Триесет слики од Хенри Дарџер

23.02.26 00:29

Хенри Џозеф Дарџер помладиот (Henry Darger, 12 април 1892 – 13 април 1973) бил американски чистач и болнички работник кој посмртно станал познат по огромното и извонредно уметничко и литературно творештво.

Пораснал во Чикаго, со својот татко со попреченост. Бил проблематично дете и во 1904 година бил испратен во детски дом во Линколн, Илинои, официјално поради мастурбација. Неколку пати се обидел да избега од домот после смртта на таткото во 1908 година. Во 1910 година успеал да избега, пешачејќи го патот до Чикаго. Како возрасен работел слабо платени работи во неколку болници. Кратко служел и во Американската војска за време на Првата светска војна. Поголемиот дел од животот го поминал во сиромаштија. Живеел сам и осамен, во еднособен стан. Како побожен католик Дарџер одел на миса секој ден и собирал религиозни сувенири. По пензионирањето во 1963 година поради хронична болка, кон крајот на 1972 година, кратко пред неговата смрт, бил преместен во добротворен дом за стари лица. После преселбата во дом сопствениците на станот Киоко и Натан Лернер ги откриле уметничките дела и текстови кои Дарџер ги чувал во тајност со децении.

Од почетокот на 1910-тите до крајот на 1930-тите, Дарџер напишал роман од 15.145 страници, In The Realms of the Unreal, „за бунтот на децата-робови на фантастичната планета“. Сестрите Вивијан, седумте принцези од Абијанија, се борат во име на христијанските нации против поробувачите Гланделијанци. Инспириран од Американската граѓанска војна и приказните за маченици, романот содржи долги, морничави описи на битки, од кои некои завршуваат со масовно убивање на децата-бунтовници. Меѓу 1912 и 1925 година Дарџер создавал колажи, лабаво поврзани со книгата. Подоцна направил и акварели и фоткопирани страници земени од популарни извори, списанија и детски книги. Сликите со текот на времето станале посложени, а некои од неговите најголеми дела надминуваат три метри во должина. Малите девојчиња, често во борба, се негов примарен фокус; од непознати причини тие често се прикажани голи и со машки гениталии. (Повеќе за лудилото на Дарџер овде.)

Подоцна го напишал и незавршеното продолжение од приближно 8.000 страници на In The Realms of the Unreal, насловено Further Adventures of the Vivian Girls in Chicago, повеќедецениски дневник, и The History of My Life, автобиографијата од 206 страници, проследена со неколку илјади страници за разорното дејство на фиктивното торнадо во Илинои.

Дарџер не се обидел да го објави своето дело, а тоа било непознато сè до пред неговата смрт. Тој често се поврзува со таканаречената маргинална (или аутсајдерска или интуитивна) уметност, создавана од самоуки творци надвор од препознатливата уметничка заедница. Уметноста на Дарџер била препознаеана и спасена од неговите станодавачи, а сега е претставена во најугледните музејски колекции во светот. Најголемата негова колекција е во American Folk Art Museum во Њујорк и во Intuit Art Museum во Чикаго. Цените на неговите дела денес достигнуваат и милионски суми.