1011 hPa
66 %
9 °C
Скопје - Нед, 15.03.2026 08:59

Мирис на стари книги
Поезијата, поетското творештво воопшто, е секогаш чин на едно речиси трауматско ослободување. Па, бидејќи е тоа така, и можеше така еруптивно, во и по Револуцијата од 1941-та, од огнената земја на македонската поезија да бликне, речиси вулкански, поетската енергија на овој народ со векови потиснувана и заклучувана во занданите на неслободата. Токму поради тоа и велам дека феноменот на современата македонска поезија израснува од неделивоста на поезијата и слободата и на поезијата и слободата од револуцијата, особено кога ќе се земе предвид онаа долга трагична поделeност на најчовечкото што македонскиот човек го имал: татковината и земјата, мајките и татковците, синовите и ќерките, браќата и сестрите, внуците и правнуците, дедовците и прадедовците, мртвите и живите, јазикот и говорот, песните и приказните, легендите и преданијата, историјата и творештвото, хероите и жртвите, востанијата и буните, комитите и поетите, светците и просветителите, постоењето и настанувањето. Изникнувајќи врз таа трагична историска ситуација на тие грозоморни балкански делби и поделeности, носејќи ја во себе таа национална траума, случајот на современата македонска поезија го покажува суштинското начело на поезијата како автентична слобода која ги создава темелите на изградбата на еден нов свет без делби и понижувања, на еден свет најчовечен меѓу сите можни светови, за вистинско човечко достоинство на сите луѓе во него. И тоа е таа црвена нишка, тоа е тој црвен сончев лак што неразделно ги поврзува македонската поезија и македонската слобода.
Кога во овој час стојам пред амбицијата да го објаснам македонскиот поетски збор, не можам а веднаш да не нагласам дека македонската поезија е плод на едно, речиси, виолентно треперење на сетилата и чувствата, на умот и страстите, на екстазите и големите човечки возбуди, на долгите ноќи на сонот и на сонот на долгите ноќи, на црвената и црната боја на крвта. Тоа е едно недокосливо афективно јадро на нашиот сопствен душевен егзистенцијален и историски пекол, една спиритуелна и емоционална фасцинација која како молња пламнува и одминува, загубувајќи се некогаш во замрсените крстопати на нашата внатрешност оставајќи притоа неизбришливи траги. Конечно, како да ја одгатнам смислата, раѓањето на македонскиот поетски збор, кој како Атлас ја понесува сета земја на оваа литература и за кој Ацо Шопов толку дијалектички прегнантно ќе возкликне О ти што постоиш затоа не постоиш и кој токму него, токму македонскиот поетски збор ќе го нарече збор на раѓање, збор на лелекање? И, најпосле, како да го одгатнам тој наш поетски збор што дава смисла на сè а за смислата своја не прашува, за кого Блаже Конески во својата песна Зборот вели: Тој е порив, и за смислата своја не прашува?
.jpg)
Малце редундантно... А не, незаборавно!
Па, сепак, егзистира едно прасупстанцијално начело, врз кое се вкоренува, од кое израснува македонскиот поетски збор како една доживелица и сфатка на светот. Во своите праоснови, во своите подземни темели, кои повеќе сонцето не ги осветлува, но кои ја држат сета таа величествена градба, македонскиот поетски збор, македонската поезија — да ја објасниме со/од неа самата — е еден таков грлен извик, еден таков лелек, еден таков глас, еден таков збор, една таква боја, еден таков звук, еден таков пејзаж, една таква земја, едно такво сонце, едно такво црно сонце, една таква природа, лудевита, громовита и панична, еден таков оган и еден таков пожар, едно такво небо и едни такви јужни ѕвезди, едни такви песни без дно и едни такви приказни без крај и едни такви ора без запиваност, едни такви сеќавања, едни такви свирки, едни такви тапани, едни такви ритми, едни такви димани, едно такво ропство, вековно и мрачно, едни такви манастири на скришни места („Рушители, не ќе најдете во нив злато и сребро“), едни такви цветови, едни такви сончогледи и макови, еден таков Разговор ноќен во тревога бесна и еден таков копнеж и светол и стравен, едни такви подземни и надземни татнежи, едни такви стерни и народни легенди, едни црни камења како поцрнети сестри, и едни запалени сонца, и едни далги, и едни корења в небо, и едни виножита на плеќите, и една разулaвена трка на коњи од мрачни во светли полиња, и едно семе што раѓа плач и едно семе посеано да не никне, и едни пожари во срцата, и една месечина како црна калуѓерка, и еден модар и еден црвен и еден црн ветер, и едни заклани ноќи, и едни горчини и едни итерпејовци, и едни Каинавели и едни Корабини, и тој црвен и црн конец што се пори од срцето, и тој црвен и црн петел што се бори на небото, и некои свадби, и некои суши, и некои потопи, и некои селидби, и некои делби, и некои прогони, и некои бесилки, и некои везилки и некои везби, и некои резби, и некои разбои и некои платна недоткаени, и некои битки, и некои бескрајни битки, и некои победи што биле порази и некои порази што биле победи, и еден вик, и една клетва и една прокуда и една надолнина, и некои Беласици и некои Мечкини Камени и некои Караормани и некои Богомилски походи, и некои крвави раѓања и некои храбри и решителни и недоуништиви што го кренаа небото уште за едно небо, и некои зори и некои пурпурни зори, и едни мугри, едни бели мугри… и уште едно и уште едно незавршено, недокрајчано, недоречено и.
