Лудилото во цивилизацијата (1)

27.02.2026 12:05
Лудилото во цивилизацијата (1)

 

Лудилото во цивилизацијата? Зарем лудилото само по себе не е негирање на цивилизацијата? Просветителските мислители, најпосле, обично тврдеа дека разумот е способност што ги разликува човечките битија од ѕверовите. Ако е така, тогаш јасно е дека безумието е она што почива отаде тие граници и во одредена смисла одговара на точката во која цивилизираните стануваат диви. Лудилото не е во цивилизацијата, туку е нешто сосема надвор од неа и што ѝ е туѓо.

Меѓутоа, кога ќе се размисли подобро, нештата не се толку едноставни. Парадоксално, лудилото не постои само како спротивност на цивилизацијата, или исклучиво на нејзините рабови. Напротив, тоа е една од централните теми за уметниците, за драматичарите, раскажувачите, композиторите, теолозите, лекарите и научниците, да не споменуваме колку блиску нè допира речиси сите нас — било преку нашите сопствени средби со нарушувањата на умот и чувствата, било преку оние на членовите на семејството и пријателите. Значи, лудилото на важни начини е неизбришлив дел од цивилизацијата; тоа не е сместено надвор од неа. Тоа е проблем кој упорно ги опседнува нашата свест и нашиот секојдневен живот. Затоа едновремено е и гранично и сè само не гранично.

Лудилото е вознемирувачка тема, тема чии тајни уште нè збунуваат. Губењето на разумот, чувството на отуѓеност од здраворазумскиот свет за кој ние останатите замислуваме дека го населуваме , разорното емоционално превирање кое напаѓа некои од нас и не ги пушта: тоа е дел од нашето заедничко човечко искуство низ вековите, во сите култури. Безумието ја опседнува човечката имагинација. Тоа воодушевува и застрашува во исто време. Малкумина се имуни на неговите ужаси. Упорно нè потсетува колку кревка понекогаш може да биде нашата власт над реалноста. Тоа му пркоси на нашето чувство за самите граници на она што значи да се биде човек.



Мојата тема е лудилото во цивилизацијата. Нивниот однос и нивните сложени и многустрани меѓусебни влијанија се она што овде имам намера да го истражам и расчистам. Зошто се занимавам со лудилото? Станува збор за поим наизглед застарен, кој дури привикува некаква закоравена бездушност спрема страдањата на оние кои сме научиле да ги нарекуваме ментално болни, недоделкан збор кој истовремено е стигматизирачки и навредлив. Нанесувањето дополнителни маки на луѓето, засилувањето на стигмата која ги обвиткува со векови, ни оддалеку не е мојата намера. Болката и маката што губењето на умот им ги носи на неговите жртви, на нивните сакани и општеството во целина е нешто што никој кој се среќава со оваа тема не може и не смее да го игнорира и омаловажува. Тука почиваат некои од најдлабоките облици на човечкото страдање — тагата, изолацијата, отуѓеноста, маката и смртта на разумот и свеста. Затоа уште еднаш, и овој пат поупорно: зошто не се одлучувам за некој помек израз — ментално заболување или душевно растројство, да речеме — наместо намерно да го користам зборот кој го согледавме како погруб, лудило?

Психијатрите, авторитетите кои денес ни се доделени за разоткривање на тајните на менталните патологии, употребата на таквите изрази често ја сметаат за провокација, отфрлање на науката и нејзините благослови, за кои тие тврдат дека им служат како примери. (Зачудувачки, токму од таа причина, „лудило“ е збор кој пркосно го усвојуваат оние што гласно ги отфрлаат тврдењата на психијатријата и ја одбиваат одредницата „психијатриски пациент“, давајќи му предност на тоа да бидат нарекувани „преживеани после психијатриски третман“.) Според тоа, дали мојот избор на наслов и терминологија е перверзен или е знак дека, како некои влијателни автори — покојниот Томас Сас (Thomas Szasz), на пример — менталната болест ја сметам за мит? Никако.

Сметам дека лудилото — крупните и трајни растројства на умот, интелектот и чувствата — е феномен кој може да се најде во сите познати општества, кој поставува длабоки предизвици, како од практична така и од симболичка природа, пред општественото ткиво и пред самиот поим за стабилен општествен поредок. Тврдењето дека сето тоа е работа на општествени конструкции или ознаки, е романтичарска бесмислица, односно бескорисна тавтологија. Оние кои го губат надзорот над своите емоции, било меланхолични или манични; оние кои со нас не ја споделуваат здраворазумската реалност што повеќето од нас ја забележуваат и менталниот универзум кој го населуваме; оние кои халуцинираат или изнесуваат тврдења за своето постоење за кои луѓето околу нив заклучуваат дека се бунило; оние кои дејствуваат во длабок несклад со конвенциите и очекувањата на својата култура и гајле им е за вообичаените корективни мерки што нивната заедница ги презема за да ги поттикне да запрат; оние кои изразуваат крајности на екстраваганција и неповрзаност, или кои го прикажуваат гротескно соголениот душевен живот на дементните: тие се јадрото на оние кои ги сметаме за безумни, тие се личностите кои со милениуми ги сметале за луди или биле означувани со некој аналоген израз.



