Монолози од Газа (извадоци)

20.02.2026 13:51
Монолози од Газа (извадоци)

 

Јасмин Џарур

13.11.2024

 

Годишните времиња поминаа, а ние не го искусивме она по што ни се препознатливи. Зиме не јадевме портокали, ниту, пак, си купивме кочан печена пченка на пристаништето на лето. Дури и маслинките останаа ненабрани; нив ги притиснаа вземи тенковските гасеници. Земјата не процвета на гробот на мајка ми, бидејќи пролетта од страв се скри и беше закопана под урнатините.

„Сите се добро, не се секирај. Ги извлековме живи. Сега се во училиштетото во шелтерот. Смири се, само Салман, Наџах, маж ѝ Махмуд, нивниот син Луај, нивните ќерки Варда, Асил, синовите Анас, Бакр, Абу Анас, Абу Џалал, Ум Џалал, Ахмад, неговото синче Усама, Али, Абу Хасан, Хасан, Закија, Манал и нејзиното синче Амир се издигнаа како маченици.“

„Сите се добро“ – лага за да ги потсмирам жената на Салман, децата на Наџах и Махмуд, родителите на Анас и…

Ќешки да беа добро. Но, од под урнатините излегоа на делови, закопани во привремени гробови. Да, привремени гробови!

Изненадени сте?

Да објаснам: не можеме да појдеме на гробишта за да ги погребаме. Луѓе се погребуваат во училишни дворови, болнички градини, по улични ќошиња, низ сокаци.

Ќе ги откопаме кога на опресијата и темнината ќе им дојде крајот. Ќе ги извадиме од земјата и ќе ги обновиме јадот од нашата разделба, тагата во нашите срца и смртта на нашата пуста надеж дека ќе се вратат и повторно ќе ги видиме. Камо да можеше болката да престане со нивното заминување и да си продолжи понатаму.

И после што?

Гладни на север, жедни на југ, прогонети без засолниште, стварност како ниедна друга:
Раштркани ваму-таму.
Нема сигурност, нема мир.
Раселени насекаде.

Колку долго ќе трае ова?

Не е ли возможна промена?

И после што?

Ќе продолжиме ли секоја ноќ да легнуваме врз перниците натежнати од бреме, исфлекани со мрачни грижи и кошмари што ги сониме јаве?

И после што?

Не е ли возможна промена или е трајноста неизбежна?

Се превртуваме меѓу горки вистини, заглавени од мисли што не нè оставаат намира, обременети со тежината на денот и ноќта.

О водачи, душите ни остареа, а мирисот на нашата младост испари. Лицата ни станаа бледи и загрижени.

Пред Бога се молиме за нашата беда и очај.

Пред Бога се жалиме за нашата слабост и умор.

Пред Бога крикнуваме против тиранијата и неправдата.

Нему му ги предаваме нашите грижи и нивните исходи.

И после што?

Срцето веќе не сака да ми живее; неговите желби згаснаа. Копнееме само по тоа да се крене маглата, да ја видиме скриената светлина од која очите ќе нè печат поради нејзиното долго отсуство – подолго од година. Душата ќе нè боли од она што ќе го видиме тогаш.

Секој од нас во себе носи приказна што е преголема за да ја збере на страниците на книжевноста, приказна за тоа како живеевме, што видовме и како преживеавме. На секој од нас животот му се преврте наопаку. Но, војната ќе заврши и деновите одново ќе нè спојат – ако дотогаш не заминеме како маченици. Ова е вистината на нашата верба во Бога и непоколебливоста на нашите уверувања.

***

 

Али Абу Јасин

8.11.2024

 

Мислам дека тоа беше првпат да се чуе уд во бегалскиот камп „Ал-Шати“. Имав 13 години. Кога сакав да го носам удот некаде надвор од дома, ќе си го завиткав во ќебе – го добивме од УНРВА со зимската хуманитарна помош која вклучуваше облека и ќебиња – и имав чувство како да кријам труп.

Удот го купив работејќи на нашиот имот во окупираниот предел кога имав само 13 години, од заштедата. Памтам дека тогаш чинеше 200 јордански динари. Се разбира, првпат почнав да работам кога имав 10 години.

