Паничен театар

23.02.2026 10:42

Бесни пци јурат низ фабрика за стакло!
Некакви несмасни тела се струполуваат во мракот!

Прскаат шишиња што грозните челусти ги дробат!
Балерините врескаат, заклучени во гардеробата!

Во насликаната шума одекнуваат лажни грмотевици!
Како риби на суво отвораат уста оперските певици!

Никаква фабрика не постои, сè е тоа театар!
Секретарот: „Артистите седум месеци не добиле плата!“

Во реквизитата се најдени две леви женски нозе!
Управникот имал љубовник: шоферот што го возел!

Претрчуваат диригенти преоблечени во просјаци!
Чувајте се! Врз стаклата се нафрлаат злобните волчјаци!

Тој звук на дробење! Од него целиот оркестар трепери!
Тој звук! Од него се ежават дури и возачите на шлепери!

Помеѓу првиот и вториот балкон има неистражени простори!
Во секоја ложа се крие по еден злосторник!

Велат дека под театарот имало катакомби!
Таму од војната останало цело складиште бомби!

По весниците пуштаат премногу вести за катастрофи!
Некој од сето тоа сака да извлече профит!

Инспициентот: „Текстот на драмата никој не го видел!“
Драматургот: „Карактерот на сите ликови е наполно суициден!“

Но кучиња, тие кучиња, кој ги пуштил тука?
Цевките од парното по ѕидовите пукаат!

Публиката е предупредена дека претстои поплава!
Сè се руши! Кој тоа после ќе го поправa?

Во бифето тревожно пиштат зовриените чајници!
По покривот шетаат безумни очајници!

Тоа е крв! Не – црвило секаде истуриле шминкери!
Кој ги испил сите тие шишиња со ликери?

Низ ходниците се шири реа на стаорци скапани!
Какви пораки пренесуваат тие подземни тапани?

„Фабрика за стакло“ требало да се вика драмата.
Но неа ја напишал некој обичен праматар!

Во ракописот на драмата имало само бели страници!
Статистите вадат оружје и се прогласуваат за востаници!

„Бегајте, бегајте, ова не е игра“ – предупредува некој.
Критичарот: „Ова ќе биде претстава на векот!“

Режисерот ќе биде фатен и публиката ќе му суди!
Правниот советник: „Но што ако артистите се докажано луди!“

Сите: „Запрете го авторот, тој се подбива со нас!“
Низ сцената јурат пожарникарски коли, звонат алармните ѕвона!
 

Слични содржини

нема
Секој ден песна
нема
Секој ден песна
нема
Секој ден песна
нема
Секој ден песна
нема
Секој ден песна
нема
Секој ден песна
нема
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото