1011 hPa
66 %
9 °C
Скопје - Нед, 15.03.2026 08:59

Во ладниот син самрак на две збиени улички во Камден Таун, продавницата на аголот, кондиторската, тлееше како догорче од цигара. Или, веројатно подобро кажано, како догорче од огномет, зашто светлото беше многубојно и мешовито, прекршено од мноштво џамлаци и разиграно на многу позлатени и китнести торти и слатки. На вжарениов излог беа прилепени носињата на многуте џаболебарчиња, зашто чоколадите без завиткани во оние црвени, златни и зелени метални бои што се речиси подобри и од самото чоколадо; а огромната бела свадбена торта во излогот истовремено се чинеше ем недостижна, ем соблазнителна, небаре целиот Северен пол се сторил десерт. Ваквите божилачки дразби природно го собираа младежот од маалото на возраст до десет или дванаесет години. Но, ќошево беше привлечно и за „постариот“ младеж, па така еден младич, не повеќе од дваесет и четири годишен, беше загледан во истиов стаклен излог. И за него продавницата поседуваше огнен чар, но оваа привлечност не се објаснуваше целосно со чоколадите; кои, сепак, далеку од тоа дека ги презираше.
Тој беше висок, корпулентен, црвенокос младич, со непоколеблив, но со млитав нарав. Под рака носеше едно рамно, сиво портфолио од црно-бели скици кои ги продаваше со поголем или помал успех на издавачи уште откако вујко му (кој беше адмирал) го беше лишил од наследството заради социјализмот, односно заради едно предавање кое го одржал против таа економска теорија. Името му беше Џон Трнбул Ангус.
Најсетне влезе, премина низ кондиторската продавница до задната просторија, којашто беше еден вид ресторан за печива и одмерено ја подигна шапката кон младата дама која служеше. Таа беше една темнокоса, елегантна, бодра девојка во црно, со румена боја и сосем брзи, темни очи; и по вообичаениот интервал му пристапи во собичката во внатрешноста да му ја запише нарачката.
Нарачката му беше вообичаена. „Ќе ве замолам“, рече прецизно, „една земичка од половина пени и една шолјичка црно кафе.“ И таман пред да се заврти девојката, додаде: „А да, сакам и да се омажите за мене.“
Младата дама од продавницата зачас се стаписа и одговори: „Такви шеги не дозволувам.“
Црвенокосиот младич ги подигна сивите очи од неочекуваната строгост.
„Вистина“, рече, „ова е сериозно – исто толку сериозно колку и земичката од половина пени. Скапо е, како земичката, човек плаќа за неа. И несварливо е, како земичката. Боли.“
Темнокосата млада дама не ги спушти темните очи од него ни за миг, но се чинеше дека го проучува до степен на трагична студиозност. На крајот од набљудувањето покажа привидна насмевка и седна на едно од столчињата.
„Не мислите ли“, забележа Ангус отсутно, „дека е донекаде сурово да ги јадеме земичкиве од половина пени? Можеби ќе нараснат во земички од цело пени. Ќе се откажам од ваквите дивеења кога ќе се земеме.
.jpg)
Темнокосата млада дама се подигна од столчето и зачекори кон прозорецот, очигледно во состојба на силна, но не и бесчувствителна замисленост. Кога најпосле одново се заврти со доза на решителност, се вомјази кога здогледа дека младичот внимателно беше сложил на масата разни предмети од излогот. Меѓу нив имаше пирамида од бонбони со дречливи бои, неколку чинии со сендвичи и две срчи полни со мистериозните Порто и Шери кои се карактеристични за слаткарите. На средина од уредниот аранжман ја имаше внимателно подредено џиновската бела шеќерна торта којашто беше најголемиот украс на џамот.
„Што правите, добога?“ праша таа.
„Должност, драга моја Лора“, започна тој.
„Господе Боже, ама чекајте малку“, извика таа, „и не ми зборувајте така. Мислам, што е сето ова?“
„Свечен оброк, г-це Хоуп.“
„А што е она?“ праша нестрпливо, со прстот вперен кон шеќерната планина.
„Свадбената торта, г-ѓо Ангус“, одговори тој.
Девојката измаршира до артиклот, го отстрани со голема врева и го врати во излогот; потоа се врати и елегантно залактена на масата одново го одмери младичот не со презир, туку со значителна раздраженост.
„Не ми давате време за да размислам“, рече таа.
„Не сум јас нетокму“, одговори тој; „туку такво ми е рисјанското воспитување.“
Уште заѕверена во него, одеднаш ја обзеде значителна сериозност зад насмевката.
