1011 hPa
66 %
9 °C
Скопје - Нед, 15.03.2026 08:59

Замислете дека фашистите, за кои верувавме дека сме ги поразиле засекогаш во средината на 20 век, во некој таен сеф, како завет за своите духовни потомци, оставиле рецепт како фашизмот повторно да се направи голем. Што би пишувало во тој рецепт?
Во воведниот дел би ја опишале стратегијата за копирање на левицата. Почнете со напади на одметнатиот капитализам. Препишете ги левичарските аргументи на сметка на корумпираниот финансиски сектор и централните банки што го поддржуваат. Потоа критикувајте го изборниот систем во кој две фракции на истиот олигархиски режим се менуваат на власт и функционираат како една иста партија.
Потоа нападнете ја државата што му служи на големиот бизнис. Истовремено повторувајте ги неолибералните мантри. Претставете се како до неолиберализмот да држите повеќе од Маргарет Тачер и Роналд Реган заедно. Прогласете ги државните службеници за неработници што живеат на сметка на работничката класа. Така ќе ги скарате вработените во јавниот и во приватниот сектор.
За да го зацврстите движењето, обидете се да ги обедините жртвите на неолиберализмот со луѓето што сè уште чуваат убави спомени од времето на Тачер и Реган. За успешно да ги свртите против неолибералните центристи, погрижете се оние што ги граделе своите политички кариери трудејќи се да ја кастрираат левицата – лидери како поранешниот британски премиер Тони Блер и поранешниот американски претседател Бил Клинтон, како и партиите што ги трансформирале – да ги прикажете како марксисти. За дополнително да го зајакнете сојузот ветете враќање во некоја имагинарна златна доба. Пејте славопојки за национална преродба што бара декадентната буржоазија и предавничката левица да бидат поразени.
Пред сè, не ја потценувајте моќта на култот на расната чистота. Никој, се разбира, не е „чист“, сите сме мешани. Но луѓето лесно можете да ги доведете во состојба на френетична возбуда ако нивните градови ги прикажете како места што ги окупираат опасни странски елементи (американскиот претседател Доналд Трамп го преферира зборот „штетници“) и им ветите дека ќе ги исчистите нивните заедници од нечистотијата што се шири како вирус.
.jpg)
Како „нечиста чума“ можат да послужат Евреите, муслиманите, транс лицата – која било група што може да се стигматизира со мали вложувања. За тоа е потребно душите на обесправените да ги заразите со морална паника и да ги уверите дека ќе бидат заменети со луѓе што имаат уште помалку од нив. Потоа ветете им дека ќе ги направите „повторно“ големи.
Додека новата фашистичка коалиција добива облик, додајте доза мизогинија, со ветување дека големиот водач – мудриот татко – ќе ја доведе куќата на нацијата во ред. Исто така, не заборавајте да нагласите дека белите мажи денес не можат да ги одржат во живот ни сопствените домови и за тоа обвинете ги „разбудените“ феминистки, но никако не ги спомнувајте вистинските причини (мерките за штедење, станбените политики и огромните кратења во јавното образование и јавното здравство).
Наместо тоа, понудете едноставен општествен договор: ние ќе се грижиме за вас и ќе ви го вратиме достоинството. За возврат ќе ни дадете апсолутна власт за да се ослободиме од оградите на либералната држава, да го прочистиме телото на нацијата, да посегнеме по посреќно минато и да ви го вратиме чувството на моќ и надмоќ.
Секако, објаснете дека тоа не е еднократна, краткорочна трансформација. Нацијата прикажете ја како баталјон во воена зона, каде што непослушноста и поинаквото мислење се егзистенцијална закана за телото на заедницата. Објавете дека вашето движење планира процес на трајна милитаризација на општеството и побарајте огромен буџет за одбрана.
Истовремено, денунцирајте ја либерално-левичарската банда и нејзината опсесија со светска влада. Објаснете дека вашиот план пред сè е одвраќање, но покажете дека војската ќе биде подеднакво способна да ја заштити државата и нејзините нови електрични огради од домашни „терористи“ како и од надворешни непријатели.
За да се приклучите на коалициска влада, или да формирате сопствена, искористете го фактот дека конзервативците и центристите повеќе се плашат од левичарите отколку од фашистите. Поддржете го ултранационализмот за да ги прикриете своите нацистички корени и да се направите поприфатливи. Склучете сојуз со нив, искористете ја нивната заблуда и уверувањето дека во борбата за поддршката на нацијата секогаш можат да ве победат со својата поблага верзија на фашизам. Кога ќе се почувствуваат сигурни, оттурнете ги, преземете контрола и испратете ги во истиот логор (во можеби малку поудобни ќелии) во кој го испративте левичарскиот џган од кој толку се плашеа.
.jpg)
Кога ќе се дограбате до власта, најпрво забранете влез на мигранти (сите освен белите супрематисти од пропаднатите држави на апартхејдот). За да покажете дека сте сериозни во најавите за лов на највалканите маргиналци, објавете дека постојат само два рода. Изградете преторијанска гарда од маскирани мажи што ќе ловат луѓе по улиците и ќе ги испраќаат во концентрациони логори во земјата или во виртуелни колонии и окупирани земји во странство. За да демонстрирате неограничена моќ, испратете јуришни одреди во големите градови за таму да пукаат и да го тероризираат населението.
Зад кулисите влезете во сојуз со финансиските и технолошките олигарси што ги напаѓавте додека бевте во опозиција. Испратете избран технолорд и неговите помошници во канцелариите на државните органи за таму да спроведуваат Gleichschaltung, нацистичката политика на отпуштање вработени во јавниот сектор, и инсталирајте послушници што ќе набавуваат лични податоци на граѓаните за потребите на идниот надзор и контрола. Помилувајте ги своите сојузници од затвор, напаѓајте ги универзитетите, преземајте ги културните центри и искористете ги судовите за прогон на оние што се спротивставуваат.
Како најважно, добро подгответе се за денот кога гласачката база ќе го изгуби трпението гледајќи како вашите ветувања се топат во какофонијата на збогатување на владејачката класа, истата онаа што требаше да ја зауздате. Кога ќе дојде тој момент, мора да се свртите кон геополитичка верзија на стратегијата „плавење на зоната“. Излезете од мултилатералните организации. Раскинете ги склучените договори. Уништете сè што останало од меѓународното право. Војните за промена на странски режими наречете ги со вистинското име: империјални освојувања. Уживајте во мачните демонстрации на неконтролирана моќ. Пред сè, продолжете со ескалацијата.
Ако на крајот сепак сè отиде по ѓаволите, не заборавајте зад себе да оставите ажурирана рецептура за некоја нова генерација фашисти. Зашто фашизмот нема да заврши во ропотарницата на историјата сè додека богатството на малкумина зависи од сиромаштијата на многумина.
.jpg)
Карикатури: Maarten Wolterink
Извор: https://www.project-syndicate.org/