1018 hPa
46 %
19 °C
Скопје - Нед, 12.04.2026 12:59

Најконтроверзен настап на отворањето на Зимските олимписки игри, јавуваат репортерите од миланскиот стадион Џузепе Меаца. Ако го гледавте настапот, можеби сте збунети: раперот Гали излезе пред публиката облечен во бело, опкружен со танчарки и танчари кои со телата обликуваа гулаб на мирот, па со музичка придружба ги изрецитира стиховите на детскиот поет Џани Родари. Стиховите велат: „Постојат нешта што никогаш не треба да се прават, / ни дење, ни ноќе, / ни на море, ни на копно, / на пример војна.“
Велам, можеби сте збунети: војната не е добра, што има тука контроверзно? Тоа што, изгледа, Гали воопшто настапил. Откако пред две години на фестивалот во Сан Ремо од бината повика на запирање на израелскиот геноцид над Палестинците, популарниот рапер е на црната листа на италијанските црнокошулашки кругови. „Пропалестински фанатик“, се запенија во постфашистичката Лига, партија од владејачката коалиција, штом Гали беше вклучен во програмата на отворањето на ЗОИ.
„Не се срамам затоа што не ги делам неговите ставови“, изјави министерот за спорт Андреа Абоди, ветувајќи дека тие ставови „нема да бидат изнесени на олимписката сцена“. А режисерот на преносот, доколку на Гали сепак му падне на ум изнесување извесни ставови, добро внимаваше ѕвездата на отворањето ниту еднаш да не ја прикаже во крупен кадар.
Четири месеци по потпишувањето на израелско-палестинското примирје, блискоисточниот судир продолжува на запад со културни средства. Односот на силите не се променил: знаеме кој и кога смее да каже што и како, како и дека тоа што ќе го каже сигурно нема да биде критика на Израел. За поскептичните меѓу читателките и читателите, еве неколку понови примери.
.jpg)
Прв пример: Ај Вејвеј. Едно од најпознатите имиња на современата светска уметност, кинески дисидент и жесток критичар на тамошната власт, долгогодишна маскота на супериорноста на западните вредности. Откако пред десетина години замина во егзил – населувајќи се прво во Берлин, потоа во Кембриџ и конечно во Португалија – Вејвеј функционира како подвижна потврда на западните слободи. Во Кина го држеа речиси три месеци во притвор, без обвинение; кај нас слободно ги менува адресите. Во Кина му забрануваа изложби; кај нас го угостуваат најпознатите галерии.
Во Кина му го одзедоа пасошот, па му го вратија само за да може засекогаш да замине; кога конечно успеа да замине, дојде, се разбира, кај нас. Пукнатината во ваквиот наратив се отвори кон крајот на минатата година со посетата на Вејвеј на Пекинг, прва по заминувањето од државата во 2015 година. Со себе го поведе синот, ја посети старата мајка, објави неколку фотографии на Инстаграм: сè помина во најдобар ред.
„Кина е во подем“, објасни откако ни се врати, додека „западот се мачи да ја одржи сопствената логика, во многу области го изгуби етичкиот авторитет и се сведе на нешто едвај препознатливо“. Деновиве, пукнатината се шири и излегува од контрола: Вејвеј штотуку објави книшка „За цензурата“ во која западот го нарекува „таканаречен слободен свет“, неговите општества „наводно демократски“, а слободата на говор што западот ја промовира сега според него е подредена на „поскриени, поизмамнички и поразорни“ средства од оние кинеските.
Кога новинарите го замолија да им го разјасни овој пресврт, ги потсети на изложбата што му беше откажана во престижната лондонска Галерија Лисон пред нешто повеќе од две години: единствената причина за забраната беше твит во кој Вејвеј ја критикуваше западната поддршка за Израел.
.jpg)
Втор пример: Нен Голдин. Фотографка, активистка и – на општ ужас на ционистите – Еврејка. Во пошироката јавност малку помалку позната од Вејвеј, но во уметничките кругови многу поценета, уште од фотосериите со кои во осумдесеттите ги документираше субкултурните сцени на американските мегалополиси.
Кога пред две години порталот ArtReview ја постави на првото место на традиционалната листа од 100 највлијателни имиња на светската уметност, тоа во голема мера беше поради нејзината борба против династијата Саклер, самопрогласени филантропи и производители на Оксиконтин, лек што стотици илјади Американци ги одведе во зависност и смрт. Документарецот „All the Beauty and the Bloodshed“ (2022), добитник на Златниот лав во Венеција, е добар приказ на акциите на Голдин од тој период.