„Г-не Ангус“, рече сталожено, „пред да ислушам уште една минута од овие бесмислености, морам накратко да ви кажам нешто за себе.“
„Повелете“, одговори Ангус заинтригирано. „Којзнае, можеби ќе чујам нешто и за себе.“
„Соберете си го јазикот и послушајте ме“, го прекина. „Не е ништо од што се срамам, дури не е ниту нешто поради што ми е особено жал. Но што би ми рекле доколку знам нешто што не е моја работа, а сепак ми претставува кошмар?“
„Чим е таква работата“, сосредоточено одговори господинот, „предлагам да ја вратите тортата.“
„Mора прво да ја ислушате приказната“, настојуваше Лора. „За почеток, морам да ви кажам дека татко ми го поседуваше ноќевалиштето наречено „Ред Фиш“ во Ладбери, а јас ги служев луѓето во гостилницата.“
„А баш се чудев“, се надоврза господинот, „од каде рисјанскиов дух во кондиторскава продавница.“
„Ладбери е една заспана, тревеста дупкичка на истокот, па единствениот вид луѓе кои доаѓаа во „Ред Фиш“ беа повремените трговци, а останатите беа најлошите луѓе што сте ги виделе, освен што не сте ги виделе. Мислам на мали, флегматични луѓе кои едвај имаа за да преживеат и немаа попаметна работа отколку да се налактат на некој шанк во бар и да се обложуваат на коњи, во лоши облеки коишто сепак беа предобри за нив. Дури и ваквите млади вагабонти не беа честа појава во нашата гостилница; но имаше двајца кои беа честа појава – и тоа појава во секоја смисла на зборот. И двајцата живееја со свои пари и беа заморно статични и прекумерно дуздисани. А сепак ми паѓаше жал за нив, бидејќи делумно верувам дека во нашето празно меанче си најдоа прибежиште затоа што и двајцата имаа мали деформитети; нешто за што некои простаци знаат да се исмеваат. Не беше баш ниту деформитет, туку повеќе како еден вид очуденост. Едниот од нив беше изненадувачки мал човек, нешто како џуџе, или барем како јавач. Сепак, наизглед не оддаваше никаков впечаток на јавач; имаше тркалезна црна глава и добро поткастрена црна брада, светли очи небаре птичји; ѕвечкаше со паричките во џебовите; тропкаше со долгиот синџир од златниот часовник; и никаде не се појавуваше освен ако не беше господски дотеран. Иако навидум бескорисен безделничар, не беше будала; беше љубопитно бистар во работи кои не му користеа ни за лек; да импровизира со магиски трикови; да запали петнаесет шкорчиња како огномет; или пак да исече банана или нешто слично во облик на танцувачка кукла. Името му беше Исидор Смит; и уште ми е пред очи, со малото темно лице, како доаѓа до касата со скокачки кенгур изделкан од пет пури.
.jpg)
„Другиот ортак беше покроток и пообичен; но некако ме обеспокојуваше далеку повеќе од кутриот мал Смит. Беше многу висок, тенок и светлокос; носниот мост му беше висок, дури во одредена мера можеше да се смета и за згоден; но имаше еден од најзастрашувачките шашливи погледи кои сум ги видела или за кои сум чула. Кога ќе ве погледнеше право, дури ни вие самите не би знаеле каде се наоѓате, а камоли во што гледа тој. Чинам дека ваквата изобличеност малку го имаше огорчено кутриот младич, затоа што додека Смит беше подготвен да се исперчи со своите мајмунски трикови насекаде, Џејмс Велкин (така се викаше кривогледиот човек) не правеше ништо друго освен што киснеше во меанскиот салон и одеше на долги прошетки сам низ рамните сиви предели. Слично, мислам дека и Смит беше по малку чувствителен што беше толку ситен, иако подостоинствено се носеше со тоа. И така се случи еднаш да бидам навистина збунета, ем преплашена, а богами и да ми падне жал, кога и двајцата ми понудија да се омажам за нив во истата недела.
„И така, направив нешто што оттогаш наваму ми се чини доста непромислено. И покрај сè, чудациве ми беа пријателчиња на свој начин, па така ме обземаше ужас од нивната помисла дека сум ги одбила поради вистинската причина, односно поради фактот што беа толку несекојдневно грди. Така што, измислив некоја безумност, дека не сум сакала да се омажам за некој кој се` уште се нема докажано во светот. Реков дека мојот принцип е таков што не сакам да живеам од пари што се наследени, како нивните. Два дена откако го имав овој добронамерен разговор, започнаа сите перипетии. Веднаш разбрав дека и двајцата отишле да си ја бараат среќата, безмалку како од некоја наивна бајка.
„Обајцата ги немав видено од тој ден до денес. Но, добив две писма од ситниот човек по име Смит кои беа навистина возбудливи.“
„Чувте некој абер за другиот човек?“ запраша Ангус.
