Крајот на книжевноста

16.02.2026 02:19
Крајот на книжевноста

Јануари е месец кога се доделуваат книжевни награди и тогаш водостојот на интересирањето за современата српска проза нагло се зголемува. По обичај, се преиспитуваат одлуките на жирито, се даваат вакви или онакви оценки за добитниците. Меѓутоа, јас нема да го правам тоа од две причини: прво, зашто сега е февруари, а не јануари, и второ зашто за три години престој во жирито за наградата на НИН (и уште неколку години во жиријата на други награди) имав можност да видам колку работата на жирито е тешка и бара многу.

Меѓутоа, тоа не значи дека размислувањето за современата српска проза е здодевна и залудна работа. Напротив, тоа е мошне интересно, особено кога човек има повеќе од педесет години. Должината на престојот во книжевноста, освен што го зголемува ризикот од старечка намќорливост, му дава на човекот и некои предности. На пример, благодарение на тие години, се сеќава на период кога за себе и за неколку свои тогашни другари можел да каже дека се луѓе на книжевноста.

Тоа беше во текот на деведесеттите години од минатиот век. Во синтагмата човек на книжевноста тогаш сè уште можеше да се почувствува аурата што потекнуваше од митот за книжевноста. Според тој мит, големите писатели беа големи личности, кои не располагаа само со талент за книжевност, туку и со светско искуство и интересен и простран внатрешен живот. Пишувањето за нив не беше поврзано со (банални) причини како заработување пари, туку со изразување лична слика за светот и со големи книжевни амбиции и зафати, кои тежнеат да го изразат духот на времето, судбината на нацијата или, пак, да ја објават својата единствена личност преку некаква тематска или поетичка побуна.

Така настануваа големи книжевни дела, настани во историјата на националната книжевност. Иако се продаваше, книжевноста не беше стока, туку збир на единствени уметнички дела, чија вредност беше независна од пазарот. Затоа и се печатеше во повези што можеа да траат, се чинеше, стотици години.

Читателот како коавтор

Покрај писателот, митот за книжевноста го опфаќаше и читателот. И тој имаше своја митологија. За него читањето не беше само обична забава, туку чин во процесот на самоизградување на сопствената личност. Кога ќе се соочеше со некое големо дело што не може да го разбере, читателот ќе имаше впечаток дека можеби сè уште не е дораснат за него. Затоа луѓето ги читаа истите книги во различни периоди од својот живот.

На пример, кога на 18 години, на сиво-маслинеста стража во три часот наутро, се обидов да го читам Пешчаник на Данило Киш, ништо не разбрав. Меѓутоа, веќе три години подоцна, сметав дека тоа е една од најдобрите книги што некогаш сум ги прочитал. (Сè уште мислам дека е така.) Во секој случај, пишувањето и читањето книги беше еден речиси мистичен процес преку кој личностите на писателите ги создаваа личностите на читателите, барајќи од нив да бидат достојни за големите книжевни дела.

Читателите тогаш стануваа коавтори на големата книжевност или дури потемни и поизвонредни бардови од добрите писатели, како што би рекол Х.Л.Б., читател и писател. Во тоа време се чинеше дека книжевноста нема никаква врска со пазарот, туку само со хуманизмот, односно со славењето на творечките можности на човекот (писателот и читателот). Студентите по книжевност кои тогаш влегуваа во тој мистичен свет на читањето и пишувањето не веруваа дека се подобри од другите, но веруваа дека се различни.

Слично размислуваа и луѓето околу нив, кои не студираа книжевност или не ја читаа: ако студент по книжевност го откриеше својот идентитет, околу него или се создаваше ѕид на молк, зад кој се насетуваше дека тој човек има некакви тајни знаења или се активираше одбранбен механизам содржан во забелешката дека нема од што да живее во иднина. Студентот по книжевност на тоа само ќе се насмевнеше: интензитетот на животот во книжевноста ја укинуваше секоја грижа за иднината (во која, патем речено, најголемиот број од нив ќе имаат не само што да јадат, туку и повеќе од тоа).

