1011 hPa
66 %
9 °C
Скопје - Нед, 15.03.2026 08:59

И Кирил Стојнички ги газеше скакулците. Одеше напред, и, збивајќи, ги газеше, ги троскаше. И постојано имаше чувство дека гази во водоврична ливада што му ги потфаќа стапалата. Не сети ни кога излезе на крајот од полето. Само кога се обѕрна назад виде дека полето беше празно, речиси пусто. Луѓето ги немаше. Дали си отишле и го оставиле, го заборавиле или тој премногу се оддалечил од нив? Нивите беа соголени, опалени, суви. Секој страк, секоја тревка, секој клас беше изгазен, изгризан, опасен.
„Ние ги уништуваме скакулците“, си помисли Кирил Стојнички, „откако скакулците ни го уништија полето“. И во тој миг почувствува остра болка во стомакот. Небаре некој да му го скина мевот, како излитена крпа. И осети како му влегува топол воздух во уште потоплата утроба, меѓу цревата. И наеднаш му се снижи и полето и планината. Сè му избега далеку под нозете. За лошо нема забава, само среќата може да се позабави, да позадоцни.
Ударот дојде некаде одзади, без да го види, без да го дочека. Кога се сврте ја виде острижената глава од Најденко Јорданкин. Најденко Јорданкин бегаше кон реката и зад себе креваше прашина. Беше го удрила лошата крв и бегаше. Кирил Стојнички сакаше да си објасни од кај никна, како го издемна, како му се доближи. „Сигурно со недели ме чекал скриен во реката“, си помисли, но болката повторно почна да му го кине мевот и да му посега длабоко во утробата. А сакаше да рикне и да рипне, да го втаса Најденко Јорданкин. Да го расчеречи. Но, него веќе го снемуваше меѓу евлите и врбушките покрај реката. „Ах, копиле“, си рече Кирил Стојнички, „само малку да ти се доближам, само еднаш моја рака да падне на тебе“, си рече, „само со едно нокте да те допрам и сето месо од коските ќе ти го собујам. И така без месо, низ село ќе те прошетам“, си рече. „И после со заби ќе ти го скинам гркланот, како Вратика што го кинеше конецот, откако ќе ми го зашиеше копчето на кошулата“, си рече. „Така ќе ти ја извадам душата“, си рече, „и не ти ја вадам низ устата, туку низ газ ќе ти ја извадам. На душата прудолглава некаде ќе те обесам, на твојата душа ќе те обесам. Некаде кај што се мочаат ежовите и жабите“, си рече.
И како што велеше, се довлечка до една млада топола. Ја зеде под мишка и ја откорна. Од корен ја откорна. Со едната рака се држеше за мевот, а со другата ја откорна. И сакаше да фрли со неа кон реката каде што побегна Најденко Јорданкин. Но, при корнењето болката му се повтори, му се зголеми. Како тополата да беше посадена во неговата утроба. И како оттаму да ја откорна. И Кирил Стојнички само ја одвали тополата и таа плесна на земјата, претајќи уште долго со гранките, како заклан петел.
Кирил Стојнички мачно издивна и почна да ја алка раната. Се обиде да ја тргне кошулата и пак го здоболе. Едно крајче од предницата имаше потпикнато во мевот. Тогаш се поднаведна и ја здогледа дршката од ножот. Дури тогаш сфати дека ножот е сè уште во него. Врвот од сечилото му беше заглавен меѓу долниот дел од ребрата. Во ’рскавицата. Всушност, ножот се привдена и се прошета низ него токму во моментот кога се сврте да види кој го удри, кој го боцна од недопица. Шлибна, го истрга ножот и го фрли под себеси. Потоа ја крена кошулата и кога повторно се фати за раната, цревата си ги најде в раце. Тоа за првпат го уплаши во животот. Седна како помочан во дупката од каде што ја откорна тополата. „Колку е лажен векот и сликата за него“, си помисли, држејќи го мевот, како скината торба. Тешко нему...
Крвта му липаше, мислиш кртечина му клокоти и му се линееше надолу меѓу ципите и уште понадолу низ ногавиците. Откако седна, виде дека и опинците му се полни со крв. Тогаш доби силна потреба да вика, но уште при првото викнување осети дека тогаш крвта повеќе му истекува. Некој му ја одблиснуваше однатре, од утробата. Го свари гравот...
