1011 hPa
66 %
9 °C
Скопје - Нед, 15.03.2026 08:59

Митрев сардисан во парк
Еднаш, откако среќно избегнал средба со Димитар Солев, Димитар Митрев шетал по Градскиот парк и размислувал: „Животот сепак, понекогаш, умее да биде прекрасен”. Кога наеднаш, меѓу нозете му се сплеткало и го сопнало дебело црно мачориште. Само што станал, ја истресол прашината од себе – кога налетала глутница црни кучиња што го бркале мачорот, и пак го турнале наземи. Стамениот и бестрашен автор на „Критериум и догма” повторно станал и видел – во пресрет, на црн коњ, му доаѓал газдата на кучињата, Владо Малески. „Готов сум” – си помислил авторот на „Минато и литература” – „сега ќе се залета и…” Ама тоа не се случило. Коњот, воден од цврста рака, поминал со кас и само, поминувајќи крај Митрев, се размавтал со опашката и – плес! – по муцката. Очилата, се разбира, летнале во грмушките. „Па и не беше толку страшно” – си помислил авторот на „Пиринска Македонија и БКП”, си ги зел очилата, си ги ставил на нос – и што да види – среде грмушките се кезело злобното лице на Влада Урошевиќ. Ама, сепак, авторот на „Манекен во пејзажот“ не бил толку лош. „Помини“, му рекол Урошевиќ на Митрев, „ ајде, помини, несреќнику“, и го погалил по главата.
Влада Урошевиќ, Емилија, Изабела и малиот еднорог
Еднаш Влада Урошевиќ купил јаболка, дошол во Градскиот парк и почнал да им ги дава на присутните госпоѓици. Сите земале и велеле „мерси”. Кога на крајот дошла и неговата фамозна роднина Емилија, во придружба на близначката Изабела, Урошевиќ толку затреперил од возбуда што јаболкото му паднало од рацете и се дотркалало до нејзините нозе (на Емилија, не на Изабела). Тогаш ненадејно еден мал еднорог, кој бил стуткан под клупата, го набодел јаболкото со својот мал рог и избегал. Изабела се стрчала по него, така што првпат во животот биле сами (Урошевиќ и Емилија, се разбира, а не Изабела и еднорогот). Очекувано, таа (Изабела) не го фатила.
.jpg)
Продолжи да туркаш, можам да ја видам главата!
Облогот меѓу Петре М. Андреевски и Живко Чинго
Петре М. Андреевски и Живко Чинго се обложиле за тоа кој ќе напише подобар роман. Го викнале Георги Старделов за судија. Петре отрчал дома, се затворил во кабинетот и почнал, предвидливо, да пишува роман за селаните. А Чинго си седел дома и размислувал: „Старделов е плашлив човек. Сега си седи дома и размислува: ’Чинго е нервозен човек. Ако кажам дека неговиот роман е полош, тој може и да ме заколе. Зошто да се трудам?’ (Сега размислува Чинго). Намерно ќе го напишам да биде полош, оти во секој случај јас ќе го освојам облогот“ (се обложиле во илјада динари).
Старделов за тоа време седел дома и размислувал: „Чинго е нервозен човек и ако кажам дека неговиот роман е полош, може и да ме заколе. Од друга страна, Петре е ветрогон. Ни со него не треба да си имам работа. Нека одат по ѓаволите и обајцата!” И уште истата ноќ отпатувал за Гевгелија.
.jpg)
Чекај, мојов тепих е направен за нешто друго?
Славко го следи Блаже
Си одел Блаже по булеварот ЈНА и забележал дека скришно зад него оди Славко. Поминувале писатели кои го поздравувале Блаже, а Славко си мислел дека го поздравуваат него. И се радувал. Поминал Ацо Шопов, се поклонил. Поминале Димитар Солев и Коле Чашуле – се поклониле. Поминал Цане Андреевски – се насмевнал, дури мавнал со рачето – поздрав. Поминал Влада Урошевиќ – реверанс. Потоа Блаже отишол да пие чај во Клубот на писателите. А Славко сè по него. Во клубот пред Блаже наеднаш се појавил Владо Малески. И не ги ни погледнал, ниту Блаже, нити неговата сенка Славко. Вечерта Славко запишал во својот дневник: „Сите писатели се пристојни, освен Владо Малески Тале”.
Георги Старделов долго не можел да ја разгатне оваа мистериозна белешка од дневникот на младиот Славко, ама ете, сега е појасно.
Двобој
Еднаш водачот на „модернистите“ Владо Малески излегол на двобој со Димитар Митрев, водачот на „реалистите“. Тале рекол:
- Ти стрелај прв.
- Како јас? Не, ти стрелај прв!
- Ах, јас? Не, ти.
Така двобојот никогаш не се случил.
.jpg)
Соседите се жалат на твоите ѕвонци за ветар, Квазимодо.
Слики: Дејв Коверли