1008 hPa
40 %
19 °C
Скопје - Саб, 14.03.2026 13:59
Срцето човечко, кога е нацртано
има облик на трупка
или на индустриска пиперка
за правење ајвар и лутеница
Сум гледал говедски
и свински срца по месарниците
и човечки срца од пластика
на часовите по биологија,
не се такви, не се срцевидни
поскоро се налик на цвекло или огромна темна јагода
Кога веќе споредуваме
срцето најмногу личи на стегната тупаница
Во стилизираните срца
нема комори и преткомори
има две половини што сраснуваат
од две стануваат едно
Однатре тоа едно срце е шупливо и низ него шушка крвта
Таа мала пештера со четири одаи,
таа тупаница што ни тупка во градите
и што знае да прескокнува
го содржи во себе бескрајот на
време-просторот
со сета негова длабочина и недоглед
тој исчезнува поништен
во малото средиште што
ја раѓа и преродува димензијата на немерливото
доброљубовта
во овој тажен, сакат
и преубав свет кој ни е даден
Однадвор, секое личи на трупка,
однатре, доброто има дупка
и нема дно