Почна да си ги враќа цревата навнатре, да си ги внесува. Ама од една страна ќе ги внесеше, а на другиот крај од раната одново ќе се појавеа. Му мрдаа, му се лизгаа, му бегаа меѓу прстите. Расцепот беше широк. Којзнае дали толку многу беше расцепен од ножот или од својот крик. А можеби се прошири кога напна да ја откорне тополата. Седеше свиткан во дупката, ги држеше цревата и си ја гледаше крвта. Се чувствуваше како оној коњ што се обиде да ја прескокне високата ограда од овоштарникот. Коњот, всушност, ја прескокна оградата, но само со предните нозе и со предниот дел од телото. Задните нозе му запнаа на зашилените колци–козолци и козолците му влегоа во долниот дел од стомакот. Го наденаа на вилушка. Коњот повторно тргна, ја откорна оградата со стомакот, но го распара и стомакот. Го расцепи дури до мочилото. И тогаш му испадна шкембето и му се одмотаа цревата. А коњот и понатаму трчаше, бегаше од болката. Бегаше и со задните копита си ги подгазуваше цревата. Сите црева му се плеткаа меѓу нозете, му се замотуваа, а тој си ги подгазуваше. Си ги кинеше, си ги поткинуваше. Луѓето одеа по него и му ги собираа цревата. Тие сите веруваа дека коњот ќе остане жив, ако одново му ги вратат цревата во мевот. Ако му ги состават, ако му ги сошијат, веруваат. Можеби уште така веруваат...
Кирил Стојнички си ги држеше цревата, а тие чадеа. Испуштаа некоја пареа, како од коњски ноздринки. Гледаше надолу кон рацете и се вртеше нагоре кон полето. Но полето како да го немаше. Или тој ништо не можеше да види. Ни човек, ни жива тревка. Ни цволика, ни пиперига, ни штир, ни коњоштипец. Земјата беше соголена. Само понекаде ќе му се присенеше некоја тумбичка земја од ендеците што ги копаа за уништување на скакулците. Ама, и тоа нејасно, ослепа ти!... И сета таа празнина од полето полека почна да му го зафаќа срцето, да му навлегува во душата. Каде, жено, сега? Се држеше за мевот и гледаше во откорнатата топола пред себеси. И наеднаш откри голема сличност меѓу стеблото и себеси. Обајцата беа исто ошевратени на земјата, исто откорнати и поттурнати и немоќни. И двајцата без желба за помош, зашто во желбата не гледаа надеж. Едно време Кирил Стојнички легна со главата покрај коренот и почна да се тепа. Си ги држеше цревата, а со главата удираше во коренот, во стеблото. Земјата му прскаше во вратот, во косата, во устата. Кожата му се набиваше, му пукаше, му се драскаше како корупката од стеблото, но крв не пушташе, не потекуваше. Ги издраска и образите и челото и уште повеќе се издраска на темето, низ косата. Ама крв никаде не му се појави на главата. Како сета крв да му беше истечена низ ногавици и наседната под него.
Во утробата му скокна некој преплашен скакулец и го заскокотка. Го заскокотка токму на местото кај што најмногу го болеше. Може скакулецот да беше Јаким Доксимов. „Јас го бранев, си помисли Кирил Стојнички, а тој ме напаѓа. Предавникот, продадената душа што остана скакулец меѓу скакулците!...“ Се разбира, доколку и тој не беше убиен. Меѓу толку многу убиени скакулци можеше да се претпостави дека и Јаким Доксимов е убиен, но тоа никој не можеше да го знае и да го докаже. Тој беше совршено престорен во скакулец и не можеше никој да го препознае. А може да беше сосема друг скакулец, кој, бегајќи обезглавено, се пикна во отворената рана од Кирила Стојнички. И го заскокотка. И Кирил Стојнички почна да се смее. Викаше и се кикотеше едновремено. И од болка и од незадржлива смеа, предизвикана од скокоткањето на скакулецот што му претеше во утробата. Во раната, меѓу цревата. Може сакаше да умре насмеан... Жими снегон лански!
Но, како што одминуваше времето, тоа викање и тоа смеење се претвораше во липање со насмеана уста. Полека почна да се оддалечува, како притивнување на жабјото крекање од реката.
.jpg)
Слики: KEN CURRIE
Извор за текстот: Петре М. Андреевски - Скакулци, 2007