1011 hPa
66 %
9 °C
Скопје - Нед, 15.03.2026 08:59

Да, Трамповото киднапирање на венецуелскиот претседател Николас Мадуро, како и неговата желба за Гренланд, придонесуваат за рушење на постоечките меѓународни норми. И, да, секое присилно окупирање на Гренланд би значело, според зборовите на данската премиерка Мете Фредериксен, дека „сè престанува, вклучувајќи го и НАТО“..
Но, акциите на Трамп не се „без преседан“, како што тврдат многумина. Само се случуваат во нов контекст, кој од корен ги промени американските односи кон западната алијанса и кон „поредокот заснован на правила“.
Односите помеѓу Америка и Европа, како и поширокиот облик на модерната геополитика, можат историски да се следат низ три периоди. Првиот, од создавањето на американската република до крајот на 19. век, беше обележан со длабоки судири помеѓу европските сили и меѓу нив и Америка.
Добар дел од напнатоста настана поради ширењето на империите. „Монроовата доктрина“, која ја објави американскиот претседател Џејмс Монро во 1823 и за која многу се расправа во последно време, не беше едноставно декларација за тоа дека „западната хемисфера“ е сфера на американско влијание туку и предупредување дека „американските континенти… отсега ниту една европска сила нема да може да ги смета за предмети на идна колонизација“.
Британскиот премиер лорд Солзбери во 1898 година предупреди дека во процесот на изградба на империите на најголемите сили „набрзо ќе се појават семето и причините за судири меѓу цивилизираните нации“. Тоа го кажа токму во момент кога европските нации и САД молскавично грабаа територии од Африка до Пацификот. Неполни дваесет години потоа во Европа избувна Големата војна.
Многу трендови на кои се темелеше геополитиката во 19. век длабоко се променија во 20. век. Ерата на империите отстапи пред ерата на деколонизацијата. Надмоќта на белците опаѓаше, а по искуството на нацизмот и Холокаустот морално е дискредитирана самата идеја за расна хиерархија. Британската глобална моќ слабееше, а американската хегемонија зајакнуваше. Советскиот сојуз се појави како предизвик не само за западните сили туку и за самиот капитализам. Сето тоа придонесе за раѓањето на западната алијанса и меѓународниот поредок заснован на правила, кој го достигна својот врв за време на Студената војна.
.jpg)
Склучени се мноштво меѓународни договори и основани се меѓународни институции, од Обединетите нации до Нато, од Светската трговска организација до Светската банка. Но тогаш не се зборуваше многу за „поредок заснован на правила“. Улогата на новите институции и договори пред сè беше да ја зацврстуваат моќта на САД на нивната страна на Студената војна, да ја зауздаат советската експанзија, да го поддржуваат слободниот пазар и да ја одржуваат стабилноста. „Иако тоа никој не го планираше“, забележа историчарот Џон Луис Гедис, на повоените нации им се „посреќи системот на меѓународни односи“ кој – благодарение на тоа што беше заснован на реална моќ – „ѝ служеше на идејата за ред, ако не и на правдата, подобро отколку што некој можеше да очекува“.
Она по што упадот во Венецуела и заканите кон Гренланд се без преседан е отвореното застапување на Трамп на политика на сила, без никакви еуфемизми. Низ неговиот презир кон меката моќ пробиваат постари, посурови форми на дипломатија.
Постоењето на меѓународните институции и договори прикриваше во кој степен оние кои тоа можат да си го дозволат ги кршат правилата на поредокот заснован на правила. Од ударот со кој во 1953 година беше соборен иранскиот премиер Мухамед Мосадек до десетгодишната тајна интервенција во Чиле, која го достигна врвот со соборувањето на социјалистичката влада на Салвадор Аљенде во 1973; од убиството на премиерот на Конго Патрис Лумумба во 1961 до масакрот на повеќе стотици илјади лица за кои се сомневаше дека се комунистички симпатизери во Индонезија во средината на 60-тите години од минатиот век; од британската тајна војна во Јемен до Виетнамската војна, западните сили ги кршеа „правилата“ за да го одржат редот, односно состојбата која му одговара на нивниот ред.
Поредокот заснован на правила некогаш ги поддржуваше американските интереси, но денес во Вашингтон стравуваат дека истиот тој поредок ги поткопува. Како што пишува во недамнешната Стратегија за национална безбедност, „нашите елити… ја врзаа американската политика за мрежа од меѓународни институции“ бидејќи не сакаа да го признаат „доминантното влијание на поголемите, побогатите и посилните нации“ како „општа вистина на меѓународните односи“.
.jpg)
Покрај тоа, во денешниот свет европските нации одамна престанаа да бидат големи сили. Главните ривали на Америка – пред сè Кина – не се на запад. САД не би се двоумеле да ја малтретираат Европа исто онака како што ги малтретираат латиноамериканските земји. Затоа истовремено полека се распаѓаат и западната алијанса и поредокот заснован на правила.
„Западната алијанса“ не е само геополитичка реалност; таа за многумина има подлабоко културно, дури и духовно значење, вообличено во самата претстава за западот. Америка, инсистира Стратегијата за национална безбедност, во суштина е „сентиментално приврзана кон европскиот континент“. Не толку кон денешна Европа колку кон митска Европа. Денешна Европа се соочува со „цивилизациско бришење“, во голем дел благодарение на „миграциските политики кои го трансформираат овој континент“ и опаѓањето на „стапката на наталитет, како и губењето на националните идентитети“. „Ако продолжат сегашните трендови“, предупредува текстот на Стратегијата, „европскиот континент ќе биде непрепознатлив за две децении или дури и порано“.
Тука, меѓу редови пробиваат етнонационалистичките аргументи на сè посилната нова десница на двете страни на Атлантикот. Според Стратегијата, целта на САД е да ѝ помогнат на „Европа да остане европска“ и затоа тие ги поддржуваат „патриотските европски партии“. Така се враќаме во 19. век, кога „западот“ беше главно дефиниран врз основа на расата.
„Само Доналд Трамп може да нè наведе да зажалиме за хипокризијата“, неодамна саркастично забележа Џереми Шапиро, поранешен советник во американското министерство за надворешни работи. Но хипокризијата е добра само за оние кои не ги трпат лошите последици од кршењето на правилата.
Хобсовскиот свет без правила кои ги зауздуваат апетитите на моќните можеби изгледа пострашно од светот во кој постојат правила, но моќните непрекинато ги кршат. Не треба да се согласиме ниту со едното ниту со другото.
.jpg)
Карикатури: George Riemann
Извор: https://observer.co.uk/