И тоа и тоа и сето тоа вкупно, како ќе рече Блаже Конески во својата Везилка, што судбински се плело за века...
.jpg)
Цвекло поет. Ги видов најдобрите коренести зеленчуци на мојата генерација, ожнеани од злобни машини, искинати од почвата, хистерични, голи...
Има ли во тој неисцрплив кошмар, во таа поетска бездна, во таа неиспитлива и недокоснлива асоцијативна ракатка, во тој бескраен имагинативен хаос кој всушност е еден врховен ред во македонската поезија, има ли во сето тоа некое прасупстанцијално начело, некој амалгам кој ја раѓа македонската поезија, некој нејзин врховен принцип? И ако го има, што е тоа? Кој е тој праосновен елемент, таа супстанца: Земјата ли? Сонот ли? Огнот ли? Ноќта ли? Фолклорот ли? Историјата ли? Митовите ли? Легендите ли? Преданијата ли? Историското време ли?
Она што го раѓа македонскиот поетски сензибилитет, она што го раѓа богатството на имагинативниот свет на оваа поезија и што ја прави неа исклучително оригинална и, во нејзината неопфатност, без мерка и тешко споредлива — е и тоа и сето тоа, но и уште бескрајно многу од сето тоа меѓу себе вкрстено и проникнато со новите слики и со новите претстави за нашата современост, со новите одрази, и ментални и социјални, на сегашнината, со новите егзистенцијални и поетски искуства, со една нова „алхемија на зборот“, со едни нови пронаоѓалишта, со нови елементи на јавето, со нова фантастика, со нови немири, со нов екстатичен пркос, со нова револуционерна инспирација, со едни нови визионерства, со еден нов колективистички делириум, со нови страсти, нови љубови, нова музика, нови симболи, со нови инкантации и со нови имагинативни енигми. Сето тоа и уште неспоредливо повеќе од сето тоа, органски проникнато и вкрстено со некои бескрајни реминисценции на дамнешни протатнати лелеци и мечти, на болки и икарски извишувања кон сонцето, сето она во што со една своја внатрешна исконска сила е обединето сегашното и минатото, стварното и нестварното, егзистенцијалниот, социјалниот и имагинативниот свет, сето тоа го создава тоа креативно единство што го раѓа тој нов ентитет, таа нова ентелехија која ја нарекуваме македонска поезија, македонско поетско искуство. Зашто: поетската чувствителност, поетската мисловност и поетската експресивност на македонската поезија израснуваат длабоко од драмата на својата земја, од драмата на својот народ, од неговото историско битие и од неговото историско време, кое не знае за запир. Нејзиниот јазичко-имагинативен свет ја сублимира во себе нејзината автохтона поетска суштина, која секогаш е синтеза, неразлачно единство на феноменот на животот и духот. Естетската загатка на македонската поезија е, всушност, загатка на нејзиниот целокупен јазичко-имагинативен супстрат и чувствено-мисловниот поредок, чија differentia specifica е во изронувањето на универзалното значење на оваа поезија и на нејзината современа и модерна звучност од нејзиниот органски и самосвоен прасвет, кој со векови се таложел и напластувал низ слоевите на преданието и легендите, на митот и историјата, на минатото и сегашното, прасвет кој е овдесвет, па затоа ни се присторува така далечен а толку близок, така стар а сепак толку нов, така архаичен а сепак толку современ, така дамнешен а сепак толку денешен. (1974)
.jpg)
Предупредување: Екстремно длабока материја
Слики: Бил Вајтхед
Извор за текстот: Георги Старделов - „Доба на противречностите“ (1977)