1011 hPa
66 %
9 °C
Скопје - Нед, 15.03.2026 08:59

Ви се обраќаме во однос на срамното потпишување на Рамковниот договор за соработка меѓу Археолошкиот музеј на Република Македонија, Управата за заштита на културното наследство на Република Македонија и израелскиот завод за антиквитети, во израелскиот парламент во Ерусалим.
Во Вашата објава од 23 февруари 2026 година, гордо кажувате дека „Овој договор претставува повеќе од институционален чин — тој е стратешко партнерство засновано на доверба, знаење и заедничка посветеност кон заштита, истражување и презентација на археолошкото наследство.“
Настрана плиткоста изразена во непрофесионалната и неоснована еуфоричност на Вашата објава по повод потпишувањето на овој договор, принудени сме да Ви посочиме дека израел во светски рамки веќе е препознат како геноциден ентитет кој со децении активно, а во последниве години бескрупулозно и интензивно го ништи палестинскиот народ и неговото културно наследство. Оттука, секаков вид на соработка во доменот на науката, културата и историјата со овој геноциден ентитет е доказ за Вашата морална хипокризија и за отсуството на каков било научен и политички интегритет. Ова е дополнително поткрепено со Вашето бесрамно претставување во јавноста рамо до рамо со израелскиот министер за наследство и крајниот десничар Амичаи Елијаху, чиишто отворени изјави за изгладнување на Палестинците до смрт и за фрлање нуклеарна бомба врз Газа наидоа на строга осуда од меѓународната заедница.
Исто така, Ве потсетуваме дека како установи и институции на државата кои се застапници на културата, науката, историјата и образованието, имате должност да почитувате одредени одредби и закони, но и да сте во тек со моменталните воени операции и економски интереси во кои е инволвиран Вашиот таканаречен стратешки партнер. Од мноштвото факти ги издвојуваме следниве:
- Нашата држава е потписничка на Женевските конвенции. Според членот 53 од Протоколот I од Женевските конвенции, секое намерно уништување на културните објекти и храмови се смета за воено злосторство;
- Нашата држава ја има потпишано и ратификувано Хашката конвенција за заштита на културните добра во случај на вооружен судир; член 4 бара државите „[да се воздржат] од каков било непријателски чин, насочен против културни објекти“;
- Според извештаите на Палестинското министерство за култура, од почетокот на геноцидот во Газа до февруари 2024 година биле убиени 44 лица од областа на уметноста и културата, а околу 200 историски згради, вклучително и 12 музеи, биле оштетени или уништени;
- УНЕСКО прави тековна проценка на штетата предизвикана за време на израелскиот геноцид врз палестинскиот народ. УНЕСКО потврди дека во периодот од 7 октомври 2023 година до 20 јануари 2026 година е направена штета на 150 локации, односно на: 14 верски објекти, 115 згради од историски и/или уметнички интерес, 3 складишта на движен културен имот, 9 споменици, 1 музеј и 8 археолошки локалитети. Конкретни и детални информации ќе најдете тукa.
Со бесрамната одлука да потпишувате договори со институции на геноциден ентитет без притоа на каков било начин да ја поткрепите Вашата одлука со научна и политичка аргументација, го изгубивте својот кредибилитет, а со тоа и довербата на граѓаните. Затоа бараме:
- веднаш да се укинат потпишаните договори и меморандуми за соработка со израел;
- да се прекинат сите отпочнати проекти со институции од геноцидниот ентитет израел;
- да се даде јавен отчет за сите досега сработени проекти, со јасна и транспарентна евиденција на сите споделени материјали, како и отчет за карактерот на сите идни планирани соработки.
Инсистираме на итен одговор на нашите барања.
Доколку не нè удостоите со соодветен одговор, покрај јавната осуда и подбив, ќе се соочите и со јавен бојкот.
Викате дека „културното наследство останува наша заедничка одговорност.“ Ние бараме одговорност за вашите постапки.