 

Зошто пишувам историја на „лудилото“, а не на „душевната болест“? Зошто да не се нарече историја на психијатријата? На таквите прашања имам едноставен одговор. Таквата „историја“ не би била историја. Имам намера да расправам за соочувањето на лудилото и цивилизацијата во текот на повеќе од два милениуми. Во најголемиот дел од тоа време, лудилото и неговите сродници — умоболност, безумие, растроеност, манија, меланхолија, хистерија и слично — биле поими во општа употреба, не само меѓу масите или дури и образованите слоеви, туку универзално. Неспорно е дека „лудилото“ не било само секојдневен израз кој се користел за соочување со безумието, туку и термин усвоен од лекарите кои тежнееле да го толкуваат неговото пустошење во природонаучна рамка, а понекогаш и да ги лекуваат растроените. Дури ни првите „доктори за луди“ (оти тие така се нарекувале и како такви биле познати за своите современици) не се двоумеле да го користат тој збор; тој се одржал во учтивиот говор, покрај другите изрази како што се безумие и умоболност, речиси низ целиот деветнаесетти век, постепено станувајќи јазично табу.

Што се однесува до „психијатријата“, тој збор почнал да се појавува дури во деветнаесеттиот век во Германија. Жестоко го отфрлале Французите (на кои им бил подраг нивниот израз aliénisme) и англофонскиот свет, кој првично, како што нафрлив во претходниот пасус, лекарите специјализирани за постапување со луѓе ги нарекувал „доктори за луди“ (mad-doctors). Дури подоцна, кога двосмисленоста и имплицитниот презир — омаловажувањето отелотворено во тој израз — почнале да се чинат претерани, прото-професијата прифатила, без јасна преференција, цела низа алтернативи: „управител на азил за умоболни“, „медицински психолог“ или (во знак на согласување со Французите) „алиенист“. Единствената ознака која англофонските специјалисти за душевни растројства не можеле да ја поднесат и против чија употреба се бореле сè до првите години на дваесеттиот век (кога тоа конечно стана претпочитан термин), била „психијатар“.

Пошироко земено, појавата на самосвесна и организирана група професионалци кои полагале право на надлежност над менталните растројства и кои за тоа свое полагање право добивале одредено општествено овластување, во многу нешта е феномен на периодот од деветнаесеттиот век па натаму. Лудилото сега главно се гледа низ медицинска призма, а јазикот на кој психијатрите му даваат предност стана официјално одобрен медиум преку кој повеќето (иако не сите) зборуваат за тие прашања. Но тоа е исход на историска промена и, во пошироката слика, релативно нов развој на настаните. Создавањето такви професионалци, нивниот јазик и интервенциите за кои тие се одлучуваат, се феномени за кои ќе расправаме и ќе се обидеме да ги проникнеме. Но тие не се и не треба да бидат наша појдовна точка.

Значи, појдовната точка е лудилото, а тоа е збор со чие разбирање дури и денес малку кој има потешкотии. Дополнителна предност на употребата на тие прастари зборови е што тие релјефно истакнуваат уште една многу важна карактеристика која чисто медицинскиот фокус ја занемарува. Лудилото има многу пошироко значење за општествениот поредок и културата чиј дел сме, а има и одглас во светот на книжевноста, уметноста и религиските верувања, како и во научниот домен. Тоа често подразбира и стигма, а стигмата била и остана вреден аспект за жалење на она што значи да се биде луд.



 

Дури и во наше време, конечните одговори за таа состојба остануваат недофатливи, како порано. И самите граници кои ги делат лудите од здравите се предмет на спор. Американското психијатриско здружение, чиј Дијагностички и статистички прирачник (DSM) постигна глобално влијание во голема мера поради своите врски со психофармаколошката револуција, го подложува своето „свето писмо“ на навидум бескрајно повторување и преиспитување. Но и покрај разните настојувања да се постигне решение, DSM останува заплеткан во контроверзи, дури и во највисоките дострели на професијата. Зависно од тоа како се пресметува, прирачникот поминал веќе низ својата петта или седма ревизија, а објавувањето на неговото најново издание го одложуваат години расправии и јавни полемики во врска со неговата содржина. Како што неговите списоци на дијагнози и „болести“ се шират, така разноразните настојувања околу разликувањето сè поголем број типови и подтипови душевни растројства почнуваат да изгледаат како внимателно маскирана игра на измислици. Најпосле, наспроти многуте тврдења дека причината за менталната болест е во фаличната биохемија на мозокот, во недостигот или вишокот на овој или оној невротрансмитер, дека е производ на генетиката и дека еден ден можеби ќе доведе до врска со биолошки маркери, етиологијата на повеќето ментални болести останува нејасна, а нивното лекување главно е симптоматско и со дискутабилна ефикасност. Оние кои страдаат од сериозни психози сочинуваат редок општествен сегмент чиј очекуван животен век се намали во последниот четврт век — што е впечатлив показател за јазот меѓу претензиите и ефектите на психијатријата. Во таа арена, ако не и во која било друга, уште не сме научиле да ја одредиме границата меѓу природата и општеството.

