Хитлеровото воскреснување

11.02.2026 01:08
Хитлеровото воскреснување

Откако безброј интелектуалци, аналитичари, публицисти, новинари... во децениите по Втората светска војна до точка на бесмисленост го развлекуваа argumentum ad Hitlerum, прогласувајќи го секој провинциски сатрап за Хитлер, Доналд Трамп за кратко време направи нешто што изгледаше невозможно – му вдахна нов живот на тој аргумент и го направи валиден во проценките на делувањето на првиот човек на САД.

Проблемот со тој аргумент, познат и како reductio ad Hitlerum, лежеше во тоа што тој по правило за референтна точка го имаше „доцниот“ и „последниот“ Хитлер, занемарувајќи го прашањето како „раниот“ и „средниот“ Хитлер стигна до тоа. Во тој аргумент, омилен на многу салонски интелектуалци и уште повеќе на медиокритетите во најшироката општествена рамка, Хитлер не беше ниту поим ниту премиса, туку – симбол, симболички топос како културолошки фиксирана фигура на апсолутното зло, односно чкрапало за морална паника и стигматизирачка референтна точка без инференцијална функција.

Во класичниот argumentum ad Hitlerum, како што го толкува Лео Штраус, функцијата на Хитлер како референтна точка е контаминација на идејата или практиката, и тоа само на асоцијативно, а не и на когнитивно ниво, како и заобиколување на рационалното преиспитување на замислената содржина. Во структурална смисла, тој аргумент е редукционистички и симплификаторски, па затоа е и погрешен, а неговата структура изгледа вака:

- Хитлер (како референтна точка и анти-премиса): аксиолошки апсолут.
- Асоцијативна низа: Икс наликува на Хитлер, потсетува на него или користи исти предмети и постапки.
- Имплицитен заклучок: Икс е зол и недопустлив.

Проблемот со вака поставениот аргумент е тоа што во него Хитлер не е премиса со јасно утврдена појмовна содржина, туку асоцијативен, емотивен, морален и културолошки поттикнувач. Меѓутоа, тоа не ја девалвира секоја компарација со Хитлер како најистакнат претставник и парадигма на тоталитарните режими. Но, за таа компарација да може да функционира, нужно е во неа Хитлер да доживее преобразба од симбол до јасно артикулиран феномен.

„Доцниот“ и „последниот“ Хитлер како свои атрибути ги имаат агресивната војна, геноцидот, логорите, задушувањето на политичките, но и индивидуалните слободи и права, како и катастрофалниот пораз како нужна последица. Тој Хитлер е многу лесно препознатлив, но е хеуристички и аналитички бескорисен за согледување на современите процеси.

Меѓутоа, „раниот“ и „средниот“ Хитлер имаат неспоредливо покомплексна атрибуциска структура која опфаќа разградување на институциите, делегитимизација на правото, но и на јавноста, манипулација и инструментализација на легислативните процедури, воспоставување култ на водач, дефинирање на архинепријателот и хомогенизација на народот во борбата против него. Разбирањето на овие атрибути води кон разбирање на фактот дека проблемот со фашизмот не лежи во неговата терминална реализација, туку во неговиот почеток.

„Раниот“ Хитлер ги разорува остатоците од импотентните државни структури, создава хаос и истовремено нуди ред во вид на хиерархиски и милитантно организирано општество. „Средниот“ ја консолидира власта, ги задушува плурализмот и парламентаризмот и воведува принцип според кој волјата на националсоцијалистичката партија, а во реалноста неговата волја, е над секој закон. „Доцниот“ Хитлер започнува агресивни војни и спроведува истребување на Евреите, но и на други неподобни и несоодветни народи, а оној „последниот“, неспособен да воспостави дури и најтенка врска со реалноста, сведочи за колапсот и катаклизмата на својот шизофрен сон за подобра Германија.

Иако не постои релација на идентичност помеѓу Хитлер и Трамп, ниту пак аспектите на нивното делување целосно се совпаѓаат, во феноменолошки поглед постои зачудувачка сличност помеѓу структуралните обрасци во функционирањето на Трамп во неговиот втор мандат и Хитлер во првата година од извршувањето на канцеларската должност.

Со своите одлуки, како што се заобиколувањето на Конгресот при започнување агресија врз странска држава, Венецуела, суспензијата на законите артикулирани во согласност со американскиот устав и меѓународните повелби и конвенции, како и ретроактивната примена на нови закони, претворањето на државните безбедносни агенции (ICE) во паравоени фаланги кои во Минесота веќе ликвидираа неколку луѓе надвор од законските рамки што дозволуваат употреба на смртоносна сила и методичното поткопување на Обединетите нации и НАТО, Трамп феноменолошки наликува на Хитлер кого одлуките на Рајхстагот не го обврзуваат, како ни другите закони, кој партиските фаланги ги октроира како државен безбедносен апарат и кој со своето делување, заедно со Мусолини, ја обесмислува самата идеја за постоење на Лигата на народите. Значи, сличноста меѓу нив двајцата не лежи во размерите на последиците од нивното дејствување, туку во обрасците на доаѓање на власт и обрасците на консолидација на моќта.

