Патот по кој се оди со сета извесност на младоста

13.02.2026 00:42
Патот по кој се оди со сета извесност на младоста

Како се случи да станам писателка? Тоа не беше нешто што го очекував од себеси, ниту нешто што самата го избрав, како што луѓето избираат да бидат адвокати или стоматолози. Едноставно се случи, одеднаш, во 1956 година, додека го минував фудбалското игралиште на пат од училиштето кон дома. Составив песна во главата и потоа, откако ја запишав, знаев дека пишувањето е единственото нешто со кое сакам да се занимавам.

Не знаев дека песната воопшто не беше добра, но и да знаев, веројатно немаше да се грижам за тоа. Резултатот не ме натера да пишувам, туку искуството, електрицитетот. Промената од „неписателка“ во писателка беше моментална, како премин од здодевна банкарска службеничка во крволочно чудовиште од лошите филмови. Секој што ќе ме видеше можеше да помисли дека сум била изложена на некаква хемикалија или космичко зрачење што ги претвора стаорците во џинови или ги прави луѓето невидливи.

Немав доволно години за да бидам свесна што ми се случило. Да имав прочитано повеќе за животите на писателите или да знаев нешто за нив, ќе ја прикриев срамната промена што токму ми се случи. Наместо тоа, ја објавив пред сите и предизвикав шок кај девојките со кои ручав во училишната менза. Потоа, една од нив ми рече дека мисли оти сум исклучително храбра, дека имам храброст штом сум споделила нешто такво со сите. А вистината е дека едноставно бев незналица.

Исто така, се покажа дека морав да се справам и со негодувањето на моите родители, чија толеранција кон постоењето нечовечки облици на живот, како гасеници и бубачки, не ги опфаќаше и уметниците. По навика, си го гризнаа јазикот и решија да почекаат да помине она за кое се надеваа дека е само фаза и упорно ја истакнуваа важноста на работата од која може да се живее.

Една пријателка на мајка ми беше малку повесела по тој повод. „Баш убаво, драга“, ми рече таа, „барем ќе работиш од дома.“ (Претпоставуваше дека, како и сите други девојки со исправни сфаќања, и јас некогаш ќе се смирам. Не беше запознаена со приказните за писателките што кружеа тогаш и не знаеше дека тие сериозни и посветени суштества биле принудени да се откажат од сè во корист на изопачен целибат, разуздан живот или самоубиство – и дека страдале од едното или од другото.)

Ако се сомневав во улогата што треба да ја исполнам, не само како писателка туку и како жена писателка (неправедно осудена), ќе го фрлев моето наливперо на другиот крај од собата или ќе се скриев зад збунувачки псевдоним, како Б. Травен, авторот на Богатството на Сиера Мадре, чиј вистински идентитет никогаш не е откриен. Или ќе можев да го следам примерот на Томас Пинчон и никогаш да не дадам интервју ниту да дозволам мојата фотографија да се појави на корицата на книгата. Но бев премногу млада за да знам за таквите трикови, а сега веќе е предоцна.

Во биографиите вообичаено постои некој клучен момент во раната младост што го навестува патот на идниот уметник, научник или политичар. Детето мора да биде татко на човекот, а ако не е, тогаш авторот на биографијата ќе пресече и ќе залепи нешто за сè да испадне како што треба. Но кога се навраќам наназад и го гледам животот што го водев пред да почнам да пишувам, не успевам да најдам ништо што би укажувало на тој бизарен пат што подоцна го избрав, ниту нешто што не може да се најде во животите на повеќето луѓе кои не станале писатели.

Кога ја објавив својата прва збирка песни на дваесет и шест години – „вистинска“ во споредба со брошурата што самата ја испечатив во подрумот на еден пријател, бидејќи тоа тогаш беше мода – брат ми ми напиша: „Честитки за објавувањето на првата книга песни. И јас го правев тоа кога бев помлад.“

И можеби тоа беше знак. Имавме многу заеднички желби кога бевме деца, но тој од своите се откажа и најде нови, а јас не.

И еве ме, во 1956 година, сè уште во средно училиште, без ниту една душа што го споделува моето гледиште за тоа што би можела или што би требало да правам. Не познавав ниеден писател освен мојата тетка, која пишуваше детски приказни за неделниот училиштен весник, што мојот снобовски млад ум не го сметаше за пишување. Ниту еден писател чии книги ги имав прочитано, ниту еден што пишувал за возрасни, односно што пишувал шунд литература или книжевни дела, не беше жив ниту живееше во Канада.

Тогаш сè уште немав започнато сериозна потрага по другите од мојот вид за да ги измамам од нивните темни пештери и тајни засолништа, па мојот поглед на сето тоа на шеснаесет години беше поглед како на секој друг обичен граѓанин: го гледав само она што беше очигледно и видливо. Беше како јавната улога на писателот – улога што, ми се чини, се земала здраво за готово во други земји и во други времиња, или во таканаречените биографии во училишните учебници – или никогаш да не била воспоставена во Канада или некогаш постоела, но изумрела.

Да ја цитирам песната „Портрет на поетот како пејзаж“ од А. М. Клајн – песна што тогаш сè уште не ја имав прочитано, но на која наскоро ќе налетам и ќе се врзам за неа, како штотуку изведено пајче што се врзува за кенгур:

Можно е да е мртов, а никој да не го открил тоа.
Можеби може да се пронајде некаде
Во тесен ормар, како труп во детективските романи,
Исправен, со вкочанет поглед, подготвен да падне ничкум...
Сигурни сме дека само од нашето реално општество
Тој исчезнал, едноставно не постои...
...тој, ако воопшто постои, е број, икс,
некој господин Смит во хотелската евиденција –
инкогнито, изгубен, недофатлив.

Слики: Katia Lifshin

Извор: https://polja.rs/

ОкоБоли главаВицФото