„Не, тој никогаш не пиша ништо“, одговори девојката, по кратка двојба. „Првото писмо на Смит беше чисто колку да ми каже дека заедно со Велкин тргнале пеш до Лондон, но дека Велкин бил толку вешт во пешачење, што малиот човек се откажал и застанал да пододмори крај патот. Случајно го прибрал некој патувачки ансамбл, што заради тоа што бил џуџе, што заради тоа што, бистар каков што е, бргу се пробил во шоу-бизнисот и наскоро го пратиле во Аквариумот да изведува некакви трикови што сега не ми текнуваат. Тоа беше првото писмо од него. Второто беше далеку позапрепастувачко и го добив минатата недела.“
Човекот викан Ангус ја испразни шолјичката за кафе и ја одмери со питом и трпелив поглед. Устата ѝ се подзакриви од смеа и продолжи, „Сигурна сум дека сте ги виделе рекламните паноа со слоганот „Тивката служба на Смит“? Или мора да сте единствениот што нема слушнато за ова. Не знам многу околу ова, некаков механички изум е за вршење на домашните работи со помош на машини. Знаете, онакви: „Притиснете копче – батлер кој никогаш не пие.“ „Завртете ја рачката – десет куќни помошнички кои не флертуваат.“ Мора да сте ги виделе рекламите. Е па, какви и да се машиниве, прават куп пари; и тоа му прават пари на малиов итрец кој го запознав во Ладбери. Убаво ми е на душичкава што кутрото човече застанало на здрави нозе, но факт е дека живеам во страв дека ќе се појави во секој момент и ќе ми каже дека се докажал во светот – како што несомнено и направил.“
„А другиот човек?“ повтори Ангус настојчиво, но смирено.
.jpg)
Лора Хоуп одеднаш се покрена на нозе. „Пријателе“, рече, „Баш сте прониклив. Да, сосема сте во право. Немам видено ни ред пишан збор од другиот маж, не знам каде е, што е, и не ми преостанува друго, освен да помислам дека е мртов. Но, од него сум уплашена. Тој ми е закачен на трагот. Тој ме има избезумено. Навистина мислам дека ме има споулавено, затоа што го имам осетено каде што не би можел да биде, и му го имам слушнато гласот кога не би можел да збори.“
„Тогаш, драга моја“, весело рече младичот, „таман и да бил Сатаната лично, толку е од него, затоа што сега имате кажано некому за ова. Човек спобудалува кога е сам, девојче драго. Туку, кога мислите дека го почувствувавте и слушнавте нашиот кривоглед пријател?“
„Го слушнав Џејмс Велкин како се смее јасно како што ве слушам сега како говорите,“ смирено одговори девојката. „Немаше никој, затоа што стоев токму пред продавничката на аголот и имав добар видик на двете улички истовремено. Имав заборавено како се смееше, иако смеењето му беше подеднакво чудно како и шашливиот поглед. Немав помислено на него речиси цела година. Но чесен збор, само неколку секунди подоцна пристигна првото писмо од неговиот ривал.“
„Дали некогаш од ова привидение измамивте изговорен збор или писок, или што било?“ заинтригирано запраша Ангус.
Лора одеднаш се стресе, а потоа со успокоен тон рече, „Да. Токму кога бев завршила со читањето на второто писмо од Исидор Смит во коешто го обзнанува својот успех. Баш тогаш го чув Велкин како вели, „Тој не смее да те има.“ Беше сосем јасно, небаре беше во собата. Престрашно е, мора да сум луда.“
„Да бевте навистина луда“, се надоврза младичот, „ќе мислевте дека сте нормална. Но, бездруго ми се чини дека постои нешто по малку сперливо кај овој невидлив господин. Две глави се поумни од една – ќе ве поштедам од алузии кон други органи и навистина, ако ми дозволите, како еден практичен и разумен човек, да ја вратам свадбената торта од прозорецот-“
На средина од реченицата, однадвор од улицата се слушна челичен писок од моторно возило коешто со пеколна брзина забрмчи накај вратата од продавницата и се закотви тука. Во истиот секавичен момент еден малечок човек со светнат шешир затупоти во предната просторија.
Ангус, кој до овој момент шеретски се дистанцираше од ментално-хигиенски причини, го покажа душевниот немир со тоа што нагло зачекори од задната просторија и се соочи со новодојденецот. Еден краток поглед кон него беше сосем доволен за да се потврди бруталното претпоставка на заљубен човек. Оваа прилично дотерана, но џуџеста фигура, со шилестата црна брада непристојно зафрлена нанапред; бистрите немирни очи; уредните, но прилично треперливи прсти, не можеше да биде никој друг, туку човекот кој штотуку му беше опишан: Исидор Смит, кој правеше кукли од лушпи од банани и од кутии од кибритчиња; Исидор Смит, кој имаше заработено милиони од трезни батлери и од метални куќни помошнички кои не флертуваат. За момент двајцата мажи, инстинктивно разбирајќи ги своите мотиви, се загледаа еден во друг со онаа љубопитна, ладна широкоградост којашто е сржта на секое ривалство.
.jpg)
Сепак, г-динот Смит воопшто не алудираше на основната причина на нивниот антагонизам, туку просто и експлозивно запраша: „Го видела ли г-ца Хоуп она на излогот?“
„На излогот?“ повтори заѕверениот Ангус.
