1011 hPa
66 %
9 °C
Скопје - Нед, 15.03.2026 08:59

Дали ковид-19 е најголемата мирнодопска катастрофа во последните 100 години?
Човечката цивилизација, низ својата милениумска историја, постојано се соочувала со најразлични смртоносни болести како колективно зло: чумата или „црната смрт“, колерата, „шпанската треска“... Секоја неизлечива болест е табу, застрашувачка тема која им се претставува на луѓето како нешто мистериозно, како најголема закана за човековиот живот, како нешто што не може да се спречи, а што поседува „магична моќ“, како што ќе рече американската писателка Сузан Сонтаг во својот есеј „Болеста како метафора“ од 1978 г. (Sontag 1983: 17), компониран во вид на дијалог со болеста и полемика против митологијата на болеста. Зашто, „митологијата на болеста, колку и да е погубна за самите болни, најчесто е индикативна за целата култура“ – смета хрватската теоретичарка Дубравка Ораиќ Толиќ. Според неа, изворот на митологијата на болеста не лежи „само во психологијата, во чувството на страв и немоќ пред мистеријата на природата, туку и во онтологијата на културата. Болеста и нејзината метафора се слика на културата во темното огледало на природата“ – заклучува таа (Oraić Tolić 2000: 23).
Поетскиот ракопис на Славица Гаџова Свидерска под наслов Политики на стравот (2021) е храбар и метафоричен, поетски одговор на актуелната светска пандемија со ковид-19. Самата пандемија е, според зборовите на авторката, основниот поттик и мотив за оваа нејзина, петта по ред, поетска книга. Повеќератно наградувана кај нас и во регионот, Гаџова Свидерска, од збирка во збирка, продолжува да го бруси својот оригинален поетски израз околу еден носечки поетско-филозофски концепт кој на нејзините книги стихови им дава компактна структура и хомогена композиција; во најновата стихозбирка, таква стожерна оска е чувството на страв.
.png)
Според францускиот геополитичар Доминик Моизи, авторот на студијата „Геополитика на емоциите“ (2010), денес, во светот, доминираат три емоции: надежта, понижувањето и стравот. Сите три се поврзани со самодовербата: надежта е израз на самодоверба, стравот е недостаток на самодоверба, а понижувањето е повредена самодоверба. Мапирајќи ги геополитички Европа, Азија и Блискиот Исток како индикатори на споменатите емоции, Моизи го посочува тероризмот за доминантна колективна траума во денешниот свет, што е разбирливо со оглед на тоа дека неговата студија е објавена во 2010 година. Една деценија подоцна, политиката и културата на стравот, покрај со тероризмот, може да се поврзат и со светската пандемија со ковид-19.
Овие колективни стравови пулсираат и низ стиховите на нашата Славица, особено во циклусите „Хронотопи на стравот“ и „Светот“:
Бесмртниците од Гиза
гледаат
како секојдневно се умира
од апсурдна смрт:
од автомобил-бомба
од празен желудник
од комарец
(„Каиро“)
Те повредуваат свету,
со бомби врз твоите гради
со нуклеарни проби
во срцето на твоите океани
со отровни гасови
во алвеолите на твоите шуми
(„Те повредуваат, свету“)
Заклучен е светот
луѓето панично бегаат од смртта
како рипки што се удираат
од аквариумското стакло
(„Заклучен е светот“)
.png)
Несомнената општествена ангажираност на овие стихови која, според самата авторка е, веројатно, најексплицитна во споредба со нејзините претходни книги поезија, кореспондира со планетарната анксиозност од „епидемии“ и креирани „политики на стравот“ од најразличен вид: војни, терористички напади, авторитарни режими, економска нееднаквост и несигурност, климатски, еколошки и други природни катастрофи, чудни болести, вируси и аномалии... Резултатите се поразителни: поетската визура на сирискиот „пејзаж“ (во истоимената песна), среде урнатините на Алепо каде што еден човек / продава златни рипки / во пластично ќесе, но купувачите / немаат нозе да стигнат до продавачот, ниту пак раце да посегнат по ќесето, се болно вистинити и предупредувачки за трагизмот, бесмислата и дехуманизацијата во кои се дави денешниот свет. Светот во поезијата на Гаџова Свидерска е „заклучен“, „осуден“, „полуден“, „апсурден“, „мистичен“..., тој се трансформира во „нов концентрационен логор“ (песна „Светот е нов концентрационен логор“), или во кошмарна „видео игра“, во која дроновите ги креваат мртовците од улиците / како мршојадите своите мрши“ (песна „Се плашам“), а „по музеите се изложуваат страдања“ (истоимена песна со поднаслов „Босна“), избришани, полирани, / конзервирани / во стаклени кутии, се „тргува“ со болката па со еден билет / го купуваш правото (...) да ѕиркаш по туѓите писма и дневници...
