Радмила Угринова-Скаловска - стогодишнина

06.02.2026 17:33
Радмила Угринова-Скаловска

(Скопје, 6. 2. 1926 – Скопје, 30. 5. 2018)

Денес се навршуваат 100 години од раѓањето на проф. д-р Радмила Угринова-Скаловска, мојата професорка, менторка и пријателка. Речиси четири децении поминав во нејзина близина, пред сè учејќи за професијата, но и многу повеќе. Професорката Рада беше личност со неверојатно богат дух, со голема човечност, со огромно знаење и исклучителна скромност и едноставност што е одлика на големи луѓе. Беше личност со интегритет, со исклучителни професионални и морални квалитети, принципиелна и бескомпромисна.

Нејзината врска со Филолошкиот факултет е уште од неговото основање каде што таа била еден од првите студенти, а потоа и од првите асистенти. Во 1945 година заминува на студии во Белград. Во 1946 год. се отвора Филозофскиот факултет во Скопје и таа ги продолжува своите студии тука. Припаѓа кон првата генерација дипломирани македонисти на тогашниот Филозофски факултет (подоцна Филолошки факултет).

Проф. Угринова-Скаловска ние, нејзините студенти, ја паметиме како врвен професор. Таа во текот на својот работен век предаваше старословенски јазик, споредбена граматика на словенските јазици, разни курсеви од современ македонски јазик. Како професор таа останува во трајно сеќавање на бројни генерации студенти. Овие, за студентите најтешки предмети, професорката ги предаваше со невидена леснотија и разбирливост. Од нејзината професорска дејност остануваат и двата учебника по предметите што ги предаваше: Старословенски јазик и Споредбена граматика на словенските јазици. Професорката беше и ментор на низа магистерски и докторски трудови што се однесуваа на историскојазична проблематика, со што се оформи научен кадар кој продолжи да работи во оваа област.

Научната библиографија на проф. Угринова-Скаловска брои околу сто и педесет единици, од кои голем број се книги. Нејзината докторска дисертација на тема Значењето на глаголските префикси во македонскиот јазик (1960), претставува пионерски труд во славистиката во кој од семантички аспект се обработуваат глаголските префикси.

„Машки“ се носеше со предизвиците што ги удрија темелите на македонистиката. Во тимот на создавачите на Правописот таа беше единствената жена и учествуваше во сите изданија на правописот. Од создавањето на списанието Македонски јазик 30 години беше единствената жена во редакцијата.

Од меѓународната активност треба да се истакне нејзиното учество на повеќе конгреси и конференции, студиски престои во повеќе земји, гостувања со предавања на неколку странски универзитети.

Несомнено, мошне значен е придонесот на проф. Угринова-Скаловска во организирањето на Одделението за историја на македонскиот јазик во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во Скопје и Речникот на македонските црковнословенски ракописи чијшто редактор беше до последен ден.

Научните врски како и пријателствувањето со колегите од странство многу зборуваат за личноста. Контактите со странските колеги проф. Угринова-Скаловска ги остваруваше, освен преку своите престои во странство и учества на меѓународни конференции, преку нејзината долгогодишна работа како лектор и како предавач на Семинарот за македонски јазик, литература и култура. Многумина од странските слависти беа нејзини ученици на кои потоа таа им помагаше и во нивните научни македонистички трудови. Куќата на нашата професорка и нејзиниот сопруг чичко Мирчо Скаловски секогаш беше отворена за низа колеги слависти од светот. Кај нив доаѓаа Рина Усикова (Москва), Франтишек Мареш (Виена), Аница Назор (Загреб), Јежи Русек (Краков), Херберт Галтон (Виена), Ивона Бернс (Лондон), како и со странските македонисти од помладите генерации Виктор Фридман (Чикаго), Јуми Накаџима (Токио) и др. Секако треба да се одбележи и дека Хорас Лант, професор на Харвард, при собирањето на материјал за првата граматика на македонскиот јазик напишана на англиски јазик бил чест гостин во нејзиниот дом каде што мајката на професорката, и самата неверојатен раскажувач, му служела како информатор.

Иако проф. Рада не потекнуваше од интелектуално семејство, самиот факт што отишла да студира во Белград ја покажува широчината на нејзините родители. Често се присеќаваше како со браќата ја описмениле неписмената мајка која почнала да чита убава литература со огромен жар. Таткото кој имал дуќан во чаршијата, неверојатно комуникативен човек, ѝ наоѓал информатори за нејзиниот дипломски труд за скопските говори. Таа ќе седнела во дуќанот и како што доаѓале муштерии од скопските села татко ѝ им велел: „Што ќе ве праша девојчево – одговарајте. Таа ќе пишува за вас, а вие ќе влезете во историјата“. Така и би – дипломската на проф. Угринова е од првите објавени трудови на факултетот.

Професорката беше пасиониран љубител на убавата литература. Со несмален интерес, речиси до последниот ден читаше книги, а руските писатели ги читаше во оригинал. Со колешките Роза, Кети, Анета редовно одевме на кафе кај неа и ѝ носевме книги за читање. Имаше обичај да ми се јави и да каже: „Каде сте, ајде доаѓајте, сè прочитав, морам да се качувам по мердиванот и да вадам нешто старо за препрочитување“. Со професорката можеше да се зборува на најразлични теми: за скопските маала, за нејзиниот прием во СКОЈ, за нејзиното дружење со најдобрата другарка уште од младоста Тодорка Кондова-Зафировска (со која судбината реши во ист ден, но со неколку години разлика, да го напуштат овој свет) и нејзиниот брат Димче Кондовски, за дружбата со други луѓе што беа значаен дел од македонската интелигенција, за тоа како Славко Јаневски ја замолил да му ја лекторира првата повест напишана на македонски „Улица“ и сл. Професорката со нејзиниот сопруг беа колекционери на македонската ликовна уметност и ги поддржуваа младите уметници. Дел од својата збирка на уметнички дела подарија на Музејот на современа уметност во Скопје.

За високите научни достигања во својата дејност проф. Угринова-Скаловска е добитник на државните награди „Климент Охридски“ и „Гоце Делчев“.

Како личност со висок личен морал и чесност на вистински научник, Радмила Угринова-Скаловска имаше искрено признание од колегите за нејзината научна и педагошка дејност. Таа со својот авторитет придонесе за поширока афирмација на македонистиката во светот.

Известувајќи ги нејзините колеги и почитувачи во странство, им пишав дека таа до последен ден беше луцидна и ведра, каква што ја познаваме од младоста. Таква ќе остане и во нашите сеќавања.

Нека ѝ е вечна слава!

Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ заедно со Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ подготвува меѓународна научна конференција по повод 100-годишнината од нејзиното раѓање што ќе се одржи во март оваа година.