„Нема време за објаснување на подробностите“, кратко одговори кусиот милионер. „Овде се случуваат одредени будалаштини кои мора да се истражат.“
Со исполираниот бастун покажа кон излогот, штотуку осиромашен од свадбените аранжмани на г-динот Ангус; па господинот беше вчудовиден што на предната страна од стаклото гледа долга лента залепена хартија, што секако не беше на прозорецот кога погледна низ него пред малку. Следејќи го темпераментниот Смит надвор кон улицата, откри дека метар и половина самолеплива хартија била внимателно прилепена на стаклото однадвор, а на неа во раштркани, нерамномерни букви напишано „Ако се омажиш за Смит, ќе го убијам.“
„Лора“, воскликна Ангус, нурнувајќи со големата вцрвенета глава во продавницата, „Вие не сте биле луда.“
„Ракописот е на ортакон Велкин“, отсечно рече Смит. „Го немам видено со години, но дерман немам од него. Пет пати во последниве две недели ми остава заканувачки писма во мојот стан, и не можам ниту да дознам кој ги остава, а камоли дали е лично Велкин. Портирот на зградата се колне дека не видел никакви сомнителни ликови, а овде типов ми залепил некакво соопштение веднаш над долната опшивка на стаклениот излог, додека луѓето во продавницата – “
„Баш така“, скромно се надоврза Ангус, „додека луѓето во продавницата си ужинаат. Е па, господине, ве уверувам дека навистина го ценам вашиот здраворазумен и директен пристап кон решавање на оваа загатка. За останатите работи можеме да зборуваме потоа. Типот не може да биде многу далеку, зашто се колнам дека немаше хартија онаму кога последно го видов прозорецот, пред десет-петнаесет минути. Од друга страна пак, предалеку е да го бркаме, зашто не го знаеме ниту правецот. Ако ме послушате, г-не Смит, веднаш ќе ја доверите оваа работа во рацете на некој енергичен истражител, приватен наместо јавен. Знам еден исклучително бистар човек, на пет минути е одовде ако одиме со вашето возило. Името му е Фламбо, и иако младоста му беше бурна, сега е строго чесен човек, и акалот злато му вреди. Живее во Лакнау Меншнс, Хампстед.“
„Чудно“, возврати нискиот човек и ги засводи црните веѓи. „Јас живеам во Хималаја Меншнс, веднаш зад аголот. Сакате ли да дојдете со мене; јас ќе појдам до дома да ги спастрам налудничавиве писанија од Велкин, а вие ќе можете да отрчате до вашиот пријател детектив.“
„Одлично размислувате“, учтив беше Ангус. „Тогаш, колку порано се фатиме за работа, толку подобро.“
Двајцата мажи, со левтерна и спонтана учтивост, љубезно се испратија со госпоѓицата и скокнаа во брзото количе. Додека Смит го зграпчи воланот и сврте на големиот свиок на улицата, вниманието на Ангус му го привлече гигантскиот постер од „Тивката служба на Смит“, со слика од една огромна безглава железна кукла којашто држеше тенџере и натпис, „Готвач кој никогаш не се лути.“
„Ги користам и кај мене дома,“ забележа кусото црнобрадо човече низ смеа, „делумно за реклама, делумно од практични причини. Најискрено, рака на срце, моиве гломазни механички кукли навистина знаат да ми донесат јаглен, винце или тефтерче побрзо од кои било живи слуги кои ги познавам, ако знаете кое копче да го притиснете. Но, ова меѓу нас кажано, не одрекувам дека таквите слуги си имаат и свои фалинки.“
„Навистина?“ – се зачуди Ангус. „Постои ли нешто што не можат да направат?“
„Да“, – ладно возврати Смит. „Не можат да ми кажат кој ги оставил оние заканувачки писма во мојот стан.“
.jpg)
Количето на господинот беше мало и агилно како него; всушност, исто како и неговата домашна служба, таа беше негов изум. Иако шарлатан, беше од оние кои си веруваат во својата стока. Чувството дека нешто толку малечко се движи толку молневито брзо беше сè понагласено со секој долг, бел свиок од патот што го совладуваа во мртвата, но отворена квечерина. Набрзо белите свиоци вртоглаво се заострија, па преминаа во едно кружно воздигнување, како што велат во современите религии. И навистина, создаваа своевидно гребенесто ќоше од Лондон речиси подеднакво стрмно како Единбург, но не и толку живописно. Се редеа тераси врз тераси, сè додека истакнатата кула што ја бараа не се издигна над сите до безмалку египетска височина, позлатена од ниското зајдисонце. Промената што настана откако го свртеа аголот и навлегоа во искривената во лак улица позната како „Хималаја Меншнс“ беше нагла како отворање на прозорец; зашто увидоа купишта згради истопорени над Лондон како врз зелено камено пространство. Отспротива од палатите, на другата страна од чакалната кривулеста улица, се наоѓаше еден грмушесто обвиен простор, повеќе налик на шилеста жива ограда или насип отколку градина, а пак малку подолу по должина течеше вештачка вода, нешто како канал или прокоп на таа обрасната тврдина. Како што возилото шишна по лакот, на аголот одмина една осамена тезгичка на која еден човек продаваше костени; а пак веднаш на другиот крај од лакот, Ангус здогледа еден полицаец во темносино како чекори бавно. Ова беа единствените човечки фигури во таа висока приградска осама, но тој имаше некој неразумен сомнеж дека тие ја изразуваа неизговорената поезија на Лондон. Ги сметаше за ликови во приказна.