Поетот има моќ да го долови тој „невидлив музеј на секојдневната човекова емоција“ (Господинов), зашто поезијата (уметноста) е, несомнено, сетилен дискурс. Познато е дека емоционалната, фигуративната и сознајната одлика (како три од шесте функции на јазикот, според Роман Јакобсон), се клучни за лирскиот израз, воопшто. Стравот е емоција, составен дел на човековото битисување, значи, и иманентна одредница на поетскиот дискурс. Своевремено, чувството на страв и загрозеност во лириката на еден Р. М. Рилке се толкуваше низ тријадата: историска условеност (страв од машинската цивилизација), биолошки корени (страв од смртта) и метафизичка димензија (чувство на загрозеност, бесмисла). Стиховите од книгата Политики на стравот на Славица Гаџова Свидерска се илустративни за споменатите Рилкеови типови страв, што ќе рече дека ништо не се сменило од времето на германскиот лиричар, единствено можеби, новото време само поинаку ги именува стравовите кои се историски условени: Се плашам да не исчезнеме како Хазари – пишува Славица во една од песните, експлицитно алудирајќи на горливите македонски теми и дилеми.
.png)
Стравот од актуелната пандемија, пак, е, истовремено, и индивидуален, и колективен. Болеста, сама по себе, е радикална состојба која покажува дека немаме власт над сопственото тело и дека со него може да располага некој друг однадвор, сеедно дали станува збор за други личности, или пак, за некој непознат, натчовечки фактор:
Движењата со алгоритми ми ги предвидуваат
и траекториите однапред ми ги исцртуваат
(„Политики на стравот“)
Кои сте вие
што го претворате светот
во самица
(...)
Кои сте вие
што ни ги затворате устите
со маски
(...)
Кои сте вие
што го претворате светот во холограм
луѓето од крв и месо што ги сведувате
на слика и звук
(Циклус „Создавачи на стравот“)
„Стравот во оваа збирка е и чувство, и место, и време, емоција, хронос и топос, индивидуален страв, колективен страв, страв од животот, страв од смртта...“ – вели нашата авторка во веќе цитираното интервју. Преку исклучително моќни поетски слики, таа успева да го искаже неискажливото, суптилно да го долови тоналитетот на „немирот на битието“ (Башлар) и да ја универзализира внатрешната, интимна драма која, иако лична, станува подеднакво наша, заедничка, сечија:
По не знам кој пат учам да одам
На рамената ги носам Апенините и Андите
а во рацете држам месечина
Ми викаат стапни цврсто, не се плаши
Крилјата ми се стуткани во џебот

Со ова петтостишие именувано едноставно – „Страв“ – се отвора книгата Политики на стравот. „Стравот е убиец на умот“ – гласи еден познат цитат од култниот научно-фантастичен роман на Френк Херберт – Дина (1965). Од психолошки аспект, оваа синтагма е оправдана; расчекорот помеѓу стравот и разумот е созвучен со егзистенцијалниот немир поради дискрапанцата помеѓу убавината и вистината во поезијата, на пример. Како се справува еден поет со стравот пред дијалектиката на просторот на светот (надворешното) и просторот на интимното (внатрешното)? Од што се плаши поетот? И дали и како успева да го закотви стравот? „Поетот најмногу се плаши од одземањето на слободата“ – појаснува Славица. Или, кажано поетски: не се плашам да пишувам / единствено тоа / го правам / без страв. Тензијата помеѓу пишувањето и животот своевремено ја изрази Марина Цветаева преку формулацијата: „Целата се преселив во бележникот“. Толкувајќи го бележникот на Цветаева како „праг на приватноста, граница помеѓу приватното и јавното“, Андреа Златар вели:
„да влезеш во бележникот значи да ги избегнеш ограничувањата на стварноста, да го преминеш прагот, да зачекориш во фикционалниот простор на себството. Тоа не е простор без граници (и тие се интериоризирани), туку е простор во којшто постојат границите за да можат да се надминат со помош на пишување, а не да се заобиколат или да се застане на нив, како во стварноста на секојдневниот живот“ (Златар 2009: 78).
