздрав.“
*
И, зошто толку ќе ни фали Тихо, на толку многу луѓе? Поради отвореноста, автентичноста, непосредноста. На *сесодржајната хоризонтала*, помеѓу двете крајности, лево автентичноста, десно приврзаностите; лево вистината, десно Платон - Тихо беше јако устремен в лево, кон автентичноста, кон вистината. „Земјава е жедна за автентичност ко сува земја“, многу често си велаʍ во последно време. А сега? Кој ќе ни пишува˕ сега автентичности рано наутро?
За среќа, Тихо ни остави многу сеќавања, многу зборови, многу вистина, многу автентичност. И, на многумина, како монах, ни го потврди и убедувањето дека смртта е, пред сè, збор за во песна. „На крај, нè очекува изненадување“, запиша во една негова песна. За него ова изненадување веројатно и не било преголемо. Оти од одамна тој знаеше кај оди. Си го отплати, многу, многу предвреме, станот во Царството небесно. Сега, нека се моли за нас, да имаме и ние дух и храброст за љубов, за автентичност. И нека нè посетува: на сон, или како било. Како што ќе му е дадено, по милоста на Бескрајот.
Живко Гроздановски
***
Година 1993та, час по Македонски јазик во Орце Николов.
Влегува “откачениот” професор Тихо.. Упатува строг поглед:
- “Кој ќе ја каже ‘Т'га за југ’?”
Тишина..
- “Ајде, не ставам единици..”
Дигам рака и низ вознес почнувам: “Орелски крилја как’ да си метнех..”...
Тихо се надоврзува.. и ја завршуваме во дует: “...с'лнце да зајдвит, јас да умирам”.
“Седи Тоше, еве ти 5ка!”..
Светли спомени и невиден креативен поттик ни остави Тихо.
Вечна ви слава професоре!
Тоше Огњанов
***
Те испраќам, драги мој Тихо, со песнава што си ја пеевме..
Добрила Добрила Грашеска
***
Одам на родителски состанок за син ми, кај Тихо. Ми вели добро дете е Меглен, само има еден мал проблем…ама вас ќе ве прашам, не него. Кажете велам…Кој му е мајчиниот јазик - ме праша. Се замислив, зашто дотогаш и не ми паднало на памет да размислувам за тоа, зашто син ми зборува три јазици и растен е низ бели светови. Се збунив, ми дојде непријатно од неговиот остар поглед. Се почувствував како да сум ученичка, а не мајка на ученик. Не знам…му реков, да бидам искрена, не знам. Ме погледна како да ќе ме искара, па се замисли. На кој јазик сонува, прашај го, тоа е неговиот мајчин јазик - ми одговори. Си заминав, а неговите зборови ми отворија ново поглавје во мајчинството. Светол пат Тихо.
Синоличка Трпкова
***
Наставник. Провокатор. Живот посветен на идеи, зборови и страст.
Со длабока тага се сеќаваме на Тихомир Јанчовски, поранешен наставник во NOVA, чие ненадејно заминување остави длабока тишина во заедницата обликувана од неговиот глас.
Оние што добро го познаваа Тихомир често, со љубов и со право, го опишуваа како „нивниот“ лик од Dead Poets Society. Тој беше вистинска сила на природата во образовна смисла. Ги предизвикуваше навиките на размислување, се спротивставуваше на лесните одговори и го преиспитуваше статус квото не заради провокација, туку заради раст. Неговите училници беа простори во кои удобноста нежно се нарушуваше, каде што од учениците се очекуваше да мислат слободно, да дебатираат искрено и самите да создаваат смисла.
Од 2000 до 2018 година, Тихомир работеше во NOVA како наставник по светска историја, општествени науки, македонски јазик и литература, како и раководител на Катедрата за општествени науки. Неговото предавање беше ригорозно, неконвенционално и длабоко човечно. Веруваше дека образованието треба да ги „растегнува“ луѓето. Ги поттикнуваше и учениците и колегите да ги преиспитуваат своите претпоставки, да ја гледаат историјата како живо искуство, а не како затворен наратив, и да им веруваат на сопствените интелектуални инстинкти.
