1011 hPa
66 %
9 °C
Скопје - Нед, 15.03.2026 08:59

Еден обид за читање на „Стерна“ од Блаже Конески.
Оваа песна го привлекува вниманието на сите што пишувале за поетскиот опус на Конески и многубројни се критичарите кои се обидувале да навлезат во лавиринтите на нејзината скриена мисла. Привлечноста на оваа песна сведочи, несомнено, за поливалентноста на симболот што лежи длабоко запретан во нејзиниот корен, за мошне широкото подрачје на односи што тој го покрива и за бројните латентни значења што се ослободуваат од него при читањето на песната. Не претендирајќи да ги исцрпиме сите значења скриени во оваа песна, ние во овој текст го нудиме едното од можните нејзини читања.
Веднаш е забележливо дека песната има невообичаен испрекршен временски тек: таа, во својот поголем дел, е ретроспекција, но ретроспекција која во неколку навраќања наоѓа потпирка во сегашниот миг. Крајот на песната е пак сегашниот миг, со насетување на иднината. Лирскиот субјект на песната, Марко Крале, се сеќава за своите напори да го затвори отворот што води кон подземните длабочини во кои тече река понорница чии води се закануваат секој миг да излезат од подземјето, да се пробијат кон површината, уништувајќи сè на својот пат. И, откако ќе успее да го затвори отворот, тој сфаќа дека не ја отстранил опасноста: попречувајќи го патот на водата, тој направил таа да најде во него свој исполнител; противставувајќи и се, тој се идентификувал со неа. И сега, престорен во неа, тој треба да ги исполни нејзините разурнувачки намери.
Неколку елементи ја сочинуваат симболичната вредност на оваа ситуација: самата Стерна – отвор кој води кон подземниот свет, постојаната опасност од излегувањето на она што надојдува во неа и се обидува да се пробие надвор, ноќта како најпогодно време за таквите обиди, разурнувачката улога на водата, отпорот на машкиот лирски субјект кон таквиот развој на настаните и – конечно – неговата немоќ успешно да му се противстави. Но што прави тие елементи толку впечатливо да се спојат во една целина која во нас разбудува бројни резонанси, што се крие зад симболите употребени во песната, од кои древни преданија водат потекло и какви архетипски константи стојат зад нив? Каде лежат јазлите што ја поврзуваат состојбата на лирскиот субјект од оваа песна со длабочините на митските пра-ситуации? Како тука се остварува тој спој меѓу древните видови на доживување и толкување на светот и современиот сензибилитет? И што, всушност, се искажува низ тој спој?
.jpg)
(...)
Макар што во „Стерна“ на Конески ги имаме присутни речиси сите придружни елементи – пештерата, ноќта, водата – на едно женско божество на водата и плодноста, сепак се поставува прашање дали можеме оваа песна да ја врзуваме за еден вака насочен митолошки комплекс, бидејќи во неа не постои ништо што би сугерирало еден таков женски лик? Што ни дава право да ги упатиме нашите асоцијации кон Иштар, кон Персефона, кон божиците на Месечината и на плодноста?
Клучот за ваквото читање на „Стерна“ го дава, сепак, самиот поет. Ако појдеме од цитатот кој стои над песната и нè воведува во неа, и го побараме текстот на Цепенков од кој тој е земен и кој носи наслов „Предание на Охридското и Пелистерското Езеро и Марковата Стерна“, ќе видиме дека некои слики и ситуации од записот на Цепенков – кој можеме да го сметаме за појдовна инспирација за „Стерна“ на Конески – нè водат кон начинот на обликувањето на некои претстави сретнати во големите митови.
Еве го делот од тој текст кој прави така да мислиме:
„Местото кај што е денеска Орицкото езеро, во старо време било поле со најубави ливаѓе. Близу до градот Орид имало едно изворче, многу длабоко и направено како бунар со капак одозгора, да се заклопува како некоја кутија, што да нема влакно од кај да излези, нити да влези внатре. Градот Орид бил како некое село, и бидејќи немало во град чешма, па ни бунар, си леале вода од изворчето оридските жени; секоја жена што ќе залевала вода од изворчето, требало убаво да го затвори капакот. Не оти за да стои чии изворот, ами еден насиет, што му бил остаен на жените и на мажите од дедо – прадедо, да го затвораат изворот, оти, ако не го затвораат, ќе избрзни водата и ќе го удаи сето поле, можеби и селото.
