1011 hPa
81 %
4 °C
Скопје - Нед, 15.03.2026 07:59

Пренесено од: Дојче Веле
Повеќе отрезнети отколку надежни - така може да се сумира општото расположение на европските лидери во пресрет на овогодинешната Минхенска безбедносна конференција (13-15 февруари 2026 година). Пред нешто повеќе од една година, откако Доналд Трамп го започна вториот мандат како претседател на САД, трансатлантските релации важат за урнисани. Деструктивната надворешна политика на Трамп фрла сенка врз состанокот на високо ниво, меѓународно познат како Минхенска безбедносна конференција.
Деструкцијата како централна карактеристика на актуелната политика
Конференцијата со децении се дефинира како трансатлантска. Но, според зборовите на нејзиниот претседател Волфганг Ишингер, во меѓувреме владее „до сега невидена криза на кредибилитет и доверба“.
„Минхенскиот безбедносен извештај“, кој се објавува пропратно со конференцијата, го носи насловот „Во деструкција", што само по себе доволно кажува. Извештајот го сместува Доналд Трамп во категоријата „човек што демолира“, односно еден од оние шефови на држави кои со своите политики на „уривање“, ги уништуваат важечките правила и институции кои уживаат почит. Наводите на Трамп, дека не му е потребно меѓународно право, се само еден од многуте докази за тоа. Иако условите се потешки од било кога, Минхенската безбедносна конференција основана пред повеќе од 60 години, и годинава се гледа како форум за размена и дијалог. Меѓу повеќе од илјада учесници, не помалку од 200 се владини претставници од 120 држави. Во прочуениот хотел Бајеришер Хоф, меѓу другите се очекуваат украинскиот претседател Володимир Зеленски, францускиот претседател Емануел Макрон, кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји и данската премиерка Мете Фредериксен. Таа неодамна храбро му се спротивстави на Доналд Трамп кога тој положи права на поседување на Гренланд, кој ѝ припаѓа на Данска.
.jpg)
САД го испраќаат државниот секретар Марко Рубио
И покрај тензиите во трансатлантските односи, и годинава ќе има голема делегација од САД, претставувана од државниот секретар Марко Рубио. Ишингер рече дека очекува Рубио „да зборува за американската надворешна политика, а не за теми што не спаѓаат директно во негова надлежност“. Тоа е недвосмислена алузија на жестокиот говор со кој американскиот потпретседател Џеј Ди Венс ја иритираше публиката на конференцијата минатата година. Венс, кој годинава не е на списокот на гости, го критикуваше наводниот недостаток на слобода на говор во Европа.
Американската делегација не е составена само од поддржувачи на Трамп. Таа вклучува и декларирани противници на американскиот претседател, како Гевин Њусом, гувернерот на Калифорнија. Тој уште на Светскиот економски форум во Давос јасно стави до знаење дека во иднина очекува „посилен ,рбет“ и непоколебливост од Европејците и дека според него тие премногу брзо попуштаат пред Трамп.
Дали Европа е пред нова ера?
Њусом погоди во сржта на прашањето кое веројатно ќе игра голема улога на овогодинешната конференција, имено како Европа треба да се преориентира во сменетата глобална состојба? И каква улога може да игра Германија притоа? Фридрих Мерц, кој ја отвора конференцијата во петок (13 февруари 2026 година), за прв пат ќе се осврне на оваа тема како канцелар. Во неодамнешна декларација од владата за Бундестагот, Мерц ги повика Европејците „да научат и самите да го зборуваат јазикот на политиката на моќ“, што вклучува огромни инвестиции во европските одбранбени капацитети, како и развој на нови партнерства. Ширум светот има „демократии во развој со отворени и растечки пазари кои експлицитно бараат она што ние нудиме“, нагласи Мерц во Бундестагот и осврнувајќи се на САД, додаде дека „како демократии, ние сме партнери и сојузници, а не подредени“. Во Минхен, канцеларот веројатно ќе ги разработи овие точки и со тоа ќе го наштима тонот за дебатата во која сегашната криза се смета за катализатор за стратешки промени.
.jpg)
Претставници на иранскиот режим непожелни
Поканите за Минхенската безбедносна конференција се многу посакувани, но претпазливо се избира кому ќе се пратат. Па така за разлика од минатото, претставници на иранската влада не се добредојдени во Минхен годинава. Причина е насилството со кое раководството во Техеран ги потисна неодамнешните демонстрации. Но, се очекува претставници на иранската опозиција и граѓанското општество да зборуваат на конференцијата.
Иако војната на Русија против Украина веројатно повторно ќе биде централна тема на конференцијата, претставници на руската влада нема да бидат присутни.
Во 2022 година, кога конференцијата се одржа кратко пред почетокот на агресијата од Русија против Украина, руската делегација колективно откажала присуство, се потсетува директорот на конференцијата Ишингер. Тој од тогаш не чул „ни збор“ од Москва за можно учество. Во однос на разговорите за можен крај на војната, Ишингер нагласува дека Русија се преправа оти е подготвена да преговара, а истовремено го подложува украинското цивилно население на терор. Овогодинешната награда „Евалд фон Клајст“ нема да биде доделена на заслужна личност, туку „на храбриот украински народ“.
По двегодишна пауза, политичарите од АфД повторно меѓу поканетите
Алтернатива за Германија (АфД), која е во делови десно екстремна, не беше добредојдена во Минхен во изминатите две години. Директорот на конференцијата Ишингер сега ја менува политиката на својот претходник и одлучи да не ја исклучува најголемата опозициска партија во Бундестагот. Поканети се тројца експерти за политика на партијата од Бундестагот, но не се планирани нивни обраќања. Минатата година, од АфД забележуваа дека нејзиното исклучување е неоправдана дискриминација и искористија правни средства, но тужбата не беше успешна.
.jpg)
Карикатури: Antonio Rodríguez