Споменатите согледби се релевантни за „принципот надеж“ (Е. Блох) со којшто Славица ја финализира својата најнова книга стихови. Кревајќи го својот моќен, бескомпромисен глас и крик против сите варијации и верзии на „политиките на стравот“, во завршниот циклус под наслов „Прибежишта од стравот“, нашата авторка успева да го закотви и да го победи стравот, не со очај, бегство или со некаков игнорирантски став, туку со наоѓање/креирање мирно, спокојно, сигурно, речиси магиски заштитено, место/катче:
Кога се плашам
влегувам во куќата од цртежот на синот
нејзините ѕидови не го пропуштаат злото
бравата на нејзината влезна врата
се отклучува со клуч од сонот
собите мирисаат на колачи со цимет
скалите водат до месечината нацртана со фломастер

Овие стихови се податливи и за една топо-анализа во стилот на францускиот филозоф Гастон Башлар. Говорејќи за „фиоки, сандаци, ормани“ како за специфичен простор на интимност, Башлар (2002: 121-139), овие предмети-субјекти (а такви се цртежот на синот или плакарот со играчки кај Славица), ги смета за метафори на тајниот психолошки живот: чувствувајќи загрозеност од хаосот надвор (кој алудира на нарушена рамнотежа на домувањето), човекот наоѓа сигурно скривалиште во парчињата мебел во кои царува редот (во нив ја открива сигурноста на домот) и кои функционираат како меморија на некое друго време, кое ги проникнува минатото, сегашноста и иднината. Следниот чекор, според Башлар, е идентификација на „интимноста на човекот“ со „интимноста на материјата“, за што, исто така, наоѓаме потврда во стиховите на Славица; конкретно, во финалната, една од најубавите песни во целата стихозбирка, „Елка: дом“:
Во себеси чувам еден дом
неповредлив
нескршлив
доволно широк да танцуваш бескрајно
и доволно тесен постојано да те прегрнува
Таму постојано е први јануари
ѕидовите ја чуваат енергијата на прапочетоците
темелите му се изѕидани врз космосот
Во домот има само една соба
во собата висока елка
што никогаш не се раскитува
(...)
таму сè одново започнува
и сè одново се раѓа
Токму во тоа циклично повторување на почетокот и крајот, е излезот, спасот од ирационалниот страв во овој свет овде и сега. (Во оваа смисла, и низата јазични игри во збирката Политики на стравот, ја заговараат дијалектиката помеѓу хаосот и космосот.) Неподвижноста на субјектот во песната „Елка: дом“, парадоксално, сугерира динамизам, упатува на една „психолошката трансцендентност“. Ако го прифатиме ставот дека „собата е во нас“ (Башлар) и дека „мечтаењето го води сонувачот надвор од блискиот свет, пред свет кој носи обележје на бескрај“ (Башлар 2002: 307; 253), стиховите на Славица Гаџова Свидерска, на најубав можен начин, го потврдуваат вечниот копнеж и порив на поезијата за скок по бесконечното.

Цртежи: Louise Bourgeois
Литература:
Башлар, Г. 2002. Поетиката на просторот. Скопје: Табернакул.
Златар, А. 2009. Текст, тело, траума. Скопје: Центрифуга, 2009, стр. 78.
Моизи, Д. 2010. Геополитика эмоций. Москва: Московская Школа Политических Исследований. Достапно на: https://msps.su/files/2010/12/Wer_Moisi.pdf. Пристапено на 31.10.2021 година
Гаџова Свидерска, С. 2021. Политики на стравот. Битола: Восток.
Oraić Tolić, D. 2000. Dvadeseto stolječe u retrovizoru. Zagreb: Školska knjiga.
Sontag, S. 1983. Bolest kao metafora. Beograd: Rad.