Тихомир беше човек со многу лица. Колегите го паметат како жива енциклопедија, некој што лесно се движеше од средновековна филозофија до современа геополитика, од поезија до музика, од историја до етика. Неговата страст беше очигледна. Тој внесуваше интензитет, љубопитност и креативност во сè што правеше, било да водеше состанок или да ја подготвуваше својата најнова поетска книга.
Надвор од училницата, тој беше ценет автор и поет во македонската книжевна заедница. Неговото творештво ги носеше истите квалитети што го обележуваа и како педагог: интелектуална храброст, емоционална длабочина и инсистирање на автентичност. Во редок и моќен спој на неговите светови, некои ученици од NOVA ги полагаа своите завршни IB испити по македонски јазик и литература токму со неговата поезија, искуство што ја потврди неговата верба дека учењето треба да биде реално, непосредно и живо.
Тој не се вклопуваше лесно, ниту пак бараше другите да го прават тоа. Наместо тоа, беше пример за интегритет, независност во мислењето и креативна храброст. Им покажа на учениците дека е можно, и неопходно, истовремено да се мисли длабоко и да се живее страсно.
Изразуваме искрено сочувство до неговото семејство, пријателите, поранешните колеги и многуте ученици чии животи ги обликуваше. Наследството на Тихомир Јанцовски живее во прашањата што ги научи луѓето да ги поставуваат, во границите што ги охрабруваше да ги преминуваат и во слободата на мислата во која веруваше дека секој ученик заслужува.
Тој ќе биде запаметен не само како наставник, туку како сила.
NOVA International School Skopje
***
.jpg)
Си замина уште еден чувар на ЗБОРОТ. Македонскиот чист, граматички точен збор.
Тихо беше поет, раскажувач, наратор, пред сé слушател и набљудувач. И потоа ни ги раскажуваше работите, кои не ги ни знаевме за себе - и за овој наш град и држава.
Му пишував предговор токму за погореспоменатата книга, пред 7 години. Една од многубројните.
Беше плоден, имаше периоди кога многу пишуваше и објавуваше.
Понекогаш си велев, зошто толку брза да објави толку многу книги?
Како да чувствувал и го тиштело дека времето на овој свет му истекува, па брзаше сé да каже, да собере, да стави на хартија, да објави, да остане....
Не знам...
Збогум, Тихо.
До некоја наредна димензија.
Длабоко сочувство до семејството, твојот син Антониј, до твојата сестра Лидија, која толку многу се грижеше за тебе. И ќе мора да најде сила да те замени во целост и да се грижи за ,,Мала мечка".
Јорданка Јоци Ивановска
***
Вчера починаа тројца значајни луѓе за македонската култура:
Тихомир Јанчовски - Еден од најбитните современи македонски книжевници!
Костадинка Палазова - пионер на чалгиското и староградско пеење, многу битна фигура во редефинирањето на македонскиот фолклор.
Бошко Симоновски - долгогодишен уредник на Дом на Млади во Штип, директор на Дом на Млади во најбитните, најпродуктивните години за тој простор т.е. златното доба на ДНМ, све после тоа беше карикатура на претходното. Дом на Млади во Штип е најбитниот центар за алтернаривна култура во Македонија после МКЦ во Скопје.
Драган Теодосиев
***
Раните утра на фејсбук почнуваа со неговите пишани мисли. Не го познавав, пред многу години ми стана пријател тука, но многу утрински кафиња испив читајќи му ги споделените ноќни и утрински мисли, не на хартија, не вкоричени или визуелизирани што ги прочитале и слушнале многумина, а ќе бидат и понатаму.
Мирен и вечен сон Тихомир Јанчовски....
Диана Тахири
***
.jpg)
Тихомир Јанчовски. Легенда која ќе ја помнат учениците на кој им бил професор до крај на својот живот. Неговите совети кои им ги даваше на неговите студенти беа бесценети. Тие совети се најважните кои ќе ги помнат цел свој живот. Јас кога го запознав прв пат беше на родителска средба. Толку ме потсети на мојот професор од Корчагин Сидо, неверојатно. Такви професори се реткост во нашата држава.