Автомобилчето се исправи пред точниот објект како куршум и го исфрли неговиот сопственик како граната. Веднаш фати да распрашува еден висок вратар во сјајна униформа и еден кус портир во куси ракави дали виделе некого или нешто како се мотка пред неговиот дом. Го уверија дека никој и ништо не поминало покрај овие службеници откако последно ги беше испитал; по што тој и помалку збрканиот Ангус се зададоа по лифтот кој ги лансираше до самото поткровје како ракета.
„Влезете на минутка“, едвај, без здив изусти Смит. „Сакам да ви ги покажам писмата од Велкин. Потоа можете да тркнете зад аголот и да го донесете пријателот.“ Притисна на едно копче прикриено во ѕидот и вратата сама се отвори.
Пред нив беше едно долго, пространо претсобје, каде што единствените предмети што бодеа очи, народски кажано, беа редовите од високи, получовечки механички фигури кои стоеја исправено од обете страни како кројачки кукли. Исто како и кројачките кукли – беа безглави; и исто како кројачките кукли, имаа симпатични потполнки во рамената и гулапски издадени гради; но ако го занемариме ова, не прилегаа на човечка фигура ништо повеќе од која било автоматска машина со човечка големина. Имаа две големи куки наместо раце за носење на послужавници во грашок-зелена, јарко-црвена или пак црна боја за да отскокнуваат; во секоја друга смисла беа само автоматски машини на коишто никој не би фрлил поглед двапати. Барем не во оваа прилика. Зашто помеѓу двата реда од овие домашни кукли лежеше нешто далеку поинтересно од сета механика на светот. Тоа беше едно бело, искинато хартивче ишарано со црвено мастило што итриот изумител го беше зграпчил само што се отвори вратата. Веднаш, без збор, му го предаде на Ангус. Всушност, црвеното мастило сè уште не беше ни исушено, а пораката гласеше, „Ако си бил денес да ја видиш, ќе те убијам.“
Настана краткотрајна тишина, а потоа Исидор Смит мирно проговори, „Сакате малку виски? Оти јас сакам.“
„Ви благодарам; јас сакам малку Фламбо да дојде“, намуртено одговори Ангус. „Оваа работа ми делува дека станува мошне загрижувачка. Веднаш ќе појдам да го донесам.“
„Во право сте“, рече соговорникот со доза на веселост. “Донесете го овде најбрзо што можете.“
Но, додека Ангус ја затвораше влезната врата, зад него го забележа Смит како притиска едно копче, а еден од механичките изуми се помести и се излизга по еден жлеб на подот, носејќи послужавник со сифон и преточник. Навистина имаше нешто чудно во тоа што ситниот човек остана сам меѓу тие мртви слуги кои оживуваа со затворањето на вратата.
.jpg)
Шест чекори подолу од пребивалиштето на Смит, човекот во кошула со засукани ракави работеше нешто со кофа. Ангус подзастана за да изнуди ветување од него, поткрепено со соодветно подмитување, дека ќе остане на тоа место сè до враќањето со детективот и дека будно ќе следи ако пријде некој странец до скалите. Потоа, итајќи кон главниот влез, на сличен начин го предупреди на претпазливост и вратарот на предната врата, од кого ја дозна олеснителната околност дека нема заден влез. Како и ова да му се чинеше недоволно, па го пресретна и рашетаниот полицаец и го убеди да застане спроти влезот и да го набљудува; а најпосле за миг подзапре за да си купи костени за едно пени и попат да го распраша трговецот колку долго планира да се задржи во маалото.
Продавачот на костени, поткревајќи ја јаката од капутот, му одговори дека набргу ќе си оди, зашто мислеше дека ќе заснежи. И навистина, вечерта стануваше сè посива и сè поостра, но Ангус, со сета негова речитост, продолжи да го задржува костенџијата на тезгата.
„А да си се загреете на костениве ваши“, решително му предложи. „Да си ја изедете целава тура; ќе се потрудам да ви се исплати. Ќе ви дадам цела фунта ако ме почекате тука дури не се вратам, а потоа и да ми кажете дали некој маж, жена или дете влегле во зградана каде што стои вратарон.“
Потоа отсечно си замина и фрли еден последен поглед кон опседнатата кула.