Со конечниот распад на земјата, односно таканаречената транзиција, исчезнаа големите државни издавачки куќи, во кои државата, додека постоеше, вбризгуваше пари за да ги претвора луѓето во писатели и читатели, односно во личности. Книжевноста тогаш се најде на ледина.

Изгледаше дека единствениот начин да преживее е писателот да стане мегафон на глобалистичката идеологија. Многумина навистина ја избраа таа можност и од тогаш за нив беше поважно што ќе изјават, отколку што ќе напишат. (Кога станува збор за нацијата, на овие писатели им се гадеше сè освен националната пензија – тоа беше единствениот начин на кој сакаа да учествуваат во животот на својот народ). Меѓутоа, благодарение на претприемливоста на приватните издавачи, најнапред Лагуна, а потоа и Вулкан, набргу се појави и друга можност наречена пазар.

На прв поглед, изгледаше како пазарот да не ја променил многу книжевноста, но сега, нешто повеќе од две децении подоцна, јасно гледаме дека сепак нешто се случило: митот за книжевноста исчезна, а со него исчезна и оној интензитет на живот што книжевноста му го нудеше на човекот на книжевноста, без разлика дали беше писател или читател.

Пазарната логика

Во моментот кога книжевноста станува стока, која и покрај сите еуфемизми сепак се вреднува според тоа колку се продава, тогаш и писателите мораат да го земаат предвид вкусот на публиката. А пазарот ја менува публиката. Читателот кој го почитува писателот и вложува напор да го разбере, сега почнува да се гледа себеси како потрошувач, кој секогаш е во право. Тој од стоката бара да ги задоволи неговите барања, бидејќи тоа е услов за да ја купи.

Сега од книжевноста повеќе не се бара големина, туку функционалност: книжевноста во нас треба да разбуди силни чувства преку идентификација со јунаците или да нè забавува, задоволувајќи ги нашите жанровски очекувања (хорор, љубовен роман, епска фантастика) и нашата политички коректна, значи тесна слика за светот. Од друга страна, потрошувачот не очекува писателот да го вознемири со некоја одвратна сцена или да се „прави паметен“, односно да пишува нешто што тој не може да го разбере или да се занимава со т.н. „големи теми“ кои на потрошувачот навикнат на ситниците што живот значат му го расипуваат расположението, или да тематизира некои политички некоректни теми (судбината на нацијата, Косово и така натаму) што ги иритираат граѓаните.

Пазарот, принципиелно, не бара од книжевноста да го приближи човекот до светот, туку напротив, да го ослободи од светот или да му го повтори она што читателот веќе го знае или мисли за светот. (Знам читатели кои програмски читаат само преведена или само жанровска проза, од едноставна причина: зашто не сакаат тоа што го читаат да има каква било врска со стварноста што ги опкружува).

Како што потрошувачот не сака да купува чевли два броја поголеми, туку по мерка, така не сака да купува ни книги за кои допрва треба да дорасне. Наместо тоа, ги отфрла како шкарт, не сфаќајќи дека со тоа дело ја отфрла и идејата за сопствено самоизградување, бидејќи книгите сепак не се чевли: ако ногата во еден момент повеќе не може да расте, духот на личноста сепак може.

Меѓутоа, на пазарот не му треба човек што од себеси создава личност, бидејќи личноста е отпорна на семоќта на пазарот. Затоа пазарот упорно му ласка на потрошувачот дека секогаш е во право и дека секој што ќе се обиде од него да бара нешто повеќе е само „елитист“, односно „фашист“.

Се разбира дека и претходно постоеја читатели кои книжевноста ја читале пазарно, но во ерата на постоењето на митот за книжевноста тие не го даваа тонот на книжевноста. Тие имаа прагматичен однос кон книжевноста, а книжевната република беше доволно пространа за сите, па и за нив. Меѓутоа, кога книжевноста стана само уште една работа што се купува и продава, овој тип читатели и нивниот пристап кон книжевноста станаа доминантни, едноставно затоа што нив ги има најмногу.