Опцијата дека лудилото треба да се препушти исклучиво на грижата на лекарите имаше одредени успеси — најизразено во поглед на терцијарниот сифилис, страшно растројство кое на почетокот на дваесеттиот век беше причина за можеби 20 проценти од хоспитализациите на мажи во умоболниците. За жал, медицината е немоќна пред многу други аспекти на лудилото. Наспроти повремените жестоки прогласи кои го кажуваат спротивното, корените на шизофренијата и тешките депресии остануваат обвиени со тајна и збрка. Бидејќи ниту какви било рендгенски зраци, ниту каква било магнетна резонанца и лабораториски пребарувања не овозможуваат оваа личност недвосмислено да ја прогласиме за луда, а онаа за здрава; границите помеѓу умот и безумието остануваат променливи и несигурни, спорни и противречни.

Кога современите дијагностички категории и психијатриски поими ги проектираме наназад во минатото, се изложуваме на огромни ризици од погрешно толкување на историјата. Во ретроспективна дијагноза не можеме со сигурност да се впуштиме дури ни во случај на болести чија современа реалност и идентитет ни изгледаат многу посигурно воспоставени отколку шизофренијата или биполарното растројство — да не ги споменуваме многуте други спорни психијатриски дијагнози. Набљудувачите во поранешните времиња го забележувале она што тие го сметале за релевантно, а не она што ние можеби би сакале да го знаеме. Освен тоа, манифестациите на лудилото, неговите значења, неговите последици, каде се повлекува границата помеѓу здравјето и болеста — тогаш и сега — сето тоа се нешта на кои длабоко влијае општествениот контекст во кој безумието се појавува и се скротува. Контекстот е важен и ние не можеме да го достигнеме архимедовското гледиште од никаде, отаде разните пристрасности на денешницата, од коешто на неутрален и непристрасен начин би можеле да ја истражуваме историската заплетканост.

Лудилото и на други начини се протега надвор од дофатот на медицината. Тоа останува извор на трајна фасцинација на писателите и уметниците, како и на нивната публика. Романи, биографии, автобиографии, драми, филмови, слики, скулптури — во сите тие и во други подрачја безумието подеднакво ја опседнува имагинацијата и се појабува на моќни и непредвидливи начини. Сите обиди да се ограничи и опфати, да се сведе на некоја единствена суштина, изгледаат осудени на неуспех. Лудилото постојано нè провоцира и збунува, нè плаши и воодушевува, нè предизвикува да ги испитуваме неговите двосмислености и неговото пустошење. Мојот приказ ќе тежнее кон тоа на психолошката медицина да ѝ го даде она што ѝ припаѓа, но не повеќе од она што ѝ припаѓа; во него се нагласува колку далеку заостануваме од соодветното разбирање на причините за лудилото, а камо ли од делотворните одговори за страдањето што тоа го носи со себе; и согледува дека лудилото има општествено значење и важност кои ги фрлаат во сенка сите поединечни збирки на значења и пракси. Па, да започнеме.

(продолжува)

Кон вториот дел.


На петте слики е прикажан мотивот „Брод на лудаци“ - Jacob Jordaens, околу 1620 (насловна); Карневал во Нирнберг, Аноним, 1539; Hieronimus Bosch, детаљ, 1491; Sebastian Brant, 1549; Frans Francken Помладиот, околу 1630

Избор и превод: Тим Дисензус

Извор за текстот: Andrew Scull - Madness in civilization: a cultural history of insanity, from the Bible to Freud, from the madhouse to modern medicine (2015)

Фусноти

*Мислам дека е впечатливо што една од дефинициите за „здравиот разум“ [common sense] во Oxford English Dictionary гласи вака: „Дар на природна интелигенција кој го поседуваат рационалните битија; обично, нормално или просечно разбирање; едноставна мудрост која им е дадена на сите. (Тоа е ’здрав разум‘ во својата минимална смисла, оној без кој човекот е будалест или безумен.)“

*C.-K. Chang et al., 2011.; C. W. Colton i R. W. Manderscheid, 2006.; J. Parks, D. Svendsen, P. Singer i M. E. Foti (ур.), 2006. Во една студија се наведува дека стапката на самоубиства кај оние на кои им е дијагностицирана шизофренија е порасната за десет пати. Види D. Healy et al., 2006.

Проектот „Дисензус“ е активност поддржана во рамки на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој се имплементира од Хартефакт Фонд.
Содржината/изразените мислења никогаш не може да се толкуваат како ставови на Владата на Швајцарија и Хартефакт Фонд.

Слични содржини

Општество / Психологија / Живот / Теорија / Историја
Општество / Психологија / Живот / Теорија
Општество / Активизам / Живот / Теорија
Општество / Активизам / Теорија / Историја
Општество / Активизам / Теорија / Историја
Психологија / Живот / Теорија

ОкоБоли главаВицФото