Сонувајќи (во 12 парчиња)

18.02.2026 11:27
Сонувајќи (во 12 парчиња)

Криејќи се, ползејќи, преземајќи, грешејќи, спорејќи, пелтечејќи, уривајќи, прпелкајќи се, пробивајќи се, сричејќи, брзајќи, сонувајќи.

 

КРИЕЈЌИ СЕ

По скривалишта, облечен во туѓи алишта,
криејќи се, триејќи се
од ѕидовите, риејќи
по подземјата, поземајќи
туѓи презимиња само за да презимам,
ставајќи зад себе резиња,
преземајќи сè
врз себеси, скриен зад завеси,
зад преврски, крварејќи
по ходниците на болниците, кревајќи
врева, газејќи ја тревата,
трескајќи ги вратите
за да не ме вратите, за да не ме
сфатите, за да не ме
фатите


ПОЛЗЕЈЌИ

Ползејќи, низ осои, низ мезозоик,
со мозолчиња, зол,
со кожа полна полжави,
рошав,
оклопен во клопотарец, ѕвечејќи,
влечејќи се, пречејќи,
преправајќи се, не надевајќи се,
ставајќи се
во улога на улогав,
кревајќи се, одлепувајќи се,
полетувајќи
без дозвола
одоздола


ПРЕЗЕМАЈЌИ

Во проби на обичаи, во соби
на пребирачи, во обид
на откривање
на тајните, во крајните
напори на учените,
во разминувањето со жените, во уснените
пораки на невидливите соговорници,
препуштајќи им се
на понорниците, паѓајќи в плен
на злосторниците, не земајќи ништо,
преземајќи ги
сите мерки,
мерејќи
дремејќи

 

ГРЕШЕЈЌИ

Помешечки, грешејќи
во пресметките, решен
на сè, смешен, мешајќи се
во собитијата, во безредијата,
во соѕвездијата, повезден
над хартијата,
пливајќи кон откритијата, кон
устијата, кон змијата,
ставајќи сè на еден влог, богат,
соголен, прогонет,
одгатнувајќи ја темнината,
давајќи ѝ се
потамина
наминат
заминат


СПОРЕЈЌИ

Ослепен, слепен со
столбот, во преплет со
осојот, спорејќи со
осилото, послан
врз солта, отпосле свесен
за последиците,
не следејќи ги
седмиците, гладувајќи
по гледниците, везден
безделничејќи, виличејќи се,
виуличав, натрапничав,
наумничав, ни царувајќи
ни в жар
дувајќи, ни
ум давајќи
сонувајќи.


ПЕЛТЕЧЕЈЌИ

Пелтечејќи, печатејќи
песни во тајни списанија,
влегувајќи во зданија
без влез, кревајќи
неми востанија, оставајќи го
отклучен станот, заклучувајќи го
бранот во езерото, незрел,
заборавајќи на претпазливост,
плетејќи јазли, раздразлив,
заборавајќи на сказни, на
казни, фрлајќи ги
мазните зборови
во празнина

 

УРИВАЈЌИ

Низ кварц, низ вар, низ
варварства, уривајќи ги
царствата, богатствата,
развревен, врел, ѕверски
врескајќи плескајќи се
по градите, млад,
гладен, напаѓајќи, гаѓајќи
со стрелата по еленот,
не погаѓајќи, наоѓајќи
пат зад градот,
раѓајќи се
за пад


ПРПЕЛКАЈЌИ СЕ

Прпелкајќи се, плеткајќи се
во сè и сешто, невешт,
одејќи пеш, решавајќи
тешки прашања, по
раскашавени патишта, кашлајќи,
низ мешаници, низ измешани страници,
низ преместени станици,
во паника, бранејќи се
од гаврани, наврнат,
слегувајќи
од страна
што е
најстрма


ПРОБИВАЈЌИ СЕ

Пробивајќи се, провирајќи се
низ повит, низ овес,
повевајќи се, одвај
соземајќи се, ковејќи
лажни пари, замирајќи
привремено, соземајќи се
во семето, во времето,
во каменот, барајќи го назад
земеното, пленот,
простувајќи го стореното,
заборавајќи го
сеното
во име
на зеленото

 

СРИЧЕЈЌИ

Низ патописи, низ правописи,
низ описи на ракописи,
низ прописи, низ пописи
на мувлата, на дувлата, на
правта, сричејќи, учејќи се
врз паѓањето, врз
распаѓањето, внесувајќи го
шумот во разумот, навидум
послушен, уште
пораспуштен, уште
поразбушавен, пуштајќи го
успешно
глушецот
да ги гризе
зимниците од книгите,
заедно со темнината
неписмена


БРЗАЈЌИ

Врзан, брзајќи, врз
врзопи со ’рж, држејќи
презреани плодови, водејќи
жилави животни, потејќи се,
скротен, секогаш на полпат, голтајќи
сол, полугол, без углед,
гледајќи
само
насон
јасно


СОНУВАЈЌИ

Сонувајќи, втонувајќи во
посивени поплави, оставен
сам под мостови, спрострен
на острила, без крила, жилав,
слегувајќи низ витли,
итајќи, ситен,
сомнителен, користејќи ги
сите сили
за лет
кон пропаста
плодоносна

Слики: Andrew Sendor

Извор: Влада Урошевиќ - Ѕвездена терезија (1973)

 

ОкоБоли главаВицФото