Студиите по книжевност

Сето ова влијае и врз писателот. Тој денес многу добро чувствува дека не пишува за историјата на книжевноста, туку за конкретни потрошувачи што од него бараат да биде занаетчија, а не уметник. Не се бара големо дело што го надминува духот на читателот, туку функционално дело што го задоволува. Затоа писателот на пазарот станува некаква форма на претприемач.

Тој создава стока (книжевно дело) и преговара со пазарот за да знае што најдобро може да успее на пазарот. Го прилагодува стилот, да не биде премногу тежок за следење, а најдобро би било да е и малку духовит; избира тема што не е ризична или проблематична во која било смисла и што не предизвикува одбивност кај потрошувачите. Затоа е најдобро за тема да се земе обичниот живот на поединецот, како Кнаусгор, кој никому не боде очи, а потоа по потреба да се додаде точно онолку политичка коректност колку што е потребно за дискретно да се отворат некои врати, а притоа да не изгледа како писателот да е баш идеолошка помија.

Писателот многу добро знае дека неговиот успех на пазарот подразбира извесна форма на безличност, што во времето на митот за книжевноста беше рамно на смрт, зашто тогаш писателот се перципираше како личност што зрачи со широчина на искуството, новост и бунт. Меѓутоа, пазарот ја дозволува новоста само ако не е новост, а бунтот само ако не е бунт. Иако пазарот може да биде политички неутрален, медиумите што ја обликуваат позицијата на писателот на пазарот имаат своја идеологија.

Тоа значи дека од аспект на пробив на книжевната сцена (што подразбира и наклонетост од медиумите, особено од оние што ги следи најголемата група читатели) најкорисно е да не се изјаснуваш баш за сè и баш премногу интензивно (не треба баш да бидеш како Борислав Пекиќ или како Милош Црњански во текот на триесеттите години од минатиот век), особено ако тоа изјаснување повеќе затвора отколку што отвора врати. Треба да се држиш до воспоставените флоскули за уметноста, книжевноста, пишувањето и животот, а ако баш се очекува некоја реченица, таа треба да биде политички коректна.

Тоа е начинот на кој писателот се одржува во мрежата на пазарот. Тој повеќе никогаш нема да биде уметник или личност (евентуално – симулакрум на уметник или личност), зашто пазарот тоа не го толерира, но за возврат може да стане „успешен човек“ или „славна личност“, налик на американските писатели на кои не им се восхитуваме поради делата, туку поради тиражот. Додуша, успехот доаѓа со ограничен рок на траење. Тој рок би требало да го обезбедат историите на книжевноста, само што тие истории повеќе нема да постојат – зашто повеќе нема да постои ни книжевноста.

Така доаѓаме до еден суштински парадокс кога станува збор за современата српска книжевност. Спротивно на идејата дека крајот на книжевноста ќе настане тогаш кога никој повеќе нема да ја чита, се покажува дека книжевноста исчезнува и тогаш кога, додуша, се чита, но кога повеќе не е релевантна како книжевност. Накусо, книги ќе се пишуваат и ќе се читаат, но книжевноста можеби нема да постои повеќе. Тоа се поклопува со крахот на митот за книжевноста што ѝ даваше важност, разликувајќи ја од средство за забава или од стока за продажба.

Денес пазарот на книги во Србија и понатаму е жив и витален, што го покажува бројот на книжарници на Лагуна и Вулкан. И добро е што е така, бидејќи исчезнувањето на пазарот не би значело враќање на митот за книжевноста, туку само дека книжевноста повеќе не би била ни стока.

Меѓутоа, и покрај виталноста на пазарот, бројот на студенти по книжевност, а особено по национална книжевност, катастрофално опаѓа. Сега веќе можеме да го замислиме моментот во блиска иднина кога повеќе никој нема да сака да студира српска книжевност. Една од причините за ова напуштање на книжевноста е симболичкото банкротство на државата. Убеден сум дека никој во Министерството за култура – а тука пред сè мислам на оние што го водат тоа министерство – не размислува за фактот дека за неколку години можеби повеќе нема да има бруцоши што сакаат да студираат српска книжевност.

