Доживелиците од улицата „Данил Хармс“ (5)

13.02.2026 15:42
Доживелиците од улицата „Данил Хармс“ (5)

Играат: Старделов, Митрев, Малески, Ѓурчинов, Урошевиќ, Алексиев, Коцевски, Чашуле, Јаневски, Георгиевски и Михаил.

 

Металниот поглед

Еднаш во ДПМ била организирана дискусија каде што ставовите ги соочиле раскараните „модернисти“ и „реалисти“. Во еден момент од дискусијата (додека помирливо, но страсно и вехементно, зборувал Георги Старделов) Димитар Митрев со метален поглед го погледнал Владо Малески Тале, а сцената ја забележал Милан Ѓурчинов и видно се вознемирил.

Колегата професор Влада Урошевиќ видел дека Ѓурчинов се вознемирил и прашал што е работата.

Милан одговорил: – Митрев го погледна Тале со метален поглед. Ти, учен колега, многу добро знаеш што значи „метален поглед“ – со бледи усни промрморел Ѓурчинов.

– О, да, имам прочитано кај Данил Хармс: кога тенка порцеланска чаша паѓа од орманот и лета удолу, гледачот во тој момент, додека чашата е во воздух, со помош на металниот поглед веќе знае дека таа ќе плесне на подот и ќе се раскрши на парченца.

– Точно така – рекол Ѓурчинов. – Но јас, пак, поуздано знам дека некој човек, кога ќе погледне друг човек со метален поглед, сосема сигурно, порано или подоцна, ќе го убие тој другиот.

– Ох – рекол Урошевиќ.


Еве ти ги паричникот, телефонот, клучот од сефот и договор за твојот таканаречен 'уред за контрола на умот'

***

Сатиричниот роман на Ацо Алексиев

Ацо Алексиев напишал сатиричен роман. За добар човек, Егеец, кој после Граѓанската војна во Грција завршува во скопскиот затвор Идризово. Управникот на затворот се вика Јосип Тотовски (алузија на Тито). Тој, со помош на други затвореници, го малтретира добриот човек и на крајот го убива. Ацо романот го насловил „Јунак на нашето време“ и го однел кај Данило Коцевски да го објави во списанието „Разгледи“.

Данило бил плашлив човек. Го прочитал романот и веднаш го облеала студена пот. Одлучил сè да изредигира. И изредигирал. Местото на случувањата го преместил во Ташкент. Затвореникот го променил во офицер. Наместо груби затвореници внел убави девојки кои воопшто не го навредуваат главниот јунак, туку тој нив. Јосип Тотовски го прекрстил во Шарло Шаторов. Потоа ракописот итно го пратил во редакција, ја избришал студената пот и отишол на спиење.

Наеднаш среде сладок сон го пресекла пеколна мисла. Насловот! Насловот не го променил! Веднаш, небаре во пижама, заминал за Охрид.


Да, ја обожаваме твојата книга за хипноза, и секако дека ќе ја објавиме!

***

Душата на Коле и Славко

Коле Чашуле дури пред крајот на својот живот се замислил за душата, а како млад воопшто немал совест. Еднаш изгубил невеста на карти. И не ја дал. Велел дека нема душа зашто во него живеат шестмина: „Кои, какви биле (само во мене!), моите сопствени, непознавани од никого, безмилосни: диктатори, стопани, команданти, истоштувачи, прелажни поткупувачи? Тие, кои се изживувале во манипулирањето со мене?“

Сличен бил и Славко Јаневски. Дури кога почнал да одгледува бонсаи и камења се замислил за душата. Вистина, еднаш, високо на планината „Караџица“, на температура минус дваесет, седејќи во снег со пушка во бусија, со воздржал да убие мајка свиња со шест свинчиња, која поминала на десет метри од него. „Да беше вепар, немаше да имам милост.“


Немав вонтелесно искуство. Социјално се дистанцирав од себе.

***

Тежината на верата

Еднаш Љубиша Георгиевски заминал на спиење како теист, а се разбудил како атеист.

Имено, тој имал обичај секој ден, наутро и навечер, да се мери. Вечерта пред необичното преобратување тој, како верник, на домашната вага се измерил и видел дека тежи 92 кила. Следниот ден, будејќи се како атеист, се извагал и видел дека тежи 91,5 килограми. Значи, заклучил славниот македонски режисер, мојата вера тежела околу пола кило.
Кога за неколку дена малце се здебелил, на Љубиша Георгиевски верата му се вратила.


***

Благослов од Михаил

Другпат театралниот Љубиша Георгиевски намерачил да стане претседател на Република Македонија. За таа цел посакал да добие благослов од архиепископот Михаил. Се преоблекол во Блаже Конески и му дошол на гости на стариот и болен архиепископ. Убеден дека пред него навистина стои предобриот Блаже, Михаил го благословил Љубиша Георгиевски.


Барав баланс меѓу ’малку помалку лаење и малку повеќе гризење’, ама баш и не го најдов.

Слики: Дејв Коверли
 

ОкоБоли главаВицФото