Сепак, помеѓу Хитлер и Трамп постои една разлика, за која не сум сигурен дека оди во корист на Трамп. Хитлер го урива европскиот уставен и политички модел со бирократизирани и инертни, па дури и статични односи меѓу трите гранки на власта: законодавната, извршната и судската. Трамп урива еден неспоредливо подинамичен модел кој почиваше на меѓусебни проверки и рамнотежа помеѓу трите гранки на власта, а нивните нужни антагонизми не беа набљудувани како симптоми на криза, туку како механизам за ограничување на моќта.

Но, најголемата сличност помеѓу нив двајцата е сместена во просторот на јазикот. Американската политичка култура никогаш претерано не боледувала од етикеција, и меѓусебните навреди на учесниците во политичкиот живот се сосема вообичаени. Но, сè до второто слегување на Трамп на Авенијата Пенсилванија 1600 СЗ, беше незамисливо првиот човек на САД ксенофобично, шовинистички и расистички да се подбива со цели народи и од позиција на моќ навредливо да зборува за поединци кои не се наоѓаат на таа позиција, односно за обични граѓани.

Трамп им се потсмева на сите што ги смета за послаби од себеси, односно од неговата држава, себеси се промовира како најголем и најуспешен претседател во историјата на САД, опонентските идеи ги сведува на поедноставени концепти и ги прогласува за предавнички, отпаднички, терористички, комунистички... Интересно е што тој дури и на јазичен план имплицитно ја потврдува својата идеолошка блискост со родоначалникот на нацизмот како алотропска модификација на фашизмот, бидејќи Трамп никогаш не го користи поимот фашизам како пежоратив и дисквалификатив, туку во неговиот наратив таа улога ја има Антифа, односно антифашизмот.

Доналд Трамп, значи, не е Хитлер, иако постојат сè поалармантни индикатори дека наскоро би можел да му се приближи – имиграциски логори и најава за отворање кампови за интернација во други земји, кои допрва треба да бидат потчинети на сопствената политичка волја, онака како што Хитлер ги отвораше во Полска; драматичните случувања во Минесота кои само еден истрел ги дели од прераснување во граѓанска војна и во кои ладнокрвните ликвидации на граѓани во режија на фалангите на ICE не се само обична елиминација на политичките и идеолошките опоненти, туку тука станува збор за методичен процес на делегитимизација на постојната законска рамка, но и за обид да се испровоцира реакција која ќе послужи како оправдување за воведување вонредна состојба и преку суд; наговестувањата за сè поизвесна агресија врз Куба...

Уште еднаш, Трамп не е Хитлер, но потенцијално е поопасен од хистеричниот рајхсканцелар бидејќи располага со воена моќ за која Хитлер не можел ни да сонува. Да му се спротивставиш на Хитлер значеше да бидеш подготвен на страшни жртви. Да му се спротивставиш на Трамп значи да ризикуваш моментално и сеопшто уништување во термонуклеарна оргија.

Но, најважно од сè е да се задржи свеста за тоа дека и Трамп и Хитлер се само парадигми и симболички топоси. Хитлер не го измисли ниту го создаде нацизмот, тој само го обединува и бескрупулозно го консолидира распарченото идеолошко ткиво во поразената и понижена Германија. Трамп, исто така, не донесува ништо ново, тој е само естраден изведувач на работите за финализација на процесите кои веќе долго траат во САД, процеси кои своите јасни контури ги добиваат уште во времето на администрацијата на Реган.

Впрочем, уште во средината на минатиот век Гомбрович во своите дневници го постави отрезнувачкото прашање – народи во светот, запрашајте се дали Хитлер беше само Германец. Одговорот на тоа прашање не лежи во минатото, туку пред огледалото. И воопшто не е охрабрувачки, бидејќи најдлабокиот човечки карактер покажува дека човештвото е составено од огромен број послушници и следбеници кои само го чекаат својот Хитлер или својот Трамп за со него да се инспирираат и да му ја препуштат одговорноста за учество во јавниот и политичкиот живот.

Затоа денес argumentum ad Hitlerum доживува нова младост, затоа му се вдахнати свежина и значење, не за победоносно да се извикне – Трамп е новиот Хитлер, туку преку призмата на тој аргумент секој да се преиспита себеси. На тоа преиспитување почива надежта на човештвото дека нема да се лизне во ново лудило, налик на нацистичкото, кое зад себе остави планини од трупови.

Карикатури: Marian Kamensky

Извор: https://zurnal.me/