Но додека борбата против омразените Саклери беше овековечена со награди и први места, нејзиниот ангажман за правата на Палестинците освен поддршка ѝ донесе откажувања и забрани. Деновиве Уметничката галерија на Онтарио од Торонто ја стопираше набавката на една нејзина понова видеоинсталација поради говорот што го одржа во Берлин пред две години, повикувајќи на запирање на израелскиот геноцид: по расправата во која една членка на комисијата ја спореди Голдин со Лени Рифенштал, четворица кустоси поднесоа оставки, обвинувајќи ја галеријата за цензура.
„Застрашувачки е што цензурата се спроведува токму во врска со Палестина“, прокоментира уметницата, „голем исклучок од западната слобода на говор“. И знаеше за што зборува, бидејќи ни неа, како ни на Вејвеј, ова не ѝ е првпат да наидува на забрани и откажувања поради своите пропалестински ставови.
.png)
Трет пример: Габриел Голијат. Јужноафриканска уметница, добитничка на релевантни меѓународни награди за авторки од помладата генерација, најпозната по перформансот „Елегија“ со кој од 2015 година до денес ги комеморира убиените жени, припаднички на ЛГБТК+ заедницата, припадниците на малцински етнички групи и други масовни жртви на режимски прогони ширум светот. Не е славна како Голдин или Вејвеј, но токму нејзиниот случај се претвори во најголемата јануарска афера на светската уметничка сцена.
Имено, најновата итерација на „Елегија“ требаше да ја претставува Јужна Африка на годинашното Венециско биенале. Меѓутоа, кога дозна дека делото овојпат ќе зборува за десетици илјади жени и деца што израелската армија ги уби во Палестина, министерот за култура Гејтон Мекензи официјално го забрани гостувањето. Веста може да звучи необично – Јужна Африка уште во 2023 година го обвини Израел пред Меѓународниот суд во Хаг за геноцид, воени злосторства и злосторства против човештвото – сè додека не дознавме дека Мекензи во владејачката коалиција доаѓа од десничарскиот Патриотски сојуз и дека единствен во владата застапува заострени произраелски ставови.
Како причина за забраната наведе информација дека владата на една странска држава го финансира перформансот на Голијат и дека сака да го искористи за сопствен политички интерес, но толку слабото обвинување не го поткрепи ни со најмал доказ. Голијат, барем засега, не се откажува: заедно со кустоската на јужноафриканскиот павилјон во Венеција Ингрид Масондо поднесе жалба до Врховниот суд против Мекензиевиот „очигледен и фрапантен обид за замолчување на неистомислениците“.
Три свежи примери на гушење на пропалестинските гласови, три епизоди на ционистичка цензура: четири месеци по потпишувањето на израелско-палестинското примирје, блискоисточниот судир продолжува на запад со културни средства. Што можеби и не би било толку страшно ако не знаеме како во меѓувреме изгледа примирјето. А изгледа приближно вака. Изминативе четири месеци израелската армија уби речиси 600 луѓе во Газа, главно жени и деца.
.png)
Израелската влада ја потврди вкупната бројка од над 72 илјади убиени Палестинки и Палестинци, која глобалните апологети на режимот на Нетанјаху долго ја прогласуваа за претерана. Преживеаните во Газа денес гладуваат, децата не се вакцинирани, мнозинството од населението е без дом, а израелските сили низ хуманитарните коридори пропуштаат само мал број од оние што се обидуваат да побегнат. На Западниот Брег, каде што Хамас не е на власт, израелските доселеници ја присвојуваат палестинската земја благодарение на одлуката на владата која, игнорирајќи го меѓународното право и и онака изопачениот мировен план на Трамп, им овозможува тоа да го прават полесно од кога било досега.
Безалел Смотрич, еден од поекстремните министри во таа влада, ноншалантно заклучува: „Ги зацврстуваме нашите корени во сите делови на израелската земја и ја погребуваме идејата за палестинска држава.“ Така, накратко, изгледа денешното примирје.
Западот во меѓувреме е зафатен со поинакви вести. Палестина веќе не е толку интересна: преокупирани сме со Епстин, Гренланд, патувачкиот циркус на Трамп. А да, и со Зимските олимписки игри. На кои ционистичката цензура се погрижи да не ги слушнеме ставовите на раперот Гали, како што претходно се погрижи за Вејвеј, Голдин, Голијат и многу други.
А доколку ве изненади веста за „најконтроверзниот настап“ на отворањето на ЗОИ од почетокот на нашата приказна, можеби тоа е затоа што единствената вистинска контроверза на Олимписките игри е што Израел воопшто настапува на нив. За среќа, оние што ги цензурираат уметниците не можат да ја цензурираат и публиката: салвите свирежи што за првпат во историјата ја пречекаа израелската репрезентација на отворањето на Олимпијадата кажаа доволно. И го кажаа сето она што на уметниците не им беше дозволено.
.png)
Карикатури: Zez Vaz
Извор: https://www.portalnovosti.com/