„Што обрач стегнав околу просторот“, си рече на себе. „Не можат сите четворица да се соучесници на г-динот Велкин.“
Лакнау Меншнс беа, така да речеме, на една пониска платформа на тој рид со згради на којшто Хималаја Меншнс можеа да се наречат врв. Полу-службениот стан на Фламбо се наоѓаше на приземје и на секој начин претставуваше драстичен контраст во споредба со американската машинерија и студениот луксуз налик на хотел од станот на Тивката служба. Фламбо, кој му беше пријател на Ангус, го пречека во едно рококо уметничко сопче зад канцеларијата, украсена со сабји, кубури, источни сувенири, плоски со италијанско вино, гломазни тенџериња, една пердувеста персиска мачка и еден малечок прашлив римокатолички свештеник, кој особено двоеше од опкружувањето.
„Ова е мојот пријател, отец Браун“, го претстави Фламбо. „Колку пати сум сакал да ве запознам со него. Што убаво време надвор; додуша ладничко за јужњак како мене.“
„Да, мислам дека ќе остане чисто“, рече Ангус, седнувајќи на отоманот со виолетови линии.
„Не“, тивко возврати свештеникот, „само што започна да снежи.“
И навистина, само што спомна, првите неколку снегулки, предвидени од костенџијата, се нанесоа на затемнетиот прозорец.
.jpg)
„Е па“, со тежина започна Ангус. „Дојден сум за една работа, и тоа скокотлива работа. Факт е, Фламбо, дека во непосредна близина на вашиов дом е еден човек кому очајно му е потребна вашата помош; непрекинато е под прогон и закана од еден невидлив непријател – злобник кој никој никогаш не го видел.“ И додека Ангус фати да ја раскажува целата историја за Смит и Велкин, почнувајќи од приказната на Лора, па продолжувајќи со неговата, па морбидното смеење на аголот од двете празни улици, чудните јасни зборови изговорени во празната просторија, Фламбо стануваше сè позагрижен, а малечкиот свештеник се чувствуваше изоставено, небаре е парче мебел. Кога стана збор за лепливата хартија со шкртаниците залепена за излогот, Фламбо стана и ја исполни собата со широката снага.
„Ако не ви пречи“, рече, „мислам дека е подобро да ми го раскажете останатото додека одиме по најкраткиот можен пат до домот на овој човек. Некако имам чувство дека немаме време за губење.“
„Их, со задоволство“, одговори Ангус во станување, „иако сега-засега е на безбедно, бидејќи поставив четворица да го надгледуваат единствениот приод до неговото живеалиште.“
Излегоа на улицата, а ситниот свештеник завлекуваше зад нив со послушност на кутре. Прокоментира весело, чисто колку да се најде во муабет, “Колку брзо се фаќа снегов на тлото.“
Како што чекореа по стрмните, споредни улички веќе попрскани со сребро, Ангус доврши со својата приказна; а кога стигнаа до лакот со високи згради, го потсмири здивот и го насочи вниманието кон четворицата стражари. Костенџијата, и пред и откако си ја доби фунтата, тврдоглаво се колнеше дека ја набљудувал вратата и не видел ниеден посетител како влегува низ неа. Полицаецот беше уште поубеден. Изјави дека имал искуство со секакви никаквеци, во шешири и во партали; не бил толку зелен за да помисли дека сомнителните типови изгледаат сомнително; внимавал на сите, и жими сè најмило, немало никој. А кога сите тројца се насобраа околу накитениот вратар, кој се смешкаше на тревникот, пресудата беше дотолку зацврстена.
„Имам право да прашам кој било, дали бил војвода или измеќар, што бара кај овие згради“, срдечно рече џинот со златни врвки, „и ви се колнам дека никого немам прашано откако господинов си замина.“
Неважниот отец Браун, кој се држеше настрана, скромно загледан во тротоарот, тука се осмели кротко да запраша, „Значи, никој не бил нагоре-надолу по скаливе, откако почна да паѓа снегот? А започна додека сите бевме кај Фламбо.“
„Никој немаше тука, господине, ви давам збор“, рече службеникот со непоколеблив авторитет.
„Тогаш, се прашувам што е ова?“ возврати свештеникот и се заѕвери во земјата како риба.
И останатите се загледаа надолу; а Фламбо жестоко воскликна и гестикулираше по француски. Зашто беше несомнено вистинито дека по средина на влезот што беше чуван од човекот во златни врвки, или пак поточно помеѓу арогантните, расчепатени нозе на тој колос, се оцртуваше долгнавеста низа од сиви стапки втиснати на белиот снег.
„Боже!“ извика Ангус неконтролирано, „невидливиот човек!“
Без да изусти ни збор повеќе, се заврти и јурна нагоре по скалите, со Фламбо веднаш зад него; но отец Браун сè уште стоеше загледан околу него на снежно-покриената улица како да го имаше загубено интересот во потрагата.
.jpg)
Фламбо очигледно беше решен да ја сруши вратата со широките рамена; но Шкотланѓанецот, повеќе со разум, отколку со интуиција, фати да ја напипува рамката сè додека не го пронајде невидливото копче, по што вратата бавно се заниша и се отвори.
