1011 hPa
81 %
4 °C
Скопје - Нед, 15.03.2026 07:59

Иако нема сомнеж дека во светот во моментов постои само еден економски систем, капитализмот (во различни политички варијанти), вреди да се постави следново прашање: Дали во студиите по економија треба целосно да се занемарат сите компаративни аспекти и да се задржиме само на она што денес е пред нас? Тоа остава можност проучувањето поинакви економски системи да се смести во помошни предмети, на пример во рамки на економската историја, каде што може да се предава економијата на античкиот свет, феудалната економија или комунистичката економија. Или компаративните теми заслужуваат да бидат вклучени во главната програма?
1. Поинакви системи не постојат и затоа од нив немаме што да научиме. Луѓето кои економијата ја гледаат како дисциплина што ги имитира природните науки тврдат дека на економијата не ѝ е потребен дел што споредува различни системи, барем додека не се појави некој поинаков систем во реалноста. На пример, компаративниот дел треба да се ограничи на проучување на кинескиот капитализам или западноевропскиот капитализам во аспектите во кои се разликуваат од американскиот капитализам. Тоа е став вообичаен во литературата посветена на политичките варијанти на капитализмот која нагласокот го става на механизмите на редистрибуција, но не испитува како изворната распределба е обликувана од начинот на производство и разликите во сопственоста над имотот (односно, дали капиталот е во сопственост на заедницата или на државата наспроти приватната сопственост). Тој аспект се занемарува зашто производството во секој случај е организирано според истите капиталистички начела. Да појаснам, капитализмот го дефинирам (во книгата Kapitalizam, sam) како систем во кој најголемиот дел од производството се врши со користење средства за производство во приватна сопственост, работната сила е најмена, а донесувањето економски одлуки е децентрализирано. Таквата дефиниција на капитализмот, по стапките на Маркс и Макс Вебер, поаѓа од тоа како е организирано производството, што ја одредува и распределбата на пазарните доходи. Тоа е во согласност со концептот на различни облици на редистрибуција (вклучително и оданочувањето на милијардерите). Во секој случај сме на теренот на литературата посветена на различните политички варијанти на капитализмот, а темата е исклучиво редистрибуцијата.
.jpg)
2. Поинакви системи треба да се предаваат дури и ако во моментов не постојат. Поинакво гледиште застапуваат луѓето кои веруваат дека економијата е општествена наука чиј развој зависи од разбирањето и на сегашните и на минатите економски формации. Познавањето на начинот на кој се организирани различните економски системи е корисно за проширување на нашата перспектива преку границите на она што постои денес. Тоа исто така помага во ситуирањето на она што денес го имаме и во замислувањето можни промени во иднината. Презентизмот во општествените науки обично го опредметува постојниот систем и го прикажува како „природен“ и незаменлив.
Го пишувам ова зашто во неколку последни семестри ме мачи проблемот на компаративниот пристап кога одржувам курс по економија на нееднаквоста. Излагањето за нееднаквоста во земјите (наспроти проучувањето на глобалната нееднаквост) го започнувам со преглед на големите автори од минатото (како што направив во книгата Vizije nejednakosti) и полека напредувам кон сегашноста и кон автори како што се Парето, Кузнец, Пикети и така натаму. Курсот го завршувам со преглед на нееднаквоста во модерните Соединети држави и Кина и некои понови методолошки иновации. Последниот дел јасно останува во границите на компаративниот капитализам.
Потоа, експериментално, едно предавање (два часа) им посветив на распределбата на доходот и нееднаквоста во социјализмот. (На оние што се заинтересирани им предлагам да го прочитаат првиот дел од седмото поглавје од книгата Vizije nejednakosti). Целта не беше да зборувам за вредностите на Џиниевиот коефициент во социјалистичките земји, туку да објаснам сосема поинаква логика на распределба на доходот. На пример, дека неквалификуваната работна сила беше многу добро платена во споредба со квалификуваната работна сила и дека таа одлука беше политички и идеолошки мотивирана; дека оданочувањето немаше речиси никаква редистрибутивна улога, бидејќи беше пропорционално, а не прогресивно; дека социјалните трансфери беа значаен извор на приходи и дека се доделуваа според демографски (врз основа на возраста или бројот на деца), а не економски критериуми (како надоместокот за невработеност во капитализмот). И на крајот, дека доход од приватен капитал речиси и немаше, освен имплицитно, преку самовработување, а и тоа беше ограничено на земјоделството (парцели во сопственост на мали земјоделци).
.jpg)
Како што покажуваат наведените примери, логиката на распределбата во социјализмот темелно се разликува од онаа во капитализмот. Покрај тоа, ако се воведе искуството на Културната револуција во Кина, лесно може да се согледа историчноста на нашата денешна организација на производството и распределбата и резултирачката распределба на доходот на домаќинствата. Студентите можат да согледаат дека социјализмот не е само капитализам со пониски стапки на нееднаквост. Тоа е сосема поинаков економски систем во кој распределбата е поинаку организирана. Тоа, верувам, ги проширува нашите видици – дури и ако не поддржуваме таков систем и не веруваме во неговата ефикасност.
Но клучното прашање гласи: Дали има доволно интерес за таков начин на студирање? Не сум сосема сигурен. На некои студенти тоа, верувам, би им се допаднало, бидејќи им помага да сфатат дека она со што инаку се занимаваат е само еден сегмент од различни историски распределбени аранжмани и исходи. Не сме засекогаш осудени на делот од историјата во кој денес живееме. Но некои други студенти ќе речат дека тоа е непотребно или бескорисно. Тие (со право) можат да прашаат, зошто тогаш не ги проучуваме начелата на распределба на доходот во феудализмот или во робовладетелските економии? (Патем, верувам дека и на тоа треба да му се посветат неколку часа.)
Се двоумам меѓу тие два различни пристапи. „Цената“ не е висока: два часа предавање, да или не? Одлуката ја носам од случај до случај. Иако верувам дека во некоја подлабока смисла вториот пристап е подобар, свесен сум дека побарувачката за него е мала. Но останува прашањето, дали ги подучуваме студентите само за да ја задоволиме веќе постојната побарувачка или за да ги прошириме нивните хоризонти и да создадеме нова побарувачка – дури и за нешта за кои нема многу интерес, но за кои веруваме дека се корисни на начини што студентите не можат целосно да ги појмат пред да го слушнат предавањето?
ПС. Мојот актуелен план на настава можете да го погледнете овде.
.jpg)
Карикатури: Oguz Gurel
Извор: https://branko2f7.substack.com/