"Петар е супер дете ни кажа, многу се интересира за историја, а и музичар е. Јас во мојата кариера професор, како него имав и едно италијанче, но детето си отиде, разбирливо, но да не слушнам дека Петар ќе се исели од Македонија, такви нас ни требаат. Најдобрите се иселија и никогаш не се вратија". После години се сретнавме на други теми. Првото прашање беше Петар ќе се врати ли? Јас му кажав дека Петар ќе се врати кога тогаш, не му се допаѓа животот во САД. И се врати. Тој беше многу среќен. Се споива со Петар минатата година. Супер разговор.
Јас понекогаш знаев насамо да му кажам: Професоре вие сте криви што Петар е опседнат со филозофски теми и теми за геополитичката состојба во светот... тој се смееше.
Ова е само еден момент од моето запознавање со големиот ум, поет, писател и пријател.
За нашиот заеднички проект промовирање на нашите цркви од 10, 11, 12 и 13 век на тема"Успение на Света Богородица", ќе се слушне кога ќе дојде времето, како што кажа тој за 40сетина дена во неговиот последен пост од минатиот петок... Тоа е неговото последно историско дело подарок за нашата Македонија, која треба да си ги разбере вистинските вредности....
Почивај во мир Професоре. Бог е со тебе. Многу ќе ни недостасуваш.
Анета Пешева
***
Често ми велеше дека сѐ што сака со своето дејствување е тоа да води кон тоа Македонците да бидат пописмени и позаинтересирани за читање и пишување, макар за трошка повеќе.
"Убава ти е мисијата, но содржи многу немерливости" - му одговарав.
"Врска немаш! Ме нервираш кога ќе ми се умешаш со тоа научникот во тебе ко да не си ја познаваш душата".
Не му ни паѓаше напамет да ме убедува. Само повремено ќе собереше трпение да ми изрецитира рецепт за тоа како да го замолчувам умот кога треба нешто со душата да се "обмисли".
Не ми ни паѓаше на памет да се разубедувам.
А сепак - ете - нѐ претвори сите во писатели и поети, макар на еден или неколку дена...макар и само за користење премногу зборови за да кажеме "Засекогаш љубен".
Тања Аждаја
***
Денес е Св. Антониј. Роденден на брат ми, кој си замина пред неполни две години. Денес е слава и именден на синчето на Тихомир Јанчовски. Судбата одлучи токму на овој ден Тихо да замине во вечноста. Но, неговите записи - стихови, преводи, луцидните објави низ т.н. "социјални мрежи", одамна му обезбедија вечност на Земјата. Веќе недостасува кај сите што ги допре со својот несекојдневен дух, искрен, чист, отворен до срж.
Лично загубив другар, сосед на планинскиот вилает, собеседник буквално на секоја тема, за ЗБОРОТ, за преводот, за музиката, за сликарството, за духовноста, за природата... Свети меѓу ѕвездите, Тихо...
Екатарина Бабамова
***
Тихомир Јанчовски:
Велат дека животот е краток и брзо поминува.
Велам дека животот е долг и во него има време за сè.
Во истиот тој, еден и единствен живот, доаѓа секаков ред:
човек да љуби, да тагува, да боледува,
да се радува, да жали, да наоѓа и да губи,
да гради , да урива, да се крева и пропаѓа,
да греши и да се поправа, да мрази и да простува...
Човекот е голема работа, во него сè собира.
И после ќе кажат, краток бил животот, куса живеачката...
И навистина, животот е краток, Тихо... А ти, сè собра во себе пред да заминеш...
Муабетот остана незавршен... Ама она што ми го кажа оној ден кога се направени и овие фотографии, ќе си го носам како аманет. А муабетите, можеби ќе ги продолжат Малата мечка и Илина, како што посакувавме.
Не велам "збогум". Само догледање...
Иван Антоновски
***
.jpg)
ULTIMO SALUTO COMMODORO.
Димитрие Дурацовски
Насловна слика: Ласко Џуровски