Хенри Дарџер: Менталните болести и маргиналната уметност

23.02.2026 14:13
Хенри Дарџер: Менталните болести и маргиналната уметност

 

Во април 1973 година, сам, без пари и навидум заборавен, 81-годишен маж починал во дом за стари лица во Чикаго.

Не се знаело многу за човекот кој собирал огромни количества отпад и зборувал со мноштво гласови зад вратата на својата изнајмена соба, но набргу по неговата смрт, Хенри Дарџер ќе стане еден од најпознатите и најславени аутсајдерски уметници на 20-иот век.

Целиот свој живот го поминал работејќи како болнички хигиеничар и, според сите сведоштва, бил срамежлив, повлечен и ексцентричен лик кој, и покрај своите необичности, бил сакан од оние што го познавале.

Сепак, во месеците пред неговата смрт, неговите станодавци, Натаниел (Натан) и Киоко Лернер, откриле низа густо испишани томови, албуми, листови, дневници и тетратки, од кои голем дел опишувале сложен фантастичен роман на кој Дарџер работел уште од 1910 година, внесувајќи се во свет исполнет со војни, детско ропство и детска слобода.

In the Realms of the Unreal (целото име е The Story of the Vivian Girls in What Is Known as the Realms of the Unreal, of the Glandeco-Angelinian War Storm, Caused by the Child Slave Rebellion), оттогаш стана едно од најславните дела на маргиналната уметност и по смртта на Дарџер беше изложуван ширум светот. (повеќе слики на Дарџер овде.)



Маргиналната уметност се дефинира како уметност создадена од самоуки поединци со мал или никаков контакт со „официјалниот“ уметнички свет. Инспирацијата на Дарџер, низ целиот живот, лежела во неговото детство, обележано со загуби и тешкотии. Неговата желба да ги заштити децата, и во неговото дело и во реалниот живот, го покажува степенот до кој ги замаглувал границите меѓу реалноста во која живеел и онаа што ја создавал.

Хенри Дарџер создал сопствен имагинарен универзум, со сопствена историја, јазици, нации, раси и географија. Замислил бројни ликови, некои инспирирани од реалниот живот, заедно со нивните предистории, односи и верувања.

Создал многубројни страници со илустрации, колажи и слики што ги прикажуваат настаните од In the Realms of the Unreal, опишувајќи ја војната меѓу ослободените деца-робови и измислената раса на Гланделинијците. Во современата психологија терминот „паракосмос“ се користи за да се опише ваквото однесување, при кое поединецот има интензивна и испреплетена врска со својата креација.

Покрај нискоквалификуваната болничка работа, Дарџер го минувал времето сам, собирајќи предмети низ градот, од контејнери и тротоари. Многу од работите што ги натрупувал — фотографии, исечоци од весници и детски илустрации — подоцна ги користел како инспирација и материјал за In the Realms of the Unreal.



„Ја видов неговата соба“ се присетува Киоко. „Од вратата до местото каде што работеше на долга маса имаше само тесен премин од околу триесет сантиметри; остатокот од собата беше покриен со работи. Никогаш не била исчистена; тој не готвеше и не јадеше таму, па немаше инсекти, расипана храна или непријатни мириси.“

Поради неговото влошено здравје, Киоко му помагала на Дарџер со задачи како менување сијалици, што ѝ овозможувало краток и привилегиран пристап до неговата соба. Иако му биле станодавачи, сопругот на Киоко, Натан, инсистирал да го остават Хенри на мир, велејќи: „Никому не му штети, затоа оставете го раат.“

И покрај честите контакти со Дарџер, Киоко и нејзиниот сопруг ретко успевале да го натераат да разговара со нив. „Никогаш не разговаравме ниту водевме вистински дијалог,“ вели Киоко. „Никогаш не ни одговараше директно, но го сакаше нашето куче. Освен тоа, ако му се обраќавте, најчесто одговараше со нешто сосема друго, никогаш не ве гледаше во очи и секогаш зборуваше за времето.“

Претпоставка е дека Дарџер страдал од проблеми со менталното здравје или од социјално нарушување, што ја попречувало неговата интеракција со луѓето околу него. Со поефикасна и поструктурирана ментална здравствена грижа и поголема одговорност на околината, тешкиот живот веројатно ќе му бил полесен.

Во текот на 20-иот век нарушувањата како Аспергеров синдром и аутизам не биле препознаени ни доволно истражени, а институционалните установи за грижа или не постоеле или биле сурови и застарени реликти од 19-иот век.

Детали од животот на Дарџер — неговото репетитивно однесување, фиксацијата на одредени предмети и намалената способност или желба за социјална интеракција — покажуваат впечатливи сличности со дијагнозата Аспергеров синдром, нарушување кое можеби било дополнително влошено од траумите што најверојатно ги доживеал уште од рана возраст.