Во суштина се покажа истиот натрупан ентериер; ходникот се беше стемнил, иако тук-таму беше прошаран со последните алови снопови од зајдисонцето, а една-две од безглавите машини беа поместени поради оваа или онаа причина, па стоеја раштркано во самрачената просторија. Зеленото и црвеното од палтата им беше потемнело во приквечерината, а нивната човеколикост се зголеми поради отсуството на форма. Но, на средина меѓу сите нив, токму каде што лежеше листот со црвеното мастило, сега лежеше нешто налик на истурено црвено мастило од шише. Освен што не беше црвено мастило.
Со францускиот сплет на разум и насилство, Фламбо просто извика „Убиство!“ и, нурнувајќи се во станот, го истражи секое ќоше и креденец за пет минути. Но, ако очекуваше да најде труп – до тоа не дојде. Исидор Смит не беше во станот, ниту жив, ниту мртов. По најтемелното можно пребарување, двајцата мажи се сретнаа во влезниот ходник со испотени лица и очи вперени еден во друг. „Пријателе“, возбудено рече Фламбо на француски, „не само што вашиов убиец е невидлив, туку и жртвата ја сторил невидлива.“
Ангус фрли поглед низ просторијата полна кукли и од некој келтски агол од неговата шкотска душа го полазија трпки. Една од куклите во природна големина токму ја засенуваше дамката од крв, повикана, веројатно, од убиениот неколку мигови пред да се струполи. Една од куките која служеше како рака, поставена високо во рамото, беше малку подигната, па Ангус наеднаш го обзеде страотната помисла дека кутриот Смит бил покосен од сопственото железно чедо. Безживотната материја се побунила, па машините си го убиле својот господар. Но, дури и да е таков случајот, што сториле со неговото тело?
„Го изеле?“ му прошепоти кошмарен глас в уво, па на часот му се слоши од сликата дека во внатрешноста на таа безглава машинерија се напикани распарчени човечки останки.
Му требаше поприлично труд за да си го поврати менталното здравје, по што му се обрати на Фламбо: „Ете. Кутриот испарил како облак и оставил црвен траг на подот. Приказнава не припаѓа на овој свет.“
„Постои само едно нешто што може да се направи“, возврати Фламбо, „без разлика дали припаѓа на овој или на оној свет. Морам да слезам и да позборувам со мојот пријател.“
.jpg)
Слегоа, одминувајќи го човекот со кофата, кој повторно ги увери дека не дозволил да влезе ниеден натрапник, до вратарот и до костенџијата-денгубец, кои непопустливо одново ги уверија во својата будност. Но, кога Ангус со погледот ја бараше четвртата потврда и не можеше да ја најде, панично извика, „Каде е полицаецот?“
„Проштевајте“, се надоврза отец Браун, „јас сум виновен за тоа. Тукушто го испратив по патот за да истражи нешто што мислам дека вреди да се истражи.“
„Нека се враќа овде што е можно побрзо“, испрекинато говореше Ангус, „зашто кутриот човек горе не само што е убиен, туку е и збришан.“
„Како?“ запраша свештеникот.
„Оче,“ рече Фламбо задржано, „ви се колнам во душава дека ова е повеќе во ваш домен, отколку во мој. Ниту пријател, ниту непријател нема влезено во зградава, а Смит го нема, небаре самовили го грабнале. Ако тоа не е натприродно, тогаш...“
Додека ги слушаа неговите зборови, наеднаш пред нив ги пресече една необична глетка; крупниот син полицаец се појави од аголот зад лакот, сиот растрчан. Дотрча право до Браун.
„Во право сте, господине“, збревтано изусти, „само што го пронајдоа телото на кутриот г-дин Смит долу во каналот.“
Ангус се фати за глава во неверување. „Отрчал до долу и се удавил?“ запраша.
„Не дошол до долу, ви се колнам“, одговори полицаецот, „и не е удавен, затоа што умрел од силен бодеж во срцето.“
„И покрај тоа не сте виделе никој да влезе внатре?“ – рече Фламбо со сериозен глас.
„Ај да поодиме по патчето“, предложи свештеникот.
Кога го достигнаа другиот крај од лакот, нагло забележа, „Ама сум глупав! Заборавив да го прашам полицаецот едно нешто. Се прашувам дали пронашле светлокафена вреќа.“
„Зошто светлокафена вреќа?“ со чудење запраша Ангус.
„Затоа што ако вреќата беше во која било друга боја, случајот ќе мора да започне одново“, одговори отец Браун; „но, ако вреќата била светлокафена, тогаш случајот е затворен.“
„Што убаво звучи“, со срдечна иронија возврати Ангус. „Случајот не е ни започнат, ако јас се прашувам.“
„Мора сè подробно да ни раскажете“, рече Фламбо зачудено и простодушно како дете.