Кога избувна војната на 7. октомври 2023 година, избегавме од бегалскиот камп Ал-Шати во Деир ал-Балах на 11. октомври. Со нас понесовме само преслека, мислејќи дека ќе останеме само неколку дена, најмногу една недела и потоа ќе се вратиме. Затоа и си го оставив удот врз шкафот, а под него ставив еден куп алишта за да не се оштети од вибрациите од бомбардирањето. Се уверив дека е на сигурно и заминав. Удот беше последното нешто што го видов пред да ја напуштам куќата. Никогаш не си ни помислив, исто како и секој друг што побегна на југот на Газа, дека војната ќе трае олку долго. Во егзил сум веќе 400 дена – 13 месеци. Не можам да поднесам што сум толку далеку од мојот уд. Сега за првпат се случува да немам засвирено или запеeно толку долго! 400 дена и повеќето ги поминав плачејќи, поради загубата на семејството, пријателите, соседите, децата и поради сцените со луѓето на улица. Сè во врска со војната те тера да плачеш – не, те тера да полудиш.

Често гледам луѓе кои талкаат бесцелно, го губат паметот, полудуваат. Вистината е дека веќе не знам кој е полуд: ние или светот кој гледа што се случува и молчи, не се крева на нозе додека цела една земја се брише пред неговите очи? Не сакам да зборувам само за војната и за нашата ситуација, си ги сакам назад мојот уд и мојот глас за да можат да пеам. Често сонувам дека свирам на него и кога ќе отворам очи, гледам дека прстите ми се движат како да свират по неговите жици. Вратете ми ги удот и гласот!

Уште една трагедија е што во изминатите 35 години ниеднаш не сум ја напуштил сцената – било како глумец, режисер, автор или тренер. Никогаш не престанав да работам во театар. Сите тие години работев без престан. Како е можно да немам настапено веќе 400 дена? Не сум стапнал на сцена! Театарот ми е втор дом – повеќе време имам поминато таму, отколку дома со семејството. Вратете ми ја сцената! Знам дека Израел ги бомбардираше и ги уништи сите театри. Само сопрете ја војната и ќе настапуваме и на улица! Не ни треба ни бина, ни звук, ни светла, ни декорации. Само оставете ме мене, публиката и улицата. Знам дека окупаторот ги уништи и улиците, но нема да нè порази. Ќе најдеме покрив, некој што ветрот го однел и што не се разрушил. Ќе се качиме најгоре и ќе ја изведеме нашата претстава додека луѓе нè гледаат од околните руини. Во оваа изведба мојот уд ќе ме придружува како замена за музиката и за сите други потребни елементи. Одлична идеја, нели?

Ако војната заврши и јас преживеам, ете што ќе сторам. Односно, ако можам да го најдам удот на неговото место врз шкафот. И ако воопшто го најдам шкафот, бидејќи горниот кат од куќата ми е уништен. Ова го видов во видеото од мојата куќа што ми го испрати другар ми – станот на син ми Амџад, што си го опреми за да се ожени и да живее таму, беше целосно уништен.

Да се вратам на темата: сигурен сум дека претставата ќе привлече медиуми – театар, уништување и публика составена од деца, жени, млади и стари – прекрасен коктел, каква глетка! Публиката може да седи како сака – или да стои. Имаат многу опции – скршен столб, уништен детски кревет, превртен и искривен лонец за готвење или напукната пенушка. Важно е само оваа војна да сопре и да се вратам дома. Никогаш не сум бил надвор од дома подолго од три месеца. Ова не можам да го поднесам. Вратете ме во мојата библиотека, во мојот свет, во мојот театар, кај мојот уд, пред мојата публика. Ми недостасуваат, си недостасувам и самиот себеси. 400 дена сум изгубен. Вратете ме каде што припаѓам. Заборавив кој сум. Ќе заврши ли некогаш оваа војна или што?

Настанот „Монолози од Газа“ ќе се одржи во понеделник на 23 февруари во 19 часот на Академската сцена на ФДУ.

Карикатури: Ahmad Qaddura