„Никогаш не разговаравме ниту водевме дијалог. Како станодавачка, се грижев за неговите потреби кога му требаше нешто, исто како Натан“, вели Киоко за Дарџер. „Тој немаше блиски пријатели. Единствениот за кого знаеме дека го нарекуваше пријател беше човекот по име Вилијам Шлoдер, но освен Вилијам немаше никој друг.“



За да се разбере контекстот и причинско-последичната врска зад делото на Дарџер, разговаравме со истражувачот на Дарџер и експерт за маргиналната уметност Мајкл Бонстил (Michael Bonesteel), кој пишувал и одржувал предавања за неговото творештво откако го открил за време на престојот во Madison Art Center во Висконсин.

„Според мене, неговите уметнички достигнувања ги надминуваат дефинициите на маргиналната уметност и, во таа смисла, и самата уметност“, вели Бонстил. „Тој со децении со полно работно време градел свет, а границата меѓу неговиот реален живот и In the Realms of the Unreal е флуидна. Влегувал во својот роман низ различни ликови и играл улоги што ги одразувале неговите реални грижи.“

„Долго време мислам дека Дарџер мечтаел за ’Рилмите’ додека ги извршувал своите дневни работи, а навечер работел на нив. Неговото мечтаење можеби започнало во тинејџерските години во институцијата Lincoln Asylum for Feeble-Minded Children, или дури и порано. На еден или друг начин, верувам дека веројатно поминувал повеќе време потопен во ’Рилмите’ отколку во ‘вистинскиот’ свет.“

Кога имал четири години, неговата мајка починала при породување, оставајќи го младиот Хенри на грижа кај неговиот татко, Хенри Дарџер Постариот. До 1900 година татко му веќе не можел да се грижи за него поради физичка немоќ, па Дарџер помладиот бил сместен во сиропиталиште во Чикаго.



На дванаесетгодишна возраст Дарџер бил испратен во институција за „деца со ментални потешкотии“, со наведената причина „самозлоупотреба“, еуфемизам за мастурбација. Според сведоштвата, Дарџер бил исклучително интелигентно дете, но покажувал и необични однесувања, како чудни звуци и нарушувачки навики. Токму во годините поминати во оваа установа се претпоставува дека Дарџер можеби бил жртва на сексуална и физичка злоупотреба, иако тоа никогаш не било потврдено.

Злоупотребата и малтретирањето биле честа појава во ваквите институции во раниот 20-ти век, а Линколн азилот имал особено лоша репутација. Бонстил наведува: „Со оглед на статистиките за институционалното згрижување во раниот 20-ти век, многу е веројатно дека бил физички, емоционално и/или сексуално злоупотребуван. Сепак, нема конкретен доказ за тоа. Но, загубата на мајка му и сестра му на четиригодишна возраст, како и напуштањето од татко му на дванаесет години, сами по себе се доволни за да ја објаснат траумата што ја доживеал.“

По смртта на неговиот татко кога имал 17 години, Дарџер започнал серија обиди за бегство; третиот бил успешен и резултирал со негово враќање во Чикаго, каде што во наредните години работел како болнички хигиеничар и мијач на садови.

Следните 50 години од животот Дарџер живеел во истото маало во Чикаго, освен краткиот период кога бил регрутиран во Американската армија во 1917 година, при крајот на Првата светска војна. Брзо бил отпуштен од војската и станал повлечена и осамена личност.



Неговиот станодавач во 1930-тите, полицискиот капетан Валтер Гер, сметал дека е трауматизиран и „шокиран од војната“. „Капетан Гер не бил вознемирен од понекогаш морбидните слики и едноставно мислел дека Дарџер страда од последици од војната“, вели Бонстил. „На крајот на краиштата, тоа би објаснило зошто од година во година го носел истиот стар воен капут; оти бил повлечен осаменик; и зошто не ѝ дозволувал на Мери Кетрин (ќерката на Гер) или на нејзиниот брат да му пребаруваат низ собата и да ги допираат неговите работи.“

Како исклучително повлечена личност, Дарџер за време на својот живот не споделувал детали за своето пишување или уметност со никого. Единствените кратки увиди во неговото дело доаѓале од тајните влегувања во неговата соба од страна на децата на Гер или од кусите интеракции меѓу него и неговите станодавачи и соседи.

Познато е дека имал само еден близок пријател — човек по име Вилијам Шлодер — кого Дарџер го вклучил во своето дело како фиктивен лик, но дури и Вилијам можеби не бил запознаен со деталите на In the Realms of the Unreal.

