1011 hPa
81 %
4 °C
Скопје - Нед, 15.03.2026 07:59

Последниве неколку години се меѓу најлошите не само во седумнаесетгодишното постоењето на порталот Окно, туку и во триесетипетгодишното постоење на Темплум (чиј дел е Окно). Окно го уредуваме волонтерски веќе неколку години, а и Темплум е тука некаде. Всушност, целата сериозна македонска културна продукција, комплетно со медиумите, е тука некаде — на пат кон провалија. Главната причини за тој пад се катастрофалните културни политики што се водат во земјава. Катастрофални не само зашто се коруптивни, клиентелистички и неодговорни, туку затоа што се самоубиствени за целото општество (не само за културниот сектор, кој ионака е мал и невидлив за повеќето граѓани на земјава; патем, тие граѓани имат најниски културни потреби во цела Европа — така што се апсолутно невозможни било какви концепти за „оджливост“ и комерцијализација).
Руинирани се институциите замислени да ги создаваат, поттикнуваат и чуваат повисоките културни стандарди. Кога велиме институции подразбираме таму, меѓу другото, присуство на компетентни луѓе кои посветено и одговорно го унапредуваат целото поле на културата. Таквите луѓе речиси ги нема во институциите. Малобројните компетентни се под дополнителен удар на некадарното мнозинство, партиската зомби армија, така што институциите жестоко се руинираат и „однадвор“ (структурно, концепциски, преку осиромашување и немање автономија и интегритет) и „однатре“ (преку уништување на луѓето).
Независниот културен сектор, кон кој на некој начин припаѓам, е разнишан уште подлабоко зашто е покревок и послаб од руинираните институции. Тоа значи дека „независните културни работници“ немаат никакви пари, дури ни за здравствено и пензиско осигурување. За некаква инфраструктура или најобичен простор за јавно делување (макар и субстандарден!) - нема ни збор. Иако „независниот сектор“ во демократиите е замислен како суптилна противтежа на „институционалната култура“ (рамнотежа која би требало да обезбеди плуралност и хетерогеност на гласовите и погледите), кај нас тој сектор никогаш немал упориште во официјалните политики. Всушност, постоењето на целата невладина општествена сфера е пред згаснување, особено со драматичното намалување на странските фондови.
Нејсе. Уводов требаше да биде пократок, но неопходен е, сепак, оти го објаснува контекстот на проектот Дисензус, со кој ќе живуркаме годинава, скромно поддржани од швајцарскиот „Хартефакт фонд“. Тој проект („Дисензус: поетики и политики на несогласувањето“) ги спојува книжевниот фестивал Друга приказна, порталот за култура Окно и читачкиот клуб/подкаст Одрадек. Преку поинаквото промислување на полето на културата создаваме и поинакви концепти за културна продукција, спојувајќи различни медиуми.

Концептот „дисензус“ потекнува од современиот француски филозоф Жак Рансиер. Тој не подразбира обично несогласување или дебата, туку е „пукнатина во начинот на кој ја гледаме стварноста“, во тоа кој има право да зборува, кој да биде слушнат и што воопшто се смета за политичко или уметничко прашање. Општествениот поредок утврдува кои гласови, облици, простори, теми... се видливи, присутни, дозволени во јавниот простор. Концептот дисензус го нарушува тој поредок. Кога „невидливите“ стануваат видливи во општеството — тоа е чин на дисензус.
Спојуваме три платформи / медиуми со цел да поттикнеме, создадаме и архивираме премолчени, стигматизирани или занемарени уметнички практики, отворајќи простор за поинакви гласови, погледи, форми и перцепции.
Сметаме дека уметноста треба да создава „светови на можности“ – нови односи меѓу телата, местата и зборовите. Уметноста не ја „претставува реалноста“, туку ја редефинира границата меѓу реалното и можното.
Вистински политично е делото што создава неочекуван простор за мислење и себепозиционирање. Вистински политично е делото што го нарушува поредокот кој наложува што може и треба да се гледа, слуша кажува, чувствува, поредокот кој ја определува „политичноста“ на светот.
Кај Рансиер уметноста е политичка по својата перцептивна структура. Тоа значи: делото станува ангажирано не оти има политичка порака, туку зашто ја менува „архитектурата на видливото“ – што и кого можеме да видиме, слушнеме, разбереме.
Во уметноста делото не треба да биде пропагандно; доволно е да го направи видливо она што обично е скриено, или да го покаже познатото на неочекуван начин. Уметноста е политичка оти создава нов начин на гледање, слушање и чувствување.
Ете, тоа е идејната, концептуална рамка на проектот Дисензус. На Окно ќе објавуваме прилози поврзани со таа идеја, ќе одработиме дванаесет „Одрадеци“ (разговори во читачкиот клуб Одрадек), а во септември целиот проект ќе го претставиме и на книжевниот фестивал „Друга приказна“.
Проектот ќе се реализира во Скопје и во неколку други градови преку гостување на читачкиот клуб Одрадек, промоции на книги и слично.
Логото „Дисензус“ го направи графичкото студио „Кома“.

Проектот „Дисензус“ е активност поддржана во рамки на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој се имплементира од Хартефакт Фонд.
Содржината/изразените мислења никогаш не може да се толкуваат како ставови на Владата на Швајцарија и Хартефакт Фонд.
.jpg)