Пријателите во минатото

Наспроти самоубиствената рамнодушност на државата, се забележува подем на корпоративното мноштво опседнато со екраните како симбол на постоење и со корпорациите како симбол на профитот. Во таква атмосфера, митот за книжевноста доживува крах, исто како и аурата на уметникот, односно на личноста што својата вредност ја гради врз фактот дека е единствена и несводлива на други личности.

Имено, книжевноста секогаш подразбирала една форма на осаменост – осаменоста на пишувањето и читањето – а денес, во времето на мрежите, таа осаменост не носи ништо возвишено, како во времето на митот за книжевноста, туку станува синоним за смртта. Затоа писателите се обидуваат пред сè да станат дел од мрежата (која ја сочинуваат пазарот и политичката коректност) и се подготвени, во замена за тоа, да се обезличат и да се откажат од идејата за големина. Парадоксално: за книжевноста да биде успешна (профитабилна), таа мора да биде „мала“ и неважна: никому да не му пречи и никого да не го погодува.

Најпосле, што ни преостанува од книжевноста? Како што реков, враќањето во вчерашниот мит за книжевноста повеќе не е можно. Очигледно, потребно е да се осмисли некој нов мит што денес, во пазарни услови, може на книжевноста да ѝ подари смисла и аура.

Еден мој драг пријател дојде до заклучок дека книжевноста треба „да се пушти во погон“, односно да се поврзе со животот на читателот како поединец. Само во тој контекст книжевноста повторно станува релевантна, додуша не повеќе како уметност, туку како извор на совети за полесен живот (многу далекувиден наслов на една од збирките раскази на Горан Петровиќ!). Друг начин може да биде претворањето на пишувањето во облик на психотерапија, по моделот на боенките. Пишувањето тогаш станува активност што нè опушта, забавува, смирува, додека неговиот резултат – книжевното дело – суштински не е од преголема важност.

На крајот, неколку зборови и за мене, оној што го напиша текстов, за некој да не ме разбере погрешно. Денес, кога нарцисоидноста и егоцентризмот за мнозинството луѓе претставуваат сосема нормален став кон светот, логично е секоја анализа на духот на времето да се сведува на психологијата на оној што ја напишал таа анализа.

Пред читателот на овој текст да ми припише лични фрустрации, треба да знае дека зад себе имам четири романи: првите два повеќе им се допаднаа на критичарите, а другите два на читателите. Ги продадов во вкупен тираж од некаде триесетина илјади примероци. Многу сум благодарен на сите луѓе што ги купија и прочитаа. Некои од нив сега се мои пријатели и, без претерување, тоа го сметам за најголемата добивка од својата книжевност. Покрај тоа, добив и неколку книжевни награди за своите романи и неколку одлични текстови за нив. Значи, лично, како писател, немам причина да се жалам.

Жалам само за своите пријатели во минатото (синтагмата му припаѓа на Милош Црњански, кој е еден од нив) кои ми значат многу, бидејќи со нив поминав речиси цел живот. Иако понекогаш умееле да направат и нешто што не е баш за пофалба, тоа се добри луѓе и големи личности, кои таа своја големина преку големи книжевни дела несебично му ја ставаа на располагање на секој свој читател, па така и на мене. Ако ги изгубам тие свои пријатели, ќе изгубам, ми се чини, и себеси.

Затоа овој текст, на крајот, им го посветувам на студентите по српска книжевност: поранешните, сегашните и оние што допрва ќе ја запишат. Овие храбри луѓе во иднина ќе имаат задача да ја сочуваат и ревитализираат српската книжевност што овој народ го прави народ и го спасува од статус на биомаса. Нивната борба ќе се одвива на пазарот на книги, а нејзиниот успех ќе зависи од тоа дали во тој пазар ќе може да се отвори просторот на слободата, која, парадоксално, ќе биде независна од самиот тој пазар.

Слики: Alefes Silva

Извор: https://standard.rs/

ОкоБоли главаВицФото