„Долго време се сомневам дека Дарџер можеби му читал делови од својот роман ‘Realms’ на својот единствен близок пријател Вилијам Шлодер, но тоа е само претпоставка“, вели Бонстил. „Малку е веројатно дека Дарџер би ги споделил своите ракописи со светот до крајот на животот.“

„Мојата теорија е дека се срамел што му се заканувал на Бога поради загубата на своите ракописи и фотографијата на Елси Парубек (девојче, жртва на убиство, кое Дарџер го овековечил во своето дело), како и поради тоа што не успеал да посвои дете. Поради тие загуби, тој го продолжувал крвопролевањето во своите ’Рилми% со децении. Нема подобро објаснување од ова за фактот дека во неговата полуавтобиографска History of My Life ниту еднаш не го спомнува пишувањето на Realms — иако тоа му го окупирало животот повеќе од четврт век.“

Приказната и тематиката на In the Realms of the Unreal укажуваат дека траумите од неговиот сопствен живот одиграле клучна улога во настанувањето на делото. Графичката природа на некои сцени — егзекуции, мачења и воени призори — го прикажува насилството во самата приказна, но и внатрешната болка што ја носел во себе.

„Неговата уметност е универзално признаена и ценета, иако неговите највознемирувачки слики на мачени, задавени и распарчени деца биле осудувани поради нивната експлицитна насилност“, вели Мајкл Бонстил.

Развојот на Realms of The Unreal, особено ликовите и приказната, драматично се менувале во согласност со осцилациите на неговата емоционална состојба и неговиот гнев кон сопствената реалност. За Дарџер религијата била суштински дел од животот, па кога неговата вера била ставена на искушение, судбините на неговите ликови често виселе на конец — сè додека неговата вознемиреност не се смирела и спокојот повторно не се врател на страниците на делото.

Постои серија записи со наслов Prediction and Threat, кои откриваат многу и првпат се појавуваат како негов личен дневник; двапати се репродуцирани и во романот. Прогласот на Дарџер е недвосмислен и бескомпромисен кога пишува за судбината на христијаните во својот магнум опус:

„Нема да биде покажана никаква милост. Непријател сум на христијанската кауза и со целото срце посакувам нивните армии да бидат уништени, и ќе се погрижам војната да ја добијат Гланделинијците. Последици од премногу неправедни судења. Нема да ги поднесам под никакви услови, дури и по цена да ја изгубам сопствената душа или да предизвикам загуба на многу други, и одмазда ќе биде извршена ако продолжат понатамошните искушенија. Бог е премногу суров кон мене. Нема веќе да го поднесам тоа за никого.“

Делото на Хенри Дарџер денес се изложува ширум светот, а низа проучувачи и историчари на уметноста го сметаат за еден од најголемите автори на маргиналната уметност. Неговите дела се строго лиценцирани и ретко достапни надвор од тековните изложби.

Како и Дарџер, многу други маргинални уметници страдале од злоупотреба, траума или ментални нарушувања во текот на животот. Поединци како Вилијам Ван Генк (Willem Van Genk) или Пјер Вуитон (Pierre Vuitton) ги вклучувале во своето творештво елементите од своето минато, траумите и фрустрацијата од светот околу нив — иако без изолацијата и повлеченоста кои овозможиле делото на Дарџер да биде скриено толку многу години.

Со зголемената свесност за менталното здравје во општеството, личности како Дарџер денес би можеле полесно да напредуваат во креативните уметности, со соодветна поддршка. Дури и оние што страдаат од потешки социјални нарушувања можат да пронајдат стабилност и чувство на сигурност — што е огромна разлика во однос на ужасните услови во старите азили и санаториуми.

Настаните како World Mental Health Day се поддржуваат преку социјалните мрежи, телевизија и јавни собири, а поддршката на работното место и ангажманот во заедницата стануваат сè поважни во многу земји ширум светот.

Не може со сигурност да се каже дали делото на Дарџер навистина би било поинакво ако имал конкретна институционална поддршка, ниту дали тој воопшто би сакал таква поддршка. Веројатно траумите од детството биле предлабоко врежани во неговата свест за да му дозволат да избега од страниците на Realms of The Unreal на подолг временски период.

Неговиот живот бил тежок и осамен, исполнет со болка, страдање и занемарување. Но денес и во иднина Хенри Дарџер ќе биде запаметен и славен како великан на маргиналната уметност — и никогаш нема да биде дозволено да потоне во заборав.



Слики: Henry Darger

Избор и превод: Тим Дисензус

Извор: George Janes - Henry Darger: Mental illness and outsider art (Artefact magazine, 2019)



Проектот „Дисензус“ е активност поддржана во рамки на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој се имплементира од Хартефакт Фонд.
Содржината/изразените мислења никогаш не може да се толкуваат како ставови на Владата на Швајцарија и Хартефакт Фонд.

Слични содржини

Уметност / Историја
Општество / Психологија / Живот / Теорија / Историја
Уметност / Теорија / Историја
Општество / Активизам / Култура

ОкоБоли главаВицФото