Шпанскиот исклучок

10.02.2026 01:21
Шпанскиот исклучок

Владејачката коалиција во Шпанија, предводена од генералниот секретар на Социјалистичката работничка партија (PSOE) и премиер Педро Санчез, донесе уредба со која ќе се регулира статусот на 500 000 недокументирани имигранти и баратели на азил, под услов да немаат кривично досие и да живееле во Шпанија најмалку пет месеци или, пак, пред крајот на минатата година формално побарале меѓународна заштита.

Елма Саиз, министерката за инклузија, социјална сигурност и миграции, изјави дека станува збор за „историски ден“ и дека со ова владата „го зајакнува имиграцискиот модел заснован на човекови права, интеграција и соживот, кој е компатибилен со економскиот раст и општествената кохезија“. Со ова, Шпанија ја потврди својата позиција како исклучок во општиот европски тренд на рестриктивни имиграциски политики, затворени граници и криминализација на мигрантите.

Премиерот Санчез уште кон крајот на 2024 година изјави дека земјата се наоѓа на демографска пресвртница и дека ѝ се потребни доселеници за да ги одржуваат економијата и системот на социјална држава. „Низ историјата миграциите биле еден од најголемите двигатели на развојот, додека омразата и ксенофобијата биле, и сè уште се, разорувачи на нациите.

Клучот е во доброто управување“, изјави тогаш Санчез. Слично зборуваше и деновиве: „Некои велат дека одиме предалеку, дека одиме спротивно на струјата. Но би сакал да прашам – кога признавањето на правата стана радикално? Кога емпатијата стана нешто исклучително?“.

Педро Санчез

Оваа одлука е резултат на граѓанската кампања „Регулација веднаш!“, која ја потпишаа околу 700 илјади луѓе и ја поддржаа 900 организации на граѓанското општество, како и Шпанската бискупска конференција. Бидејќи се донесува со кралски декрет, не е потребно да се гласа во парламентот. Поради тоа протестираа партиите на десницата, вклучително и Народната партија (PP), и покрај тоа што истата политика беше спроведувана и за време на нивниот мандат.

Лидерот на PP, Алберто Нуњез Феихо, го обвини премиерот дека со ова го одвлекува вниманието на јавноста од неодамнешната железничка несреќа во која загинаа 45 луѓе и изјави дека во „социјалистичка Шпанија незаконитоста се наградува“. Од екстремно десничарскиот Vox, партија на која ксенофобијата ѝ е темелна политика, премиерот го нарекоа тиранин кој ги мрази Шпанците и спроведува замена на населението.

Vox на изборите во 2023 година освои 12,4 проценти и е трета најмоќна партија во парламентот, а нејзиниот претседател Сантијаго Абаскал лани во програмата ја вклучи депортацијата на осум милиони луѓе од странско потекло. И покрај хушкачката реторика на десницата, оваа одлука на актуелната влада е далеку од преседан. Од средината на 1980-тите до денес се спроведени неколку програми за регулирање на статусот на имигрантите, и тоа од страна и на леви и на десни влади.

Хозе Луис Родригез Сапатеро

Во времето на премиерот на PSOE, Хозе Луис Родригез Сапатеро, во 2005 година беше регулиран статусот на околу 570 илјади луѓе, а пред него тоа за околу 500 илјади го одобри и тврдоконзервативниот политичар од PP, Хозе Марија Аснар. Во двата случаи постоеше широк политички консензус, а радикалната десница беше маргинална. Од средината на 1990-тите до средината на 2000-тите години истите политики десетици пати се спроведуваа и во други земји членки на ЕУ, како што се Италија, Франција и Белгија.

Шпанија последниве години бележи голем пораст на доселувањето, особено од земјите на Латинска Америка, а речиси 18 проценти од населението не е родено во Шпанија, што е трет најголем удел во Европската унија. Имигрантите сочинуваат 30 проценти од работниците во услужните дејности и 20 проценти во градежниот сектор, а мнозинството од оние со високо образование работат на работни места под своите квалификации, што сега би требало да се промени.

Во студија спроведена по регулацијата во 2005 година, авторите заклучиле дека по регулирањето на статусот даночните приходи по лице се зголемиле за 4.000 евра годишно и дека таа политика не довела до „ефект на привлекување“ нови имигранти. Исто така е забележано дека кариерните патишта и економскиот статус на овие луѓе значително се подобруваат.

Шпанија во моментов има најниска стапка на невработеност од глобалната финансиска криза во 2008 година, таа сега е под десет проценти, а се очекува дека по регулирањето на статусот на недокументираните имигранти ќе биде уште пониска.

Извор: https://www.portalnovosti.com/

ОкоБоли главаВицФото