1011 hPa
66 %
9 °C
Скопје - Нед, 15.03.2026 08:59

Во четвртокот, на 19 февруари, во главниот град на САД своите први чекори ги направи нова, исклучително контроверзна меѓународна организација: Одбор на мирот под директно покровителство на американскиот претседател Доналд Трамп. Фокусот на вашингтонскиот самит на новоформираната организација беше ставен на завршувањето на војната во Појасот Газа.
Самите палестински претставници, па и оние предвидени со Трамповиот „мировен план“ – како палестинскиот Национален комитет за управување со Газа – беа во втор план. За судбината на Газа и на цела Палестина одлучуваа лидерите на 27 држави членки на Одборот, вклучително и Израел, Турција и мнозинството заливски монархии.
Состанокот резултираше со неколку значајни, но и донекаде бизарни одлуки. Претседателот Трамп се обврза да донира десет милијарди долари на Одборот на мирот, но не е сосема јасно како планира да ја обезбеди таа сума без консултации со американскиот Конгрес. Уште девет членки на Одборот заедно ветија дека ќе вложат седум милијарди долари во фондот за обнова на Газа.
Сепак, сè уште не е познато На ншто и како конкретно ќе се троши тој паричен износ. Најмногу внимание привлече основањето на Меѓународните стабилизациски сили (ИСФ), кои наскоро треба да бидат распоредени во Појасот Газа со цел негова демилитаризација.
Новоименуваниот командант на овие „мировни сили“ во формирање, генерал-мајор на американската војска Џаспер Џеферс, најави дека ИСФ ќе брои околу 20 илјади војници, со дополнителни 12 илјади полицајци во помошна улога. Само пет земји досега се согласија да учествуваат во воениот аспект на ИСФ: Индонезија, Мароко, Казахстан, Албанија и Косово.
Турскиот министер за надворешни работи, Хакан Фидан, потврди дека и Анкара е подготвена да ја ангажира својата војска во Газа, но со оглед на сè поизразениот геополитички судир помеѓу Турција и Израел, тешко е да се очекува дека турската понуда ќе биде прифатена. Египет и Јордан се обврзаа да обучуваат помошни полициски сили, кои треба да бидат регрутирани од редовите на палестинското население.
Албанскиот премиер Еди Рама се истакна како еден од најжестоките застапници на Трамповата „мировна мисија“ во Газа. Рама својата подготвеност за активно учество во ИСФ ја најави уште кон крајот на јануари, при средбата со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Ерусалим. Раминото додворување кон Трамп е директно поврзано со настаните на Балканот: албанскиот премиер го искористи вашингтонскиот состанок на Одборот на мирот за да упати критика за судењето на поранешниот косовски претседател Хашим Тачи пред судот за воени злосторства во Хаг.
.jpg)
Состанокот на Трамповиот одбор предизвика големи контроверзии и во Европската унија. Иако само две членки на Унијата – Унгарија и Бугарија – официјално му пристапија на одборот, неколку европски држави присуствуваа на вашингтонскиот состанок во својство на набљудувачи.
Сепак, најголем дипломатски скандал предизвика појавувањето на Дубравка Шуица (ХДЗ/ЕПП), актуелна комесарка на Европската комисија за Медитеранот. Шуица во Вашингтон замина по налог на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и на состанокот на Одборот на мирот учествуваше во својство на набљудувачка.
Одлуката ЕК да испрати каков било делегат во Вашингтон наиде на остри критики од оној дел од европската политичка сцена кој смета дека ЕУ не смее да им дава легитимитет на меѓународните проекти на Трамп – особено на оние што можат да му послужат како средство за спротивставување на Обединетите нации.
Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро на Икс објави дека Шуица „никако не смеела да присуствува на состанокот на Одборот на мирот во Вашингтон“, бидејќи за тоа не добила мандат од Советот на Европската унија. Клубовите на пратеници на социјалдемократските, либералните и зелените партии во Европскиот парламент исто така упатија критика на сметка на посетата на Шуица на САД; владејачката Европска народна партија не им се придружи.
Шуица околу своето учество на вашингтонскиот состанок во понеделникот на 24 февруари, беше испрашувана од шефовите на дипломатиите на земјите членки на ЕУ, при што се правдаше дека само „одблиску ја следела расправата“. Со тоа уште еднаш излезе на виделина неусогласеноста на надворешната политика на ЕУ. Очигледно е дека многу држави членки – па и самиот политички врв на Унијата – не се осмелуваат отворено да им се спротивстават на фикс-идеите на американскиот претседател.
Иако западните дипломати се преполни со зборови на грижа за настраданото население во Газа, не е веројатно дека Трамповиот Одбор на мирот ќе ја запре агонијата на палестинскиот народ. Само од потпишувањето на „примирјето“ во октомври 2025 година Израел уби неколку стотици цивили во Појасот Газа и продолжи илегално да зазема сè поголеми делови од Западниот Брег. Со оглед на повеќе од пријателските односи меѓу Трамп и Нетанјаху, тешко е да се очекуваат какви било позитивни промени.
.jpg)
Карикатури: Antonio Rodríguez
Извор: https://www.portalnovosti.com/