Знаејќи оричани тој стар насиет, со голем мукает го отварале и го затворале изворот, чунки сите верувале оти, ако го остават отворен капакот, ќе избрзни водата, и за вистина тоа и нашло.
Од што се страшиш и се плашиш, – што рекле старите, да тоа ѝ нашло и комшиите наши – оричани. Се нашла една глупаа невеста што си залевала една вечер вода и од мрза, али од будалаштина не го затворила изворот со капакот. Штом се нашол изворот со отворен капак, и си изврел изворот од устината надвор, та си текол, текол целата ноќ и се исполнило сето поле; станало цело блато“.
.jpg)
Потоа преданието зборува за тоа дека луѓето ја барале жената која го оставила отворен изворот и „ја нашле која невеста била, ама што да ѝ направат, олди битти, тоа веќе се стори и не можело да се отстори“.
Жената од ова предание која ноќе го заборава изворот незаклучен па така предизвикува поплава и уништување е несомнено суштеството – тука веќе мошне оддалечено од првобитниот извор и затскриено со други мотиви – со кое митскиот начин на мислење од далечните векови сакал да ги изрази оние сили што низ ликовите на Инана, Иштар, Астарта некогашниот човек ги чувствувал како опасни и заканувачки. Детронизиранa и деминуирана, слезена – не како Инана во подземното царство на мртвите, туку во сивата рамнина на секојдневието – оваа „глупава невеста“ е сепак далечно, по малку деформирано ехо на дамнешните преданија во чиешто средиште стоела таинствената и страшна Божица, неразбирлива и немилосрдна во своите постапки. Споредбата на изворот со кутија, во текстот на Цепенков, отвора уште едно поле на асоцијации од оваа област, овој пат од грчката митологија – каде што Пандора со отворањето на „врчката“ (или, подоцна, кутијата) ги пушта низ светот неволјите, болестите и злaта.
Жената во овој древен начин на мислење е симбол на ирационалното, несвесното, нагонското. Таа е носителка на женски принцип кој во себе ја содржи ноќната, непредвидлива страна на човекот, неговата склоност на миговното препуштање на поривите. Противставен на машкиот, дневен, рационален пристап кон светот, женскиот принцип во размерите на оваа симболика е олицетворение на инстинкт чија сила, ослободена од контрола, е способна да стане демонјачна, да надојде како прилив кој ги разурнува човечките вредности што се долго градени и внимателно чувани. Отворањето на браната пред инстинктите ослободени од одамна поставените забрани раѓа во секого паника: ние не знаеме каде може да нè однесе бранот на нагло надојдените и миговно ослободени чувства, бликнат од длабочините на несвесното, отпуштен со сета сила на порој.
.jpg)
(...)
Поради тоа, „Стерна“ на Конески можеме да ја читаме и како песна за копнежот на современиот човек по слободата на нагонскиот живот, по животворните врутoци на емоционалната енергија која може да ги оплоди сивите рамнини на секојдневието донесено до бесплодност поради сувиот рационализам, но и како песна за неговото стравување пред привлечната моќ што лежи како искушение во вид на препуштање на нагоните, како песна за сфаќањето на ризикот кој се крие во отворањето на браните пред надојдените подземни сили на несвесното. Нагонoт насочен кон разурнување, кој на крајот на песната се вселува во лирскиот субјект, ја покажува својата отпорност и неуништивост. Поетот како да сака да рече дека тој лежи во секого од нас, скриен, чекајќи ја својата ноќ, својот миг. Никој – вели поетот – не е заштитен од тој темен повик, тој може да стаса до секого. Од темнината на Стерната бие студениот ветер на несознајното, нè допира здивот на неименливото. Низ отворот на Стерната води пат кон никогаш докрај достасливите тајни, кон длабочините на нас самите.
Спојувајќи го националното и универзалното, древното и современото, Конески во „Стерна“ успеал на вечните симболи да им даде нов сјај, на прастарите митови да им даде нова привлечност. Допирајќи многубројни одредени облици на гледање и на чувствување на светот, Конески одбрал меѓу нив еден во чиј што облик можел да смести своевидни и нови толкувања и содржини кои докоснуваат и го возбудуваат и човекот на нашето време.
(Влада Урошевиќ, Алки што се надоврзуваат, книга шеста, 2005).
.jpg)
Слики: WANDA KOOP