Загадувањето на воздухот го зголемува ризикот од развој на Алцхајмерова болест

24.02.2026 13:46
Загадувањето на воздухот го зголемува ризикот од развој на Алцхајмерова болест

Изложеноста на загадување на воздухот го зголемува ризикот од развој на Алцхајмерова болест, покажува нова голема студија од Универзитетот Емори во Атланта.

Како дегенеративно мозочно нарушување, Алцхајмеровата болест се поврзува со средната и подоцнежната животна доба и опфаќа широк спектар симптоми: доведува до постепено и неповратно губење на меморијата, говорот, свеста за времето и просторот и во крајната фаза дури и на способноста за самостоен живот. Алцхајмеровата болест погодува околу 57 милиони луѓе ширум светот и се смета за водечка причина за деменција, на која ѝ се припишуваат 60–70 проценти од случаите на оваа болест.

Загадувањето на воздухот, но и честите придружни состојби како мозочен удар, покачен крвен притисок и депресија и претходно беа препознаени како фактори на ризик за развој на Алцхајмерова болест.

Сепак, не беше јасно дали загадувањето на воздухот придонесува за развој на деменција индиректно – преку тие заболувања – или, од друга страна, има директно влијание врз мозокот.

Истражувачите од САД сега ја расветлија оваа сложена врска.

Студија на речиси 28 милиони постари лица

Во периодот од 2000 до 2018 година, тимот предводен од истражувачката Јанлинг Денг анализирал податоци од повеќе од 27,8 милиони корисници на американскиот систем Медикер постари од 65 години.

Истражувачите ги споредувале нивоата на долгорочна изложеност на фини честички во воздухот (PM 2,5) со појавата на Алцхајмеровата болест, земајќи го предвид присуството на други хронични состојби.

Резултатите покажале дека поголемата изложеност на фини суспендирани честички е поврзана со зголемен ризик од Алцхајмерова болест. Таа врска била малку поизразена кај лицата кои претходно претрпеле мозочен удар.

Од друга страна, хипертензијата и депресијата не го засилувале значително негативниот ефект на загадувањето на воздухот врз ризикот од деменција.

Едноставно кажано, наодите сугерираат дека загадувањето на воздухот придонесува за развој на Алцхајмер пред сè со директно дејствување врз мозокот, а не индиректно преку други хронични состојби.

Сепак, лицата кои имале мозочен удар би можеле да бидат особено чувствителни на штетните ефекти од загадениот воздух.

Тоа укажува на клучна врска помеѓу факторите на животната средина и васкуларното здравје, нагласуваат авторите.

Зошто честичките PM 2,5 се опасни?

Честичките PM 2,5 се микроскопски честички со пречник помал од 2,5 микрометри кои настануваат при согорување на фосилни горива, во сообраќајот, индустријата и греењето. Поради својата големина можат да навлезат преку белите дробови во крвотокот.

Иако ситни и незабележливи, тие имаат многу мерливо влијание врз здравјето.

Краткотрајната изложеност на загадување на воздухот предизвикува иритација на дишните патишта, кашлица и напади на астма, додека долготрајната изложеност се поврзува со предвремена смрт, срцеви удари, мозочни удари, хроничен бронхитис и рак на белите дробови.

Сè поголем број студии ја поврзуваат долготрајната изложеност на честички PM 2,5 со опаѓање на когнитивните способности, намалување на волуменот на мозокот и поголем ризик од деменција.

Многу лесно е да се заклучи дека поздрав воздух значи и поздрави луѓе. За тоа не се потребни меѓународни студии и врвни експерти: одамна дури и лаиците се свесни дека борбата против загадувањето повеќе не е „само“ еколошко прашање или прашање на комфор, туку и прашање на јавно здравје.

Сепак, истражувања како новата анализа за ризикот од Алцхајмер ни ја откриваат длабочината и сложеноста на проблемот, упатувајќи дека подобрувањето на квалитетот на воздухот може истовремено да биде и важна стратегија за превенција на деменција, особено кај постарите лица.

Извор: https://klima101.rs/