.jpg)
Без да сетат, забрзано чекореа по долгата извивка од патот кон другиот крај од високиот лак со отец Браун на чело, чекорејќи бодро, а сепак тивко. Најпосле, со речиси шармантна неодреденост рече, „Ќе помислите дека е толку прозаично. Секогаш започнуваме од апстрактниот крај на нештата, а не можете да ја започнете оваа приказна од ниедно друго место.
„Сте забележале ли дека луѓето никогаш не ви одговараат на она што го кажувате? Тие одговараат на она што го мислите – или на она што чинат дека го мислите. Да речеме дека една дама ѝ вели на друга дама во некоја раскошна вила, „Престојува некој со вас?“ - втората дама нема да одговори со „Да; батлерот, тројцата служители, куќната помошничка, и така натаму“, иако помошничката можеби се наоѓа во собата, или пак батлерот е веднаш зад нејзината столица. Таа вели „Никој не престојува со нас,“ во смисла никој на кого вие алудирате. Но, да претпоставиме дека одреден доктор кој испитува епидемија запраша, „Кој престојува во куќата?“ тогаш дамата ќе се сети на батлерот, на куќната помошничка и на останатите. Сиот јазик се користи се користи така; никогаш не ви се одговара буквално на прашањето, дури и тогаш кога ви се одговара вистинито. Кога оние четворица искрени мажи рекоа дека никој не влегол во објектот, тие не мислеа дека навистина никој не влегол таму. Туку дека никој кој би можел да биде осомничен дека е човекот кого го барате. Некој влегол и излегол од зградата, но тие не му обрнале внимание.“
„Невидлив човек?“ потпраша Ангус подигнувајќи ги црвените веѓи. „Ментално невидлив човек“, одговори отец Браун.
По минута или две, продолжи со истиот ненаметлив глас, како човек кој си ги разбиструва мислите. „Се разбира дека не помислувате на таков човек, сè додека не помислите на таков човек. Тука доаѓа до израз неговата итрина. Но јас помислив на него по две или три малечки детали од прикаската што ни ја раскажа г-дин Ангус. Најпрво, фактот дека Велкин сакал долги прошетки. Потоа, листот на излогот. А најмногу од сè, ми останаа в мисли две работи што ги кажа младата госпоѓица – работи што не може да бидат вистинити. Не се вознемирувајте,“ побрза да се дообјасни, бидејќи го забележа наглото движење на главата на Шкотланѓанецот; „таа мислела дека се вистинити. Не можела да биде навистина осамена на улицата кога фатила да го чита писмото кое штотуку го добила. Мора да имало некој во нејзина непосредна близина; мора да бил мисловно невидлив.“
„Зошто би имало некој во нејзина близина?“ запраша Ангус.
„Затоа што“, одговори отец Браун, „ ако ги изземеме гулабите-писмоносци, некој мора да ѝ го донел писмото.“
„Навистина сакате да кажете“, енергично запраша Фламбо, „дека Велкин ѝ ги носел писмата од својот соперник на дамата?“
„Да“, потврди свештеникот. „Велкин ѝ ги носел писмата од својот соперник на дамата. Кога ќе согледате, морал така.“
„Доста ми е веќе од ова“, експлодира Фламбо. „Кој е типов? Како изгледа? Како се облекува еден мисловно невидлив човек?“
„Дотеран е многу убаво во црвено, сино и златно“, брзо и прецизно одговори свештеникот, „и во овој впечатлив, дури и пренагласен костум, влегол во Хималаја Меншнс при осум човечки очи; ладнокрвно го убил Смит и слегол на улицата со мртвото тело во раце -“
„Пречесен оче“, извика Ангус, закопан вземи, „Вие сте надвор од умот или јас?“
„На место ви е умот“, одговори Браун, „само ви е малку заспан. Не сте забележале ваков еден човек, на пример.“
Направи три брзи чекори нанапред и ја положи раката на рамото од еден обичен поштар кој забрзано и незабележано ги беше поминал, потпомогнат од сенката од дрвјата.
„Никој не ги забележува поштарите“, замислено продолжи, „а сепак и тие си имаат опсесии како и сите други, па дури и носат големи вреќи каде што многу лесно може да се смести малечок труп.“
Поштарот, наместо природно да се заврти, се наведна и се сопна од градинската ограда. Беше слабичок човек со руса брада и сосема обичен изглед, но во мигот кога го зафрли вцрвенетото лице преку рамо, тројцата мажи се стаписаа од речиси ѓаволската шашливост.
*
Фламбо им се врати на сабјите, пурпурните теписи и персиската мачка, водејќи грижа за многу работи. Џон Трнбул Ангус ѝ се врати на госпоѓицата од продавницата, со која немарниот младич продолжи да си кова бајковити планови. Но отец Браун чекореше по снежно-покриените ридови под ѕвездите со часови со убиецот, а што си рекоа еден на друг никогаш нема да дознаеме.
.jpg)
Превод: Игор Сретеновски
Фотографиите се од филмот